Регион

Бели рози во знак на сеќавање на исчезнатите во војната во БиХ

Учесници на комеморативниот настан, со транспарент на кој пишува „Каде се нашите најблиски?“. Фото: ИИЛ БиХ

Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина (ИИЛ БиХ) и здруженијата на жртви на војната, вчера одржаа комеморативен настан, во спомен на луѓето исчезнати за време на војната 1992-1995, а по повод Меѓународниот ден на исчезнатите лица.

„Во ‘пет до 12’ од Стариот мост во Мостар, во чест на жртвите, односно на исчезнатите лица по кои сѐ уште трагаме, во Неретва беа фрлени бели рози“, вели, Емза Фазлиќ, портпаролка на ИИЛ БиХ.

Таа нагласи дека по ова следела мирна прошетка на учесниците до Шпанскиот плоштад, каде што е поставена изложба за исчезнатите лица на авторот, Адис Хукановиќ, насловена како „Каде е?“.

Дијана Струјиќ, претседателка на Здружението на семејствата на убиени и исчезнати хрватски бранители од Бугојно, вели дека по својот сопруг, Миховил, трага веќе 28 години.

Таа истакна дека тој прво бил приведен во хотел во Бугојно, а потоа во неколку логори, од кои најлошиот бил на фудбалскиот стадион „Искра“.

„Тие беа одведени во Ростово кон крајот на септември 1993 година. Судбината на мојот сопруг по тој датум не ми е позната. Истото важи и за 19 други лица, кои беа однесени во Ростово со него“, додава Струјиќ.

Таа нагласува оти верува дека посмртните останки на нејзиниот сопруг се во Ростово, каде што се пронајдени посмртни останки на уште четири лица, но дека ќе биде тешко да се најдат, доколку сторителите не бидат кривично гонети и не откријат каде се закопани телата.

„Сите сме убедени дека тие се на таа локација, но без одговорните за тоа злосторство, тешко дека ќе ги откриеме коските на нашите најблиски“, додава таа.

Елвир Чусто, од Здружението на членови на семејствата на исчезнатите „Вистина – Калиновик 92“, го бара својот брат, кој имал 17 години во времето на исчезнувањето, од 1992 година.

Неговиот брат бил меѓу 23 Бошњаци „убиени, а потоа запалени“ во штала во Ратине, општина Фоча, вели тој. Гробницата во шталата е ексхумирана, но се пронајдени само неколку коски, додава тој.

„Вршено е преместување на гробницата од страна на сторителите на злосторството, така што не беше можно да се најдат сите коски на убиените“, вели Чусто.

Според него, општинските власти во Калиновик не сакаат, ниту пак имаат волја, на кој било начин да помогнат во потрагата по Бошњаците по кои сѐ уште се трага.

„Кога станува збор за потрагата по исчезнатите, семејствата се соочуваат со големи проблеми, бидејќи многу мајки, за жал, не дочекаа да ги најдат своите најблиски, вклучително и мајка ми Хасна, која не дочека да го најде својот син и да го закопа достоинствено“, вели Чусто.

Милан Мандиќ, претседател на Здружението на семејства на исчезнатите лица од Сараевско-романскиот регион, вели дека го бара својот татко, Божо Мандиќ, 29 години.

Неговиот татко имал 66 години и бил тежок инвалид, кога исчезнал.

„Го барам татко ми од 24 јуни 1992. Не верувам дека некогаш ќе го најдам“, нагласува Мандиќ.

Фазлиќ додава оти се трага по уште 7.604 лица исчезнати во војната во БиХ.

„На подрачјето на Сребреница, ние сѐ уште трагаме по околу 1.200 исчезнати лица“, објаснува портпаролката на ИИЛ.

Досега пронајдени се останки на 25.500 исчезнати лица од војната 1992-1995 година, информира таа и додава: „Околу 80 проценти од исчезнатите се пронајдени, идентификувани и предадени на нивните семејства“.

Aida Trepanic