Регион

БиХ: Во масовна гробница пронајдени посмртни останки на пет лица

Ламија Гребo, Сараево

Архивска фотографија на ИИЛ на БиХ.

На подрачјето на планинскиот превој Рогој, во општина Трново, во Република Српска, ексхумирани се посмртни останки на најмалку пет жртви, соопшти Институтот за исчезнати лица (ИИЛ) на БиХ.

„Во шумскиот дел на Рогој, природните вртачи, кои се длабоки околу четири метри, биле искористени за да се сокријат останки на жртви. Некои делови од човечките скелети, беа пронајдени во најлонски вреќи“, соопштија од ИИЛ.

Се претпоставува дека станува збор за жртви од бошњачка националност, кои биле убиени за време на последната војна.

Што се однесува до локацијата, се работи за секундарна масовна гробница, што значи дека жртвите претходно биле закопани на едно место, потоа ископани и закопани во оваа гробница.

Ова често се правело, за да се сокријат доказите за воените злосторства.

Ексхумираните останки се транспортирани до Центарот за обдукција и идентификација во Горажде, каде ќе бидат земени примероци од коските заради ДНК анализа.