Истражувањa

Бизнисот прави ДУП-ови, Општина Тетово само му помага

На хартија четирикатница, на терен двојно повисока зграда

Скопските општини често се соочуваат со обвинувања дека кројат урбанистички планови што ги исполнуваат интересите на градежните инвеститори наместо потребите за хумано живеење со повеќе јавен простор и зеленило, и помало оптоварување на улиците и на подземната инфраструктура.

Во Тетово, пак, се оди чекор подалеку, па градежните инвеститори самите си ги менуваат ДУП-овите како што им одговара, и тоа додека градат, а кооперативните општински власти ги поддржуваат и им наплаќаат комуналии.

Резултатот е познат – поголем притисок врз просторот, сообраќаен метеж, недоволно вода и речиси непостоечки јавни површини.

Во центарот на Тетово врз плац, каде стручните планери предвиделе зграда од четири ката, соѕидана е двојно повисока, осумкатница.

БИРН, вкрстувајќи ги податоците од важечките ДУП-ови, Катастарот и од теренското истражување, откри седум случаи каде што инвеститори добиле градежни дозволи за пониски згради, уште веднаш поставиле темели за повисоки и во меѓувреме со општината почнале процедури да го менуваат деталниот план, односно да го прилагодуваат на својот бизнис-план.

Еден таков драстичен пример има во центарот на Тетово врз плац, каде што стручните планери предвиделе зграда од четири ката, соѕидана е двојно повисока, осумкатница. Нејзината свежобојадисана бела фасада заканувачки надвиснува над соседната куќа со беж ѕидови, која, пак, како артефакт го илустрира изгледот на маалото крај улицата Благоја Тоска пред градежната експанзија.

Интензивната урбанизација во центарот на градот и концентрацијата на жители и досега го влошуваше квалитетот на живот. Според зборовите на тетовци, тие имаат проблем со притисокот на водата во чешмите, канализацијата не им додржува секогаш, сметот сè потешко се собира, зеленило немаат ни за лек, а возење автомобил низ улиците благоречено им е предизвик.

Снимките на Гугл покажуваат дека пред неколку години имало семејна куќа на три ката на местото на осумкатницата, која во блиска иднина ќе вдомува десетици фамилии. Не е тешко да се претпостави дека новите жители ќе направат дополнителен притисок врз полните училишта и градинки во таа четврт.

Апсурдноста на политиката на интензивно градење и произволно надградување ја покажува и бројката на ненаселени станбени единици во Тетово. Дури во 9.747 станови, според последниот попис, никој не живее. На републичко ниво, бројкава надминува фрапантни 307 илјади празни станови.

Градежен слалом меѓу прописите

Во ДУП-от четирикатница, на терен двојно повисока зграда | Фото: БИРН

„Подобро е да ги земеме парите (н.з. од комуналиите), отколку да рушиме“, во разговор за БИРН коментираше првиот човек на Секторот за урбанизам во Тетово, Рилинд Селмани, прашан зошто се толерираат и подоцна се легализираат зградиве.

Тој истовремено е и асистент на Тетовскиот факултет во областа на градежништвото и тој податок се чита од позлатената плочка што стои врз неговото општинско биро. Година и пол е на оваа општинска функција.

Селмани, аргументирајќи дека конкретнава новоградба на Благоја Тоска е безбедна, иако ѝ се додадени катови, всушност ни го откри начинот како инвеститорот подигнал двојно повисока зграда наспроти насоките во ДУП-от што предвидуваат зграда висока до 16 метри.

Само сто метри зад осумкатницата на Благоја Тоска урбанистичкиот план предвидел зграда од шест ката, меѓутоа црвенкастата карабина на терен има два повеќе – осум

Тој градежник, уште од самиот старт, при крајот на 2021 година, кога му е дадено одобрението за градба, почнал да подига осумкатница. Архитектонскиот проект, темелите, сеизмиката и сите подготовки биле направени како за осумкатница зашто инвеститорот бил убеден дека во меѓувреме ќе ги легализира дополнителните нивоа со промена на урбанистичкиот план. Замислата не му е далеку од реализација.

Раководителот на општинскиот сектор за урбанизам, Селмани прецизираше дека инвеститорот на свој трошок иницирал нов урбанистички план и тој документ е готов и чека на одобрување во Министерството за транспорт.

„Паралелно се прави зградата и се менува ДУП-от“, дообјасни тој.

И нашата проверка во Катастар покажа дека тој процес не е заокружен, таму запишани се становите само до четвртиот кат.

Сличен тренд се забележува и во други општини, а индикатор за тоа е фактот дека дури три четвртини од измените на ДУП-овите се правени по барање на физички лица или на фирми, а не по иницијатива на локалната власт. Ова е податок од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

„Подготовката на урбанистички планови од страна на физички и правни лица остава простор за злоупотреби“, се вели во истражувањето, повикувајќи се на Националната стратегија за спречување на корупцијата.

Јавна тајна

Во ДУП-от шесткатница, на терен има две нивоа повеќе | Фото: БИРН

Ваквиот градежен тренд, на некој начин, е јавна тајна во Тетово. За него ни зборуваа случајните минувачи, но и граѓанските активисти.

Членот на активистичката група „Подобро за Тетово“, Гадим Мехмети, исто така, ја илустрира ситуацијата.

„Пред три години имавме неколку сомнителни згради: на информативната табла кај градилиштето пишуваше дека ќе се подигнат шест ката, а реално гледате дека се градат осум или девет.“

„Во тоа време баравме од надлежните органи да ни достават документација зошто е тоа така. Не добивме одговори и така се затвори тој случај“, вели тој.

Архитектонскиот проект, темелите, сеизмиката и сите подготовки биле направени како за осумкатница зашто инвеститорот бил убеден дека во меѓувреме ќе ги легализира дополнителните нивоа со промена на урбанистичкиот план

Локалната власт, предводена од градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, вештачки во 2022 година иницираше нови избори за советничката листа, негласајќи ја завршната сметка, со што ја истисна граѓанската група „Подобро за Тетово“ од општинскиот совет.

„Не е јасно дали Тетово инфраструктурно може да го поднесе ова ниво на градење, од вода до канализација, до собирање смет. Имаме проблем со вода. Моментално градот нема вакви капацитети“, вели сега граѓанскиот активист Мехмети.

Само сто метри зад осумкатницата на Благоја Тоска, крај булеварот Борис Кидрич, кој се реконструира, уште една зграда е подигната повеќе отколку што предвидува ДУП-от.

Урбанистичкиот план таму предвидел зграда од шест ката, меѓутоа црвенкастата карабина на терен има два повеќе – осум. Според објаснувањето на општинскиот урбанист Селмани, и оваа зграда почнала да се подига на сличен начин како нејзината „сосетка“, со предумисла дека таму секако ќе има повеќе нивоа.

И таа го чека истиот ДУП да ги помине процедурите низ Министерството за транспорт, за да може потоа да се внесат во Катастар становите од доградените катови.

Промените на урбанистичките планови, кои ги легализираат овие надградби, ја поминуваат истата процедура како и регуларните ДУП-ови, објаснува за БИРН, Селмани.

Тој убедува дека општината навремено и соодветно ги информира граѓаните, со тоа што им лепи известувања пред домовите или пред зградите и спроведува анкети и стручни трибини, на кои треба да се чујат ставовите на стручњаците и на луѓето што живеат во конкретната четврт.

„Некои граѓани се противат на промените, ама некои и инсистираат да се гради“, вели првиот градски урбанист.

И сериозни и суптилни надградби

Сообраќајот во Тетово | Фото: БИРН

Булеварот Благоја Тоска, кој се протега низ централниот дел на Тетово, се смета за посебно опасен зашто се случиле голем број сообраќајки. Последната била во јануари, непознат возач удрил во возрасна жена, која добила тешки повреди.

Освен непланираните осумкатници, кои го чекаат новиот ДУП, на другата страна од булеварот, уште една зграда е подигната повеќе отколку што дозволува планот. Таму, наместо трошна семејна куќа, било предвидено да се изгради трикатница со приземја и подрум, а на самото место веќе е подигнат објект на пет ката.

Приземјето, судејќи според изгледот, ќе биде комерцијален простор, а влезот во новата зграда нетипично е мушнат од задната страна на објектот до кој се пристигнува преку тесен коридор крај соседната куќа.

Апсурдноста на политиката на интензивно градење и произволно надградување ја покажува и бројката на ненаселени станбени единици во Тетово –  9.747

Кога се претставивме како заинтересирани купувачи, лицето задолжено за продажба, во телефонски разговор, ни објасни дека во тој објект веќе нема станови што се продаваат, сè е зафатено.

Проверката на Катастар, пак, покажува дека четвртиот и петтиот кат на хартија не постојат.

„Не е дозволено да гради два ката повеќе“, дециден е првиот урбанист Селмани, меѓутоа тој не ја исклучува можноста и овој објект да ги озакони дополнителните нивоа како осумкатниците на другиот крај од булеварот.

Покрај овие три згради што произволно се „вивнале“ неколку ката повисоко, БИРН пронајде уште четири новоградби што „пораснале“ во текот на конструкцијата. Тие, или веќе ги легализирале надградбите со одобрение за измени во текот на градба, или минуваат низ тој специфичен административен процес.

Спецификата на легализација на дополнителните квадрати преку одобрение за измени, наспроти посложената процедура за промена на ДУП, е кога надградбата е помала.

„Измените се одобруваат за финеси, за некоја помала промена. А не можеш за два ката повеќе да добиеш одобрение за измена во градба, мораш да го менуваш ДУП-от“, вели првиот градски урбанист Селмани.

Надвор од Скопје, Тетово е впрочем градот со најмногу одобренија за градби во периодот меѓу 2018 и 2022 година. За тие четири години, општината издала 1.073 одобренија за градба, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Првиот градски урбанист Селмани уверува дека дополнителните станови нема да го влошат квалитетот на животот во Тетово. Општината имала план со 40 милиони од ЕУ да ја смени канализациската мрежа, да изгради два нови паркови и во тек е постапката за изградба на два нови булевари.

Меѓутоа, и сега Тетово попусто има булевари со три ленти, кога најчесто се вози по едната. Другите две имаат сосема поинаква намена – се користат за зонско, но и за недозволено паркирање.

Движењето со автомобил од една до друга точка низ центарoт може да трае и иритирачки половина час. Кога врне, уште поголем е предизвикот да се снајде човек. Тоа го посведочивме и пред десетина дена.

На заминување од градот сведочевме како возило на Брза помош мошне бучно и уште побавно се пробиваше низ колоната, низ главниот булевар на патот кон болницата.