Регион

БиХ објавува база на податоци со имиња на 27.000 исчезнати

Масовна гробница во Градина. фото: БИРН.

Институтот за исчезнати лица (ИИЛ) на Босна и Херцеговина, најави објавување на нова база на податоци, со имиња на исчезнати лица кои досега се верификувани.

„Досега се потврдени 27.085 исчезнати лица“, изјави Марко Јуришиќ, член на ИИЛ БиХ, на прес-конференција.

„Ексхумирани се околу 25.500 посмртни останки, а по 7.206 исчезнати лица сè уште се трага во БиХ“, додаде Јуришиќ.

Тој посочи дека оваа година е воспоставена регионална база на податоци на исчезнати лица, со 11.765 имиња на исчезнати од БиХ, Хрватска, Косово, Србија и од Црна Гора.

„Оваа база на податоци е активна, секојдневно се ажурира и треба да послужи како алатка за решавање на судбината на исчезнатите лица во регионот“, истакна Јуришиќ.

Амир Кулаглиќ, член на советодавниот одбор на ИИЛ на БиХ, нагласи оти тој е од Сребреница и дека изгубил многу машки членови на семејството во геноцидот извршен во 1995 година.

„Успешно решавање на судбината на сите исчезнати лица, како и изведување пред лицето на правдата на сите одговорни за нивното  исчезнување, преместување (на останките) и криење на вистината за нивното страдање, е неопходен предуслов за воспоставување на траен и стабилен мир, доверба и помирување меѓу граѓаните на БиХ и на целиот регион“, истакна тој.

Тој посочи дека клучен проблем во пронаоѓањето на исчезнатите лица е недостигот на политичка волја на клучните политички актери.

Меѓу другите проблеми со кои се отежнува потрагата е и недостигот на веродостојни информации за локацијата на гробниците, додаде тој.

„Сите убиени, распарчени и вешто скриени членови на нашите семејства, сè уште не нашле мир за своите души“, заклучи Кулаглиќ.