Како што е наведено во нацрт-стратегијата, до која БИРН дојде, обвинителството на БиХ има повеќе од 550 нерешени случаи на воени злосторства, во кои се именувани над 4.500 познати сторители и ист број на случаи во кои сторителот не е познат.
Државната стратегија првично беше усвоена во 2008 година и предвидуваше, најсложените случаи на воени злосторства, да бидат завршени во рок од седум години.
Бидејќи роковите не беа испочитувани, беше формирана работната група за изготвување на измени и дополнувања на стратегијата.
Во нацртот се заклучува дека е неопходно пред државниот суд приоритно да се гонат најодговорните сторители.
Што се однесува до категоризацијата на предметите на сложени и помалку сложени, потребно е да се усогласи, кои предмети, на кое ниво ќе бидат процесирани.
Една од целите на стратегијата е да се обезбеди ефикасно распоредување на предметите на пониските судови, чија динамика до сега не беше соодветна.
„Нееднаквата распределба на предметите и гонењето на помалку сложените предмети од страна на Обвинителство и на Судот на БиХ, меѓу другото, е една од причините за неефикасно процесирање на најсложените предмети на воени злосторства и за истекот на првобитниот рок од седум години, предвиден со стратегијата”, се вели во новиот нацрт.
Откако во судот во Брчко и во ентитетските судови ќе бидат префрлени поголем број на предмети, ќе биде потребно да се зајакнат и човечките капацитети за работа на предметите на воени злосторства во овие институции, а од локалните министерства се очекува да обезбедат финансиски средства.
Со цел да се обезбеди квалитет во работата на предметите на воени злосторства, ќе се работи и на јакнење на едукациските судски и обвинителски капацитети.
Регионалната соработка мора да се подобри, бидејќи воспоставените механизми за соработка, не ги решија на соодветен начин прашањата за отстапување на предметите на воени злосторства и екстрадиција на лицата со двојно државјанство, се констатира во нацрт-стратегијата.
Целта на новата стратегија е ажурирање на евиденцијата за сите предмети кои што се наоѓаат во државниот суд и државното обвинителство.
„Обвинителството на БиХ, во рок од 30 дена, од денот на донесување на измените и дополнувањата на стратегијата, ќе ја ажурира постоечката евиденција на предметите на воени злосторства и ќе изврши нивна категоризација на сложени и помалку сложени предмети”, стои во нацртот.
На денешната седница на ВСОС, едногласно беше изгласана поддршка на предлогот на ревидираната стратегија, што треба да ја усвои Советот на министри на БиХ.