Регион

Жртвите ја заслужуваат вистината

Мора да им се спротивставиме на обидите за ширење на невистини за бројот на српски жртви во Јасеновац, пишува историчарот, Рори Јеоманс

Неколку пати неделно, Спомен-подрачјето Доња Градина, место во кое секојдневно се носеле затвореници од комплексот логори Јасеновац-Стара Градишка, кој го воделе усташите, на Твитер објавува сеќавања за жртвите од овој логор.

Објавата од 23 октомври 2020 година, му е посветена на Раде Шувак, 16-годишно момче од детската работна група во логорот. „Драга мајко“, напишал тој. „Здрав сум, ја добив картата. Не грижете се за мене. Грижи се за себе и за малата Деса. Примете многу поздрави од (во потпис) Раде“.

Дозволата да се испрати порака до својата мајка, била награда што ја давале стражарите од логорот за „добро владеење“ и напорна работа. Раде бил убиен во логорот во 1945 година.

Многу размислував за оваа порака и за нејзиниот испраќач во последните неколку дена, по одлуката на израелскиот весник „Ерусалим Пост“, да му даде простор на писателот, Дејвид Голдман.

Во написот од 15 август, Голдман ги негира злосторствата во Јасеновац, каде најмалку 80.000 мажи, жени и деца – Срби, Евреи и Роми, како и антифашисти – Хрвати и Бошњаци, биле убиени помеѓу 1941 и 1945 година.

Во неговиот текст, исто така, се вели дека не можат да бидат форензички докажани тврдењата оти српските затвореници во Јасеновац, биле жртви на геноцид, што е „срамно потсмевање“ на холокаустот. По еден или два дена, „Ерусалим Пост“ го отстрани овој напис и објави некакво извинување што едвај ги разјаснуваше работите.

Со тврдењето дека Србите не биле жртви на геноцидната политика на нацистите или нивните соработници, написот ја претставува јавноста што произлегува од негационизмот, а кој се развива веќе некое време – негирајќи ги злосторствата извршени врз Србите од профашистичкиот усташки режим во Втората светската војна, за да се заштити „интегритетот“ на холокаустот.

Иако „Ерусалим пост“ објави бројни побивања од научници за холокаустот, а и други критики беа објавени на други места, хрватските историски негационисти, со предвидување и со одушевување, повторно ги користеа неговите невистини.

Дополнителен бонус: беше објавено мислење на австралиски писател, Евреин, ловец на нацисти, кој го потврди она што тие го велат со години, иако овој ловец на нацисти е сомнително опседнат со четниците и студиозно незаинтересиран за усташкиот режим.

Во секој случај, штетата е веќе направена. Како што истакнуваат во нивното мислење, Ловро Краљ и Емил Кјерте, едни од најбрилијантните научници кои се занимаваат со усташкиот режим, иако реакцијата на хрватската крајна десница била очекувана, поголемо значење имал одговорот на некои етаблирани историчари и академици во Хрватска, со кој била поздравена и зајакната нејзината основна порака.

Гледано од оваа перспектива, тешко е, пошироката култура на чување на сеќавањата на актуелната хрватска Влада, на Втората светска војна и холокаустот, да не се протолкува како согласување со овој нов негационизам.

Поставувањето на спомен-обележјето – „камен на сопнување“, во чест на жртвите на холокаустот, но не и на жртвите Срби и Роми, или посетата на израелскиот меморијален центар Јад Вашем, додека притоа се зазема многу двосмислен пристап кон фашистичките слогани – не е нешто што бара генијалност, за да се види постојниот образец. Да се брани интегритетот на холокаустот, за кој може да се обвини нацистичката окупација и да се минимизира во прифатливи граници геноцидот врз Србите, што не може да му се припише никому, освен на усташкиот режим.

Постои уште една карактеристика во текстот на Голдман, која привлече помалку коментари: прифаќањето на критиките од легитимните научници, за начинот на кој усташките злосторства врз обичните Срби се користеа во 90-тите заради политичка корист, кои вклучуваат и употреба на официјалните проценки од југословенско време, дека 700.000, а не околу 80.000 луѓе биле убиени во логорот.

Се разбира, нема сомнение дека српските националисти го користеа и го злоупотребуваа наследството на усташките антисрпски злосторства за политички цели, на начини што иронично го помогнаа хрватскиот негационизам. Дел од ова веројатно произлегува од омекнатиот став на режимот на Туѓман во 90 -тите години, кон усташкиот режим.

Што да се прави? Ако прашањата за употребата на Јасеновац во текот на 90-тите и емпириските проблеми со 700.000 жртви станат центрирани како доминантна приказна за Јасеновац, нешто во дискусијата тргнало наопаку.

Во овој контекст, не треба да изненадува фактот што негационистите ќе ги користат ваквите аргументи, како можност да добијат валидност и почитување. Истражувачите, кога зборуваат за Јасеновац, мора да најдат начин да почнат да ги одвојуваат 40 -тите години од блиското минато и сегашноста; а ако не се во можност да го сторат тоа, тогаш барем треба да се погрижат да се фокусираат на историската вистина за логорот. Јасеновац-Стара Градишка, беше логор формиран од една причина: да се институционализира искоренувањето на државните етно-религиски и, во помала мера, идеолошки „непријатели“, кога масовното убивање во руралните области станало неодржливо.

Тоа беше единствениот голем концентрационен логор во окупирана Европа, основан и управуван исклучиво од државата на чија територија се наоѓаше. Повеќето од оние што беа депортирани и убиени беа Срби.

И, да, на крајот на војната, управата на логорот им наредила на затворениците да ги ископаат и запалат телата на мртвите затвореници, што го потврди и Мирослав Филиповиќ, главен стражар во Јасеновац, во своето повоено сведочење. Ова се историски вистини и не можат да се дискутираат.

Веројатно никогаш нема да знаеме колку мажи, жени и деца, настрадале во Јасеновац. Бројките се навистина важни само ако секоја жртва се брои, се обележи и се индивидуализира. Но, сегашното тврдоглаво инсистирање на некои историчари за холокаустот, вклучувајќи ги и српските, на неверојатно големиот број жртви во логорот, го зајакнуваат негационизмот во Хрватска.

Еднакво важно е сериозните научници, како и новинари, да бидат внимателни, во расправата за тоа како е користен Јасеновац и од кои причини, да не делуваат како слуги на негирањето, губејќи ја од вид вистинската приказна за Јасеновац: жртвите и како тие живееле и умреле.

Јасеновац е, и ова е очигледно, приказната за сосема обични поединци како Раде Шувак, кои биле учесници во трагедија што никогаш не ја разбрале. Што и да пишуваме, никогаш не смееме да им дозволиме на читателите да го изгубат од вид овој факт.

Рори Јеоманс е историчар и автор на книгата „Visions of Annihilation: the Ustasha Regime and the Cultural Politics of Fascism, 1941–1945“, како и на делото кое допрва треба да биде објавено „The City of the Dead: War and Martyrdom in Fascist Croatia“.
Ставовите изразени во овој коментар се ставови на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.