Регион

Во Хаг сведоштво на српски доброволци во војната во Хрватска

Небојша Богуновиќ сведочи пред ММКТ во Хаг

Сведокот на одбраната, Небојша Богуновиќ, кој бил полициски функционер во Бачка Паланка, сведочеше пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, дека доброволно се пријавил да замине во источна Славонија, во Хрватска, во летото 1991 година, каде се развивал конфликт.

Богуновиќ сведочеше на повторното судење на поранешните шефови на СДБ на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, во Хаг, чии бранители се обидуваат да ги отфрлат тврдењата дека СДБ, под нивна команда, тајно формирала и финансирала центри за обука во Хрватска и во Босна и Херцеговина и оти таму испраќала српски доброволци и регрути, за да бидат обучени за воени операции во овие земји, како припадници на единиците предводени од СДБ.

СДБ бил составен дел на МВР Србија.

Богуновиќ пред судот нагласи дека неговиот претпоставен, началникот на полицијата во Нови Сад, Миодраг Завишиќ, го прашал дали е „подготвен да оди со него и со господинот (Радован) Стојичиќ и другите, како доброволец“.

Стојичиќ, наречен Баџа, во тоа време, кога Србите се побунија против хрватската влада, ги водел српските сили на територијалната одбрана во источна Славонија.

Богуновиќ додаде дека тој и Завишиќ, заедно со уште 16 припадници на српската полиција, во конвој во кој имало пет или шест бели Ленд Ровери, без регистарски таблички, вооружени со автоматски пушки и пиштоли, преминале од Србија во Хрватска и отишле во центарот за обука во Ердут.

Тој нагласи дека таму не го испратиле од МВР, туку оти заминал како доброволец.

„Тие не ме испратија. Јас заминав доброволно“, истакна тој.

Според обвинението, Станишиќ, поранешен шеф на СДБ на Србија, и неговиот помошник, Симатовиќ, биле протагонисти на здружен злосторнички потфат, предводен од српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на Хрватска и на БиХ, заради воспоставување на српска доминација.

Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени во 2013 година, но оваа одлука беше поништена во жалбена постапкка и беше наложено повторно судење. И двајцата се изјаснија за невини во обновениот процес, кој започна во декември 2015 година.