Регион

БиХ му суди на поранешен припадник на ВРС поради масакр над цивили

Судот на БиХ во Сараево. Фото: БИРН

Судењето на Мирослав Марковиќ, кој е обвинет за учество во апсење и убиство на неколку десетици бошњачки цивили, започна денеска пред Судот на Босна и Херцеговина.

Марковиќ е обвинет дека овие злосторства ги извршил како припадник на локањската чета на зворничката бригада на ВРС, во рамките на сеопфатен и систематски напад на војската и на полицијата на Република Српска, врз несрпското цивилно население во пошироката област на Зворник.

Како што наведе обвинителката, Оливера Ѓуриќ, на 14 јули 1992 година, од Теочак, тргнала колона со повеќе од 120 бошњачки цивили, вклучувајќи и жени и деца, кои не биле вооружени и не претставувале „никаков воен фактор“.

Таа додаде дека движењето на колоната било откриено и дека нивното апсење било планирано однапред. Според обвинението, припадниците на локањската чета и на полицијата од Угљевик заробиле 86 цивили.

Марковиќ се товари дека по апсењата малтретирал група цивили и оти ги терал меѓусебно да се тепаат.

Цивилите биле префрлени во командата на локањската чета во селото, од каде, како што е наведено, Марковиќ и други лица, одвеле мала група на локалитетот Видровинеи таму ги убиле.

Во обвинението се наведува дека Марковиќ и други припадници на локањската чета, како и на полицијата на Угљевик, одвеле поголема група на цивили и натерале тројца затвореници да ископаат дупка, по што цивилите ги стрелале во групи. Биле убиени вкупно 67 цивили.

За овие злосторства во посебен предмет, од март 2015 година, им се суди на осум обвинети.

Првите сведоци на обвинителството ќе бидат сослушани на 11 март.