БИРН | Бања Лука
Планот на Република Српска (РС) да формира „жандармерија” наместо резервен полициски состав (за чие формирање, по широките критики, предлогот беше повлечен вчера), внесе нова загриженост.
Извор во полицијата на РС, за БИРН изјави дека новата жандармерија ќе биде слична на жандармеријата во соседна Србија – „високо оперативна организациона единица на српската полиција од воено-полициски вид, која врши и цивилни и воени должности”. Српската жандармерија се занимава со тероризам, организиран криминал и со ситуации на нарушување на јавниот ред и мир.
Жандармеријата на РС ќе биде преименувана верзија на сегашната ентитетска полициска единица за поддршка, која ќе биде проширена со неодреден број нови полициски службеници.
Американската амбасада во Сараево и Канцеларијата на високиот претставник, ја поздравија одлуката да се повлече предлогот за формирање на резервен полициски состав, но побараа дополнителни информации во врска со плановите за промена на името на единицата за поддршка во жандармерија, назив кој имплицира дека неговите службеници би можеле да бидат милитаризирано крило на полицијата на РС.
Пратениците на Народното собрание на РС (НСРС) денеска дискутираа по ова прашање, но не добија објаснување зошто Владата се откажала од идејата за воспоставување на резервни полициски сили, ниту пак на кој начин ќе биде формирана жандармеријата.
Нихад Чолпа, претседател на партијата Граѓански сојуз и пратеник во Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина, изјави оти верува дека жандармеријата ќе биде „пешадија на Република Српска”.
„Припадниците на жандармеријата живеат, работат и делуваат во услови на живот во касарна, и уште една работа која поврзува со воената формација е дека во жандармеријата чиновите се воени, а не полициски”, изјави Чолпа за медиумите во БиХ.
Ивана Мариќ, политичка аналитичарка од Сараево, изјави дека планот за формирање на жандармерија е политички спин што треба да ја замаскира промената на ставот на властите на босанските Срби, во врска со формирањето на резервен состав на полицијата.
„Приказната за жандармеријата е спин на Додик, со кој се обидува уште еден свој пораз да претстави како победа”, нагласи Мариќ за босанските медиуми.
Таа додаде дека критичарите на предлогот за формирање на жандармерија „му придаваат поголемо значење отколку што тој заслужува”.
Американски официјални лица јасно ставија до знаење дека не сакаат РС да формира резервни полициски сили, што може да доведе до зголемување на тензиите во земјата.
Федерацијата на БиХ, исто така, најави оти ќе формира свој резервен полициски состав.
Овој план остро го критикуваа и здруженијата на бошњачките воени жртви, бидејќи за време на војната во БиХ, 1992-1995, припадниците на резервните полициски сили биле вклучени во бројни воени злосторства.
РС тврдеше оти ѝ е потребен резервен состав, бидејќи таа нема доволен број на полицајци, кои би се справиле со безбедносните предизвици, како што е сегашната мигрантска криза.