Анализи

Бездомни кучиња: Системот си ја каса опашката

Отштетите за напади од кучиња ги исцрпуваат ресурсите за решавање на проблемот со уличните животни

Сите членови од исто семејство, во рок од една година пријавиле дека ги каснало куче во различни пригоди, барале и добиле отштета. Ист човек двапати пријавувал дека го напаѓало бездомно куче и добил пари.

Обесштетени биле повредени за кои докторите не биле сигурни дека се каснати. Лекарите, наместо шифрата за напад од куче, во медицинската потврда им впишува шифра што означува само потреба за имунизација.

Ова се сомнежите на луѓето што професионално се занимавале со тематикава, поранешни градоначалници и адвокати што ги застапувале институциите.

Во главниот град, годишно меѓу 500 и 600 граѓани пријавуваат дека ги повредило куче, а речиси сите наплаќаат отштета – и сомнителните пријавувачи и тие што навистина биле нападнати.

„Не можам со сигурност да кажам дека се лажни, меѓутоа според искуството, меѓу 20 и 25 проценти од пријавите се сомнителни“, вели за БИРН, скопскиот адвокат Јанаки Митровски, кој речиси една година го застапуваше стационарот „Лајка“ пред скопскиот суд.

„Лајка“ и Град Скопје солидарно ги обесштетуваат каснатите.

Во главниот град, годишно меѓу 500 и 600 граѓани пријавуваат дека ги повредило куче, а речиси сите наплаќаат отштета – и сомнителните пријавувачи и тие што навистина биле нападнати.

„Дали пет проценти од тужбите ги бутавме на суд“, вели адвокатот.

Покрај сомнителните пријави, проблем е што често никој не се обидува да го идентификува кучето-напаѓач. Така, од една страна, Градот и „Лајка“ плаќале и плаќаат отштети и за напади од кучиња со сопственици, за кои тие не се одговорни, а, од друга страна, потенцијално опасните кучиња остануваат на улица.

„На едно рочиште, нападнатиот призна дека не видел какво куче го каснало, не бил сигурен дека е бездомно, меѓутоа судијата не го интересираше тоа. Пак додели отштета, судат по шаблон. Во еден момент престанавме и да вештачиме, не сакавме за џабе да трошиме пари“, вели правниот застапник Митровски.

Активистите за заштита на животните, праксата секогаш да се тужи Градот за каснување од куче, често ја споредуваат со потенцијална апсурдна ситуација во сообраќајот.

Струга е во центарот на вниманието поради неколку инциденти со кучиња | Фото: Томислав Георгиев

„Апсурдно е. Тоа е како да го тужите ЈСП зашто некој ве удрил на паркинг, а вие не знаете кој е виновникот. Меѓутоа, знаете дека ЈСП е одговорно за најмногу возила во градот и по таа логика автоматски најголеми се шансите да ве удрило нивно возило“, ваква споредба прави Војислав Димитровски, кој е дел од тимот на „Лајка“.

Шаблонот го препознале други адвокати, како шанса за полесна заработувачка.

Јавна тајна е дека нападите на кучиња пред скопскиот суд ги застапуваат само неколку адвокати или адвокатски друштва. Толкувањата зошто од стотици правници, само неколку се занимаваат со тематикава, одат од претпоставката дека тие се испраксирале и логично е луѓето ним да им се обраќаат, до сомнежите дека постои уиграна шема.

„Сме слушале за случаи кога каснатиот ќе излезе од Инфективна клиника и веднаш му се јавуваат адвокати, не еден, туку неколку“, вели директорката на „Лајка“ и активистка за заштита на животните, Радмила Пешева.

Се слушаат гласини дека адвокатите си играле и со информатички систем за автоматско доделување судски предмети, озлогласениот АКМИС, така што го пријавувале случајот и го повлекувале сѐ додека не се паднат кај судијата што шаблонски суди.

Град Скопје не успеал да го алармирано обвинителството за шемите и за можноста тие да ги поддржуваат и да ги поттикнуваат лажните пријави.

Град Скопје и „Лајка“, за оштета одвојуваат речиси милион евра годишно. Во таа бројка влегуваат и процесните трошоци и затоа Градот од минатата година овозможува и вонсудски спогодби.

„Пред некоја година, истражител извршил увид во документи и усно дал информација дека не може да утврди основ за поднесување пријава за злоупотреби“, информираат, за БИРН, од градската администрација.

Проблемот не е типичен само за Скопје. Поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, за БИРН вели дека забележал оти исти луѓе повеќепати пријавуваат каснувања.

„Лекарите не обрнуваат многу внимание на повредите и им даваат уверенија“, вели Коцевски.

Коцевски објаснува дека во збратимениот град на Велес од Србија, Ужице, откриле измамници што отишле чекор понапред, користеле направа со која се самоповредуваат за да бараат пари.

На годишно ниво, отштетите многу ги чинат македонските општини.

За илустрација, Град Скопје и „Лајка“, за оваа намена одвојуваат речиси милион евра годишно. Во таа бројка влегуваат и процесните трошоци и затоа Градот од минатата година овозможува и вонсудски спогодби.

Проценка е дека така би се преполовиле издатоците.

Конкретно стационарот, отштетите го чинат повеќе од 100.000 евра годишно, што е меѓу четвртина и третина од буџетот на „Лајка“. Токму овие баснословни суми ги намалуваат ресурсите и способноста на стационарот да го решава проблемот со бездомните животни.

Исцрпена „Лајка“

Системот дозволува проблемот да се перпетуира и да има сè повеќе кучиња на улиците | Фото: Роберт Атанасовски

Задача на „Лајка“ е хумано да ги третира уличните кучиња, да ги заловува, стерилизира, да ги чисти од паразити и да ги вакцинира. Приоритет е да се вдомат, меѓутоа ако нема заинтересирани, кучињата се враќаат на улицата каде што се собрани.

Идејата е процесот на заловување и стерилизирање да биде побрз од природниот циклус на размножување зашто само така би се намалиле бездомните единки.

Меѓутоа, стационарот „Лајка“ не може редовно и ревносно да си ја врши работата, да го зголемува капацитетот и да третира повеќе кучиња, бидејќи често сметката му е блокирана и не може да ги исплаќа набавувачите, токму поради отштетите.

„Се случува активистите да ни помагаат да набавиме нешто што ни треба“, вели директорката Пешева.

Финансиските проблеми на „Лајка“ не завршуваат тука зашто изостанува поддршката од сите скопски општини.

Град Скопје, десетте градски општини и „Лајка“ планирале трипартитен договор, со кој се обврзуваат локалните самоуправи да даваат по 32.500 евра годишно за стационарот, меѓутоа плаќаат само три општини, – Центар, Аеродром и Гази Баба. Другите ја игнорираат „Лајка“ или, пак, воопшто не го потпишале договорот, како што се Чаир, Сарај и Шуто Оризари.

Град Скопје: Се носат бездомни кучиња од други општини

Град Скопје информира дека поднел пријави до полицијата за да се најдат непознатите лица, за кои сведоци тврделе дека со возила од други општина носат кучиња во Скопје.

„Лајка има значителни резултати, кои не можат да го решат проблемот доколку континуирано се носат бездомни кучиња од други општини“, велат од Градот.

Фото: Роберт Атанасовски

Проблемите не се само од финансиски карактер. Македонскиот систем дозволува проблемот да се перпетуира и да има сè повеќе кучиња на улиците, од кои некои и понатаму ќе ги напаѓаат граѓаните.

Од „Лајка“ потенцираат дека системот не ги казнува сопствениците што неодговорно ги чуваат милениците, и тоа е голем проблем. Минатата година дури е избришан членот од законот што предвидува казна меѓу 100 и 400 евра за тие што без надзор и невнимателно ги пуштаат милениците.

„Кучињата што имаат сопственици, а неодговорно ги чуваат, се поголемиот проблем. Тие во принцип се поагресивни зашто се научени да бранат територија, често се исфрустрирани, ако поголем дел од денот се врзани во двор, додека кучињата од градските улици во Скопје се високосоцијализирани, тие во секој човек гледаат надеж дека ќе им даде храна, не ги перцепираат граѓаните како непријатели“, вели Пешева.

„Светските статистики покажуваат дека две третини од каснувањата се од домашни миленици“, додава таа.

Ниту статистиката, ниту, пак, здравиот разум не ги спречува насилниците што јаваат на бранот на револтот и стравот од глутниците на улица да ги реализираат своите нагони за убивање, како што е случајот во Струга, кога човек со пушка стрелаше улични кучиња.

Кога на неодговорноста ќе се додаде фактот дека не функционира системот за чипирање и отсуството на култура за кастрирање на милениците, се случува прилив на репродуктивно способни кучиња на улиците.

Проблемот може да се реши само ако сите алки на системот работат одговорно и ревносно | Фото: Томислав Георгиев

„Меѓу 30 и 40 проценти од кучињата во „Лајка“ се расни или личат многу на некоја раса, произлегле од домашно милениче. Тоа покажува колку се напуштаат кучињата“, вели Пешева.

А, размножувањето на улица оди по експоненцијална стапка. Од една женка, за неколку години се продуцираат стотина нови кучиња. Стационарот „Лајка“, во ноември минатата година заловил 111 улични кучиња, од кои 80 биле бремени женки.

Проблемот со уличните кучиња може да се реши само ако сите алки на системот работат одговорно и ревносно, ако има моќен и функционален стационар што бргу ќе ги стерилизира уличните кучиња, тие да не се размножуваат, и ако граѓаните престанат да ги напуштаат милениците исплашени од драконски казни и редовни контроли.

Вака како што е сега, системот дозволува да се продуцираат нови кучиња, некои од нив напаѓаат и ќе напаѓаат граѓани, повредените ќе бараат високи отштети, и така ќе се намалуваат ресурсите и способноста на стационарите да ги отстранат кучињата од улица.

Така се вртиме во магичен круг, во системот што си ја каса сопствената опашка.