Експертите и жртвите на војната во Босна и Херцеговина, ја критикуваа пресудата на Апелацискиот суд во Белград, со која десет лица беа ослободени од обвинението дека му помагале на поранешниот командант на Војската на Република Српска, ВРС, Ратко Младиќ, да ја избегне правдата.
Драгана Ерјавец, Сараево
Апелацискиот суд во Белград, во вторник, ослободи десет лица од обвинението кое ги товареше дека во времето кога бил хашки бегалец, му помагале на поранешниот командант на ВРС, Ратко Младиќ, да се крие.
Само пензионираниот генерал на ВРС, Марко Лугоња, беше осуден на условна казна во траење од шест месеци.
Милица Костиќ од Фондот за хуманитарно право во Белград, вели дека таквата пресуда не е изненадување, истакнувајќи дека казната за Лугоња е „срамно ниска“.
„Она што е најинтересно е дека Лугоња го призна она за кое што беше обвинет, така што српското судство, всушност, немаше каде. Човекот призна и тие секако мораа да го осудат и се разбира, му беше изречена најниска можна казна“, објаснува Костиќ.
Според Костиќ, најголемиот проблем е што не е отворено прашање за логистиката на државата, која несомнено морала да постои кога станува збор за криење на тогаш најбараниот хашки бегалец.
„За жал, одговор на прашањето, зошто Србија 15 години го чувала Младиќ – не добивме“, вели Костиќ.
Милорад Константиновиќ, адвокат од Белград, смета дека случаите кои се однесуваат на периодот од 90-тите години, најчесто се користи за политички цели.
„Често сѐ се сведува на некаков политички договор, кој треба да резултира со нешто што на народот ќе му биде прикажано како работење на расветлувањето на настаните од периодот на деведесеттите години. Мое мислење е дека никој сериозно не се занимава со ова прашање, ниту пак има политички интерес во регионот да се дојде до вистината“, вели Константиновиќ.
Жртвите не се задоволни со пресудата, но не се ниту изненадени.
„Искрено, изненадена сум што не им доделија ордени. Тоа ме чуди, бидејќи тие сепак го чуваа нивниот (српски) голем јунак“, вели Мунира Субашиќ, претседателка на Здружението „Мајки на Сребреница и Жепа“.
„Ништо веќе не нѐ изненадува од Белград. Жалам што Србија не може да се соочи со вистината. Жал ми е што нивните деца никогаш нема да ја знаат вистината и ќе живеат засекогаш во темнина“, додава таа.
Апелацискиот суд во Белград, ги ослободи од обвиненијата дека му помагале на Младиќ во криењето, Станко Ристиќ, Лилјана Васковиќ, Борислав Ивановиќ, Предраг Ристиќ, Саша Бадњар, Ратко Вучетиќ, Татјана Васковиќ-Јањушевиќ, Бојана Васковиќ и Благоје Говедарица.
Судот утврди дека Лугоња го криел Младиќ во својот стан во Белград во септември 2002 година.
Во тоа време, Младиќ, кој во војната во деведесетите години беше командант на ВРС, се криеше, во обид да ја избегне екстрадицијата во Хаг.
Младиќ беше уапсен во 2011 година во Белград, по повеќе од 15 години поминати во бегство.
Хашкиот трибунал го обвини за геноцид и други злосторства извршени во БиХ. Се очекува, во ноември оваа година, да му биде изречена првостепената пресуда.