Регион

Курти ја повика Србија да ја открие вистината за лицата исчезнати во војната

Вјоса Османи, Албин Курти и други косовски функционери пред споменикот на исчезнатите. Фото: Кабинет на претседателката на Косово.

Курти денеска побара од Србија да ги отвори своите државни архиви поврзани со војната во Косово (1998-1999), нагласувајќи дека „што се однесува до исчезнатите лица, одговорот лежи таму (во Белград)“.

Тој ова го изјави на одбележувањето на Меѓународниот ден на исчезнатите лица во Приштина. Заедно со Курти, претседателката на Косово, Вјоса Османи, положи цвеќе на споменикот на исчезнатите лица, кој се наоѓа пред седиштето на премиерот во Приштина.

Вкупно 1.632 лице сѐ уште се водат како исчезнати во војната – повеќето од нив Албанци, но и Срби.

Курти истакна: „Исчезнатите лица секогаш ќе бидат главна тема во нашите односи со Србија“.

„Не можеме да се преправаме дека имаме одржлива или сигурна иднина, ако не се занимаваме со прашањата од минатото“, додаде тој.

Косово десет години преговара со Србија во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу овие две земји, што се води со посредство на Европската унија, но во однос на прашањето за исчезнатите лица, не е постигнат напредок.

Минатата година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Белград ќе ги отвори своите воени архиви доколку Приштина возврати со отворање на воените досиеја на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Но, косовските официјални лица тврдат дека ОВК нема таква архива, бидејќи таа била герилска сила, а и Косово во тоа време не било држава.

Во Србија се пронајдени пет масовни гробници по падот на југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ во 2000 година, нешто повеќе од една година откако НАТО го принуди да се повлече од Косово. Пронајдени се посмртни останки на повеќе од 900 косовски Албанци. Никој досега во Србија не одговарал за систематските напори за прикривање на доказите на воените злосторства.

Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ), која одигра важна улога во пронаоѓањето на исчезнатите во војните во 90 -тите години на Балканот, денеска објави практичен водич за семејствата на исчезнатите лица, кои сѐ уште ги бараат своите најблиски.

„Во оваа публикација се објаснети практиките и принципите што се применуваат во земјите од поранешна Југославија, во работата за пронаоѓање на лицата исчезнати во војните во 90-тите. Таа е производ на долгогодишното директно искуство на вработените во МКИЛ и на интензивната комуникација со семејствата на исчезнатите, со научниците, со истражувачите и експертите од домашните институции“, посочуваат од МКИЛ.

За време на војните во 90 –тите, забележува МКИЛ, исчезнале 40.000 луѓе, а досега се пронајдени посмртни останки на над 70 проценти од нив.