Регион

Белград ќе ги смени имињата на улиците, кои потсетуваат на Југославија

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Белград . Фото: Фликр; Денис Џарвис

Властите во Белград планираат да ги сменат повеќето имиња на улици, кои потсетуваат на места во поранешните југословенски републики, каде „Србија не се почитува“, пренесуваат српските медиуми.

Според весникот „Вечерње новости“, измените ќе започнат со улиците кои носат имиња на места во Хрватска, Словенија и во Босна и Херцеговина.

Весиќ наглаи дека измените се „прашање на реципроцитет“.

„Со имињата на улиците или спомениците, главниот град ја претставува целата земја. Затоа денес во Белград голем број улици се именувани по географски поими од републиките на поранешна Југославија“, изјави Весиќ за „Вечерње новости“.

„Не е нормално во Белград да имаме улица Хрватска, Загорска, Загребска или Задарска“, додаде тој.

Всушност, Белград веќе ја нема улицата Загребска. Во 2014 година, таа беше преименувана во улица „Коча Поповиќ“, по поранешниот партизански командант и висок југословенски функционер.

„Вечерње новости“ наведува дека ќе бидат сменети и имињата на улиците Поречка, Сплитска, Беловарска и Шибенска, кои носат имиња на градови во Хрватска, потоа Љубљанска, Мариборска, Цељска и Бледска, именувани по градови и езеро во Словенија и улицата Зеничка, именувана по град во централна Босна и Херцеговина.

Улицата Загорска, именувана по регион во северна Хрватска, ќе биде преименувана во улица „Благоја Јововиќ“, човекот кој во 1957 година пукаше во хрватскиот фашистички лидер, Анте Павелиќ. Павелиќ почина две години подоцна.

Весникот пишува дека надлежните размислуваат и за промена на имињата на улиците Сараевска и Мостарска.

Весиќ нагласува дека главниот град на Србија треба да има повеќе улици именувани по градови каде „Белград“ се почитува.

„На пример, Виена има Белградски плоштад, а ние немаме Виенска улица, Брисел има Белградска улица, но ние немаме Бриселска улица. Време е да покажеме почит кон оние што го почитуваат нашиот град и нашата земја, а не да бидеме мазохисти и да имаме имињата на улици што се од средини каде што се брише сè што потсетува на српство“, нагласува Весиќ.

„Значи, улиците во Белград треба, пред сè, да бидат начин да покажеме почит кон луѓето што ја задолжија нашата земја, кон пријателските земји и народи, како и кон оние што го задолжиле човештвото. Затоа ние ќе продолжиме да ги менуваме имињата на сите улици, именувани по оние кои веќе немаат врска со Србија, како и по средините каде што сѐ што доаѓа од Србија, не е добродојдено“, додаде тој.

Трендот на промена на називите на улиците, именувани по датуми, имиња, настани или места што беа значајни во комунистичка Југославија, започна во 90-тите години.