Поради недостиг од заштитна опрема, Ковид-19 се прошири низ медицинскиот персонал во една болница во североисточниот дел на Романија.
Со околу 100.000 жители, градот Сучава, лоциран во североисточна Романија, е 20 пати помал од главниот град Букурешт. Сепак, во него имаше најмалку двојно повеќе потврдени случаи на Ковид-19 – речиси 3.500, односно една петтина од сите случаи регистрирани во земјата.
Сѐ започна во болницата во овој град, каде тестирањата во март покажаа дека речиси 500 здравствени работници се позитивни на корона вирусот, поради што се воведе карантин во Сучава и во осум соседни општини.
Вината за ваквата ситуација се бараше во недостигот на заштитна опрема, проблем кој главно се решаваше со донации и со помош од граѓанското општество, пред војската да ја преземе одговорноста за болницата.
Јонут Баршан, еден од докторите во болницата, рече дека тврдењата на војската дека имало неискористена заштитна опрема оставена во магацинот биле целосно неточни.
Санда Марија Арделеану, професорка на Универзитетот „Штефан чел Маре“ од Сучава и поранешна членка на романскиот парламент, вели дека нејзиниот сопруг, кој е лекар во болницата, ѝ кажал за недостатоците.
„Кога се врати (од работа), го прашав каква заштитна опрема носи при амбулантските консултации и тој ми рече дека нема никаква заштитна опрема. Потоа ми рече дека се појавиле маска и некои ракавици“, вели Арделеану за БИРН. „Бев под голем стрес“, нагласува таа.
И кај Арделеану и кај нејзиниот сопруг подоцна било потврдено присуството на Ковид-19. Откако развиле сериозни симптоми и пневмонија, тие поминале три недели во болницата.
„За прв пат во животот имав чувство дека сум поразена како човечко суштество“, истакнува Арделеану.
„Не можев да направам ништо за мојот сопруг, тој не можеше да стори ништо за мене, децата не можеа да направат ништо, роднините, никој не можеше да стори ништо за нас“.
„Примав најсилни лекови против ХИВ-СИДА, што многу ме повреди“.
„Психолошки стрес“
Барсан, лекар кој работи во службата за итна медицинска помош, поминал 14 дена во изолација откако неговата сопруга била позитивна. Потоа тој се вратил на „фронтот“.
„Парадоксално, ние лекарите од итната служба имавме помал обем на работа споредено со претходно “, вели тој за БИРН.
„Предходно имав многу поразновидна патологија, а сега таа е многу поограничена, повеќе се однесува на заразниот дел. Генерално, обемот на работа е помал. Но најголемо оптоварување ни е психолошкиот стрес“.
За време на осумчасовната смена, кога се носи целосна заштитна опрема, нема време за пауза или за ручек.
Барсан нагласува дека најголемиот предизвик за пациентите и лекарите е да им се објасни на нивните деца дека не смеат да излегуваат надвор.
Откако војската ја презеде болницата, нејзиниот капацитет се зголеми за неколку стотици кревети, и таа служеше исклучиво за лекување на заразените со корона вирусот.
Ова создаде нови проблеми за пациентите со хронични заболувања, како оние што примаат дијализа, на пример. Тие беа пренесени во други болници, како и бремените жени.
Во Романија, Сучава е град познат по трговските центри. Се вели дека има најмногу квадратни метри трговска површина по глава на жител. Сега Сучава стана позната по мрачна статистика. Од снимките што беа направени со дрон првиот ден од изолацијата можеше да се види напуштен, речиси замрен град. Со ретки исклучоци, никој не смееше да влезе или да излезе од него. Полицијата и војската го контролираа движењето.
Жителите можеа да ги напуштат своите домови само со писмена изјава во која се наведува причината за движењето. Во спротивно следеше парична казна до 4.500 евра.
Властите немаа начин да проверат дали наведената причина е вистинита, но се чинеше дека граѓаните ги следеа правилата и излегуваа од дома само кога тоа им беше апсолутно неопходно.
Автор: Константин Даниел Зузеак