Регион

БиХ: Сѐ уште нема казнети за убиствата на Србите во Јошаница

Повеќе од 50 Срби, меѓу кои и три деца, биле убиени во нападот на Армијата на Босна и Херцеговина на селото Јошаница

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Било студено утро без снег, кога на 19 декември 1992 година, на празникот Свети Никола, пукање, врисоци, врева и панично плачење, ја  разбудиле Душанка Вишњиќ-Лаловиќ и нејзиното семејство, во источното босанско село Јошаница.

Вишниќ-Лаловиќ раскажува оти нејзиниот мртов татко лежел во близина на нивната куќа, а во селото го видела и својот дедо Василије, како седи покрај неговиот брат, кој, исто така, бил убиен.

Тој ден, била убиена и нејзината сакана тетка.

„Физички, изгледам како тетка ми. Тетка ми ми беше идол. Таа жена секогаш ми даваше пари кога ќе добиев петка, кога ќе успеев во нешто. Таква беше мојата тетка“, истакнува Вишниќ-Лаловиќ.

Меѓу убиените и три деца

Лекар им ги санира раните на жртвите, во болницата во Фоча, по нападот на Јошаница. Фото: БИРН

Вишниќ-Лаловиќ вели оти тој ден биле убиени и три деца – 10-годишната Драгана, 7-годишниот Дражен и штотуку проодената 2,5-годишна Данка. Телото на Данка било пронајдено во шума, заедно со телата на уште две жени, во април 1993 година, неколку месеци по нападот врз селото.

Тогашниот шеф на хируршкото одделение во болницата во Фоча, Славко Ѓорѓевиќ, тој ден, бил ангажиран во мртовечницата, каде ги носеле телата на убиените во Јошаница, за да бидат идентификувани.

Меѓу телата тој ги препознал сестра си и зетот.

„За жал, кога ја видов сестра ми на таа маса, кога ја донесоа, ми се урна целиот свет“, раскажува тој.

„Ниту еден од нив не беше убиен на вообичаен начин, туку ги изболе со ножеви во грло. Ја расекле сестра ми, а потоа ја боделе во стомакот. Целиот стомак ѝ беше исечен… Сега не плачам, оти сите мои солзи исчезнаа. Не можам ни да замислам дека е мртва“, додава тој.

„Зет ми го врзеле со жица, можеа да се забележат лузни направени од жица на рацете. Потоа, со тап предмет, му ги згмечиле рацете и нозете, за да не може да избега. Му го беа смачкале и челото“, вели Ѓорѓевиќ.

Во една од селските населби, во која се наоѓала локалната воена команда на Војската на Република Српска (ВРС), војникот, Ратко Благојевиќ, се упатил кон воената кујна кога започнало пукањето. Тој бил ранет во колкот, а неговиот братучед бил убиен.

Неговите соборци му ја превиле раната, а тој, во обид да се спаси, доползел до соседното село и се скрил во подрум на една куќа.

„Морав да се сокријам. Потоа дојдоа. Влегоа во куќата и се качија горе. Имав само една граната, која ја држев во рака. Немав ништо друго. Додека минуваа покрај мене, викаа и се сепнаа. Еден од нив ја испушти пушката … Ја фрлив гранатата кон нив“, раскажува Благојевиќ.

Додава оти сите војници кои останале за да ја заштитат командата, биле убиени.

Без правни постапки против можни осомничени лица

Во нападот на Јошаница биле убиени повеќе од 50 Срби, но ниту на еден припадник на АБиХ, досега не му се судело за ова злосторство.

Окружното јавно обвинителство Требиње водело истрага за овие настани до 2012 година, кога случајот бил префрлен во Обвинителството на БиХ.

Срѓан Вукановиќ, портпарол на Окружното јавно обвинителство Требиње, вели дека случајот опфатил вкупно 60 лица и дека главниот обвинител сослушал неколку десетици сведоци и собрал докази.

„Врз основа на Националната стратегија за процесирање на воените злосторства, Судот на Босна и Херцеговина, во јуни 2011 година, побара од нашето обвинителството, да му биде доставен  целиот акт за овој предмет, за да ја процени неговата сложеност. На 10 февруари 2012 година, ова обвинителство најпрво доби известување, а потоа и решение, со кое случајот се упатува во Обвинителството на Босна и Херцеговина, на понатамошна обработка и спроведување на истрага, со оглед на сложеноста на случајот“, додава Вукановиќ.

БИРН се обиде да добие коментар од Обвинителството на БиХ, но никој не беше достапен за одговор, бидејќи обвинителот надлежен за овој случај, беше на одмор.

Вишњиќ-Лаловиќ упати апел до Обвинителството на БиХ да преземе мерки за гонење на сторителите.

„Ги молам судот и обвинителството, да го извадат случајот од фиока и овој пат да постапат правилно, ако за ништо друго, тогаш за доброто на овие три деца. Тие ништо лошо не направија“, рече таа.

БИРН се обиде да добие коментар од припадниците на АБиХ, кои беа на првите линии, во близина на Фоча и Јошаница.

Неколкумина кои се на списокот на лица против кои се води истрага, а во кој БИРН имаше увид, на кој има и припадници на бригадата на АБиХ од Вишеград, Горажде и Фоча, како и други војници од областа Фоча, одбија да ни дадат изјава.

Јошаница денес е село без жители, иако семејствата на преживеаните и жртвите, се собираат еднаш годишно за да им оддадат почит на жртвите.

„Малку луѓе живеат тука. Доаѓаат кратко заради испаша на стадата овци (а потоа повторно заминуваат). Има неколку реновирани куќи, но сите се празни, никого нема тука“, вели Ѓорѓевиќ.

„Мислам дека тука живеат едно или две лица – стари луѓе. Нема деца, нема млади, а и училиштето е затворено“.