Откако хрватскиот суд го осуди српскиот паравоен командант, Драган Васиљковиќ, за воени злосторства, австралиските власти бараат начин да му го одземат пасошот на Австралија.
Свен Милекиќ, Загреб
Австралиските власти се обидуваат да најдат начин, врз основа на австралискиот закон за странски борци, да му го одземат пасошот на поранешниот паравоен командант, Драган Васиљковиќ, познат како Капетан Драган, објавија медиумите.
Весникот „The Australian“ објави дека високи владини службеници ја разгледуваат можноста, во случајот на Васиљковиќ, да го искористат законот, кој првично е усвоен со цел да се спречи враќањето на исламските радикалисти кои се бореле на Блискиот Исток во Австралија, како и можноста Министерството за имиграција да му го одземе пасошот.
Окружниот суд во Сплит во вторникот го осуди Васиљковиќ на 15 години затвор и го прогласи за виновен за воени злосторства извршени во 1991 година, над хрватски цивили и воени затвореници.
Бидејќи во екстрадицискиот притвор во Австралија и во истражниот затвор во Хрватска поминал речиси 11 години, неговите адвокати најавија дека ќе бараат негово предвремено ослободување, и дека ќе поднесат жалба на пресудата до Врховниот суд.
Според хрватскиот закон, сите осудени лица можат да бараат ослободување по истекот на две третини од казната, што значи дека Васиљковиќ наскоро би можел да биде ослободен.
Васиљковиќ, кој има и српски и австралиски пасош, наводно, изразил желба, по ослободувањето, да се врати во Австралија, но официјалните претставници на оваа земја сакаат да го спречат тоа.
Австралија го екстрадира Васиљковиќ, кој во оваа земја работел како инструктор за голф под името Даниел Снеден, во Хрватска, во 2015 година.
Во Австралија заминува како тинејџер, а во Југославија се вратил пред почетокот на конфликтот на деведесеттите години, кога властите во Белград во 1991 година го испратиле во Хрватска, да биде командант на центарот за обука на специјалната паравоена единица на Србија.
На судењето, тој негираше дека сторил воени злосторства и по сите точки од обвинението, се изјасни за невин.
Во своите завршни зборови, тој го окарактеризира судењето како политички мотивирано и “опресивно фашистичко прогонство”.