Речиси половина од времето поминато на минатонеделниот брифинг со новинарите, премиерот Христијан Мицкоски го потроши говорејќи за шесте реформски закони од правосудството, кои требаше да бидат усвоени до јуни, за земјава да ги добие ветените пари од Брисел.
Крајот на годинава е новиот рок за нивно усвојување.
Мицкоски рече дека во тие закони нема измена што е „страшно реформска.“ „Со други зборови, бараат пари од Европската Унија, односно да бидат зголемени платите на оние што кај граѓаните уживаат 2 проценти доверба“, рече тој.
Истиот став го повтори уште еднаш во изјава за новинарите по што следуваше реакција од Здружението на судиите и соопштение од Здружението на јавните обвинители. Во нив не пишува на кого се однесува реакцијата, туку се појаснува дека буџетот за правосудството е утврден законски и дека судиите, обвинителите и службите имаат едни од најниските плати во Европа.
Покрај тоа, премиерот ја искритикува и одлуката да биде осудена на условна казна затвор, докторка од Онкологија, поради тоа што му ги отстапила печатите на директорот на Клинката за пациентите да добијат навремена услуга.
За тоа што значат овие изјави, разговаравме со Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалицијата „Сите за правично судење.“
БИРН: Премиерот изјави дека шесте реформски закони за правосудството што државава задоцни да ги усвои, претежно се однесуваат на повеќе пари што државата треба да ги издвојува за судовите и за Јавното обвинителство. Објаснувањето е дека судии и обвинители, со два проценти доверба, немаат право да бараат повисоки плати. Колку е точна оценката на премиерот дека овие закони се однесуваат само на платите на судиите и на јавните обвинители?
Aврамовски: Не е точна оценката дека реформските закони се сведуваат само на прашањето за плати и дека затоа се доцни. Дел од законите навистина содржат и одредби што се однесуваат на финансиската положба на судиите и јавните обвинители, но суштината и на тие закони е многу поширока.
Станува збор за усогласување со европските стандарди за независност на правосудството, подобрување на системот за одговорност, транспарентност во изборот и напредувањето, јакнење на Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, како и создавање услови за поефикасно и непристрасно работење.
Фокусот само на платите ја извртува суштината и остава впечаток дека реформата се сведува на лични привилегии, а не на суштински промени во системот. Воедно, голем дел од прашањата поврзани со финансиите најчесто се однесуваат на судскиот буџет во целина, што не значи автоматско зголемување на платите на судиите, бидејќи тие се уредени со друг закон.
БИРН: Здруженијата на судиите и јавните обвинители излегоа со соопштение и реакција на ваквите изјави на премиерот, но во нив директно не се посочува на што реагираат. Каков е вашиот впечаток за ваквата реакција на правосудната фела? Колку оваа реакција е соодветна?
Aврамовски: Впечатокот е дека реакцијата не е доволно фокусирана на суштината на проблемот, како и дека таа е недоволно јасна и принципиелна. Во моменти кога интегритетот на правосудството е под сериозен напад, па дури и кога премиерот јавно се осмелува да каже дека нема да го почитува законот согласно кој е определен неопходниот буџет за судската власт, потребно е реакцијата на фелата да биде појасна и поцврста.
БИРН: Како ги толкувате изјавите на премиерот и на политичарите, кои коментираат судски одлуки и јавно говорат дека се разочарани од тоа какви се казните во конкретни судски процеси? Колку таквите оценки и квалификации создаваат притисок врз судиите?
Aврамовски: Јавните изјави на највисоки политички функционери за конкретни судски одлуки, особено кога се изразува разочараност од висината на казните на неправосилни одлуки, создаваат притисок врз судиите, што може да биде проблематично, како за целокупната судска независност, така и за начелата на фер и правично судење во конкретните предмети.
Судството и онака е под притисок од ниска доверба и политизација, а ваквите пораки дополнително го хранат впечатокот дека судиите треба да одлучуваат според очекувањата на извршната власт наместо според доказите и законот. Такви неаргументирани оценки не придонесуваат за подобрување на квалитетот на пресудите, туку ја нарушуваат климата за независно судење и ја зголемуваат несигурноста кај судиите.
Сепак, најсоодветната превенција на ваквите коментари е квалитетно и аргументирано образложување на судските одлуки, особено за видот и висината на казната.