Регион

БиХ: Поднесено обвинение за злосторство во село со српско население

Ерна Мачкиќ, Сараево

Судот и Обвинителството на БиХ. Фото: БИРН

Обвинителство на БиХ, во вторникот подигна обвинение против Нехру Ганиќ, за воени злосторства извршени над жртви од српска националност, во селото Чемерно, општина Илијаш, во близина на Сараево.

Ганиќ е обвинет за командна одговорност. Тој, според наводите во обвинението, како командант на ТО Бреза и надреден командант во ТО Какањ и Бреза, знаел за нападот врз селото Чемерно, кој за цел имал прогон на српското население, со убиства и со уништување и палење на српскиот имот и објекти.

Ганиќ е обвинет дека како командант, не го спречил извршувањето на злосторствата, ниту пак презел мерки за гонење и казнување на сторителите.

Нападот на селото Чемерно бил извршен на 10 јуни 1992 година. Во него се убиени 30 лица, и мажи и жени, а дел од нив биле осакатени.

Во нападот куќите и имотот биле уништени, а селото било ограбено и запалено.

Ганиќ е обвинет за воени злосторства над цивили и воени затвореници, како и за кршење на законите и обичаите на војување.

За воени злосторства извршени во Чемерно во февруари беа обвинети 11 поранешни војници на ТО и полицајци.

Нивното судење сѐ уште не започнало, бидејќи обвинителството на БиХ најави нови обвиненија.