Судот на Босна и Херцеговина, во петокот обвини 11 лица, за воени злосторства извршени над цивили и воени затвореници и за поттикнување на извршување на геноцид, злосторства против човештвото и други дела, на подрачјето на Чемерно, општина Илијаш, во 1992 година.
За време на нападот, кој се случил на 10 јуни 1992 година, биле убиени околу 30 Срби. Најмладата жртва имала 16, а најстарата повеќе од 80 години. Меѓу убиените биле и 10 жени.
Обвинети се Џемал Хаџиќ, Теуфик Турудиќ, Џемал Смола, Сенад, Харис и Бенјамин Сикира, Енес Дурак, Мирсад, Нусрет и Мирза Бешлија и Хамдија Спахиќ.
Обвинителството на БиХ ги товари дека кон крајот на мај и првата половина на јуни 1992 година, заедно со други лица, ним познати, свесно и доброволно учествувале во здружен злосторнички потфат.
Целта на здружениот злосторнички потфат, како што е наведено, била убиство на сите лица од српска националност во селото Чемерно, без разлика дали станувало збор за цивили или припадници на Војската на Република Српска (ВРС), како и неоправдано уништување на нивниот имот.
Како што е наведено во потврденото обвинение, овие злосторства, обвинетите ги извршиле како членови на Територијалната одбрана и на активниот и резервниот состав на полицијата на Република БиХ.