Регион

БИРН ја објави својата е-книга за судот за воени злосторства на Косово

Балканска истражувачка мрежа објави е-книга за Специјализираните советите на Косово, со цел да го подобри разбирањето за новоформираниот суд, пред кој ќе бидат кривично гонети поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово, ОВК, за злосторства извршени за време и по војната во Косово.

Е-книгата на БИРН, „Специјализирани совети на Косово: Од истраги до обвиненија“, објавена во вторник, содржи стручни анализи, интервјуа и архивски извештаи, што ја следат историјата на Специјализираните совети на Косово, од иницијалната истрага на Советот на Европа за воените и повоените злосторства извршени од борците на ОВК, до формирањето на новиот суд пред кој ќе им се суди, а чие седиште е во Хаг.

БИРН, пред поднесувањето на првите обвиненија, направи обемна архива која се однесува на оваа тема, преточена во овој сеопфатен водич кој зборува за начинот на кој овој суд ќе работи, за главните предизвици со кои тој е соочен и за она што клучните играчи имаат да го кажат за наводите и претстојните обвиненија.

Е-книгата можете бесплатно да ја преземете на англиски, албански, српски и на македонски јазик.

„Формирањето на Специјализираните совети на Косово, беше проследено со бројни контроверзии. Во Косово судот се смета за пристрасен, бидејќи својата работа ја фокусира само на една етничка група, додека во Србија, неговото формирање е поздравено како последна надеж за правда за косовските Срби. Во ваква вжештена атмосфера, веруваме дека оваа е-книга ќе биде важна алатка за секој оној кој го следи овој тежок пат кон правдата“, вели уредничката на книгата, Марија Ристиќ, директорка на програмата на БИРН, Балканска транзициска правда.

„Се надеваме дека таа ќе придонесе и за објективно сфаќање на сложените прашања, кои се однесуваат на процесирањето на лицата одговорни за злосторствата извршени во военото минато, што е една од клучните вредности на ангажманот на БИРН во областа на транзициската правда“, додаде таа.

Иако седиштето им е во Хаг, Специјализираните совети законски се дел од правниот систем на Косово, но се независни од косовското судство. Во нив е ангажиран меѓународен персонал, а сите одлуки и именувања поврзани со овој суд, ги носи Европската унија.

Специјализираните совети ќе имаат надлежност над злосторствата кои од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година, биле извршени или започнале да се вршат во Косово. Ова значи дека ќе можат да се гонат и злосторствата извршени во Албанија, бидејќи многу затвореници на ОВК, биле притворени во логори во северниот дел на оваа земја.

Пред него ќе се водат случаи што произлегоа од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ, СИТФ, во кој се вели дека неименувани претставници на ОВК, ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ против Србите, Ромите и косовските Албанци, за кои тие верувале дека се соработници на српскиот режим.

Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирања, нелегални апсења и сексуално насилство.

Истрагата на СИТФ беше спроведена по објавувањето на извештајот на Советот на Европа, во 2011 година, во кој се вели дека некои високи официјални лица на Косово, вклучувајќи го и актуелниот претседател Хашим Тачи, се одговорни за различни повреди на човековите права.

Тачи остро ги негираше обвинувањата, а откако во февруари оваа година стана претседател, тој јавно го поддржа формирањето на новиот суд.

По завршувањето на војната, во изминатите 17 години, правдата во Косово ја администрираше меѓународната заедница, но резултатите беа слаби – помалку од 20 конечни пресуди во случаите за воените злосторства. Србија обработи седум случаи поврзани со војната во Косово.

Се веруваше дека обвинителството на Косово не може да се справи со чувствителните случаи против високи официјални лица, што е една од причините за одлуката на меѓународната заедница, за формирање на новиот суд.

 

За да ги преземете ПДФ верзиите на англиски, албански, српски и на македонски јазик, кликнете овде.