Регион

Австрија обвини навивачи на Динамо од Загреб поради нацистичко салутирање

Транспарент на навивачката група „Бед блу бојс“ на стадионот на Динамо во Загреб. Фото: Викимедиа комонс/Биз

Свен Милекиќ | БИРН | Сплит

Обвинителите на австрискиот град Салцбург, поднесоа обвиненија против 14 навивачи на фудбалскиот клуб Динамо од Загреб, жители на Австрија, Германија и Швајцарија, поради величање на профашистичкиот усташки режим и упатување на нацистичкиот поздрав.

Телевизијата Н1 во четврток објави дека Државното обвинителство на Салцбург поднело обвиненија против 14 лица, поради величање на хрватскиот профашистички усташки режим од Втората светска војна.

Според дневниот весник “Salzburger Nachrichten”, кој оваа вест ја објави во вторникот, обвинителството товари14 лица, за кои се верува дека се дел од познатата навивачка група на Динамо од Загреб, „Бед блу бојс“.

Се работи за мажи на возраст од 22 до 37 години, кои живеат во Австрија, Германија и Швајцарија. Десет од нив имаат хрватски пасоши.

Обвиненијата се покренати поради инцидентот што се случил во јуни 2015 година, кога обвинетите се собрале во една куќа во градот Халајн, во близина на Салцбург, каде што „го величеле како позитивно усташкото движење”.

На видео снимките и фотографиите до кои што обвинителството дошло, се гледаат обвинетите кои пеат усташки песни.

Тие се обвинети и за упатување на нацистичкиот поздрав по улиците на Салцбург.

За време на претресот на нивните домови, полицијата открила материјали кои ги величат усташите и нацизмот.

Обвинетите ги негирале обвиненијата, покренати врз основа на австрискиот закон, со кој националсоцијализмот е забранет.

Портпаролката на обвинителството, Барбара Фишер, за “Salzburger Nachrichten” изјави дека „усташката диктатура во своето јадро е копија, имитација на Третиот рајх на Хитлер“, која, исто така, донела расистички закони и илјадници луѓе затворила во логори.

Обвиненијата му се проследени на потврда на судот во Салцбург, кој ќе одлучи дали овој случај ќе добие судски епилог или не.

Инаку, во хрватскиот фудбал и претходно се бележат вакви слични инциденти, поврзани со нацизмот.

Во текот на натпреварот со Норвешка во март 2015, навивачите на стадионот Максимир во Загреб, извикуваа „За дом спремни“, слоган што се користел во Втората светска војна, во профашистичката Независна Држава Хрватска, НДХ.

Истиот слоган го извикуваше и хрватскиот фудбалер, Јосип Шимуниќ, по натпреварот со Исланд во ноември 2013 година, што доведе до негова суспензија на Светското првенство во Бразил.

Хрватските навивачи, во рамките на квалификациите за европското првенство, во јуни 2011 година, на натпреварот против Грузија во Сплит, носеа знамиња со кукести крстови.

Тие, исто така, формираа свастика со своите тела, на трибините на стадионот во Ливорно во Италија, во август 2006 година.