Контрола на медиумите, партиски вработувања, нејасна поделеност на партијата од државата, култ на личност, тајни служби, пресметување со неистомислениците. Ова се само некои од внатрешнополитичките авторитарни тенденции на титоизмот.Тие честопати се исфилтрирани од колективната меморија на сметка на наративите на „братство и единство“.
Запознаените со тековниот македонски контекст во ова ќе ги препознаат и авторитарните тенденции на груевизмот. И покрај силните обиди на Груевски реторички да се дистанцира од тој дел од македонското минато, без општествените ментални рамки останати од титоизмот и Југославија, груевизмот не би бил возможен.
Еден исклучително важен, а малку дискутиран заеднички аспект на овие две владеења е деполитизираното граѓанство. За титоизмот, граѓанското општество имаше улога првенствено на давател на услуги, надополнувајќи ја власта. Во голема мера тоа се сведуваше на спорт, култура и хуманитаризам. Спортските клубови и културно-уметничките друштва предничеа во тој поглед.
Меѓутоа, граѓанското општество и граѓаните ретко вршеа притисок на власта и немаа улога на независен коректив. Граѓанинот беше политичко битие единствено во рамките на партијата. Политичките одлуки се дискутираа и се донесуваа во и од партијата. „Партиското“ и „политичкото“ станаа синоними, а граѓанското – аполитичко.
Состојбата во денешна Македонија не е многу поразлична од Југославија во однос на деполитизираното граѓанство. Политика и политичко во демократски контекст е она што се случува во јавниот живот, а не во приватниот; и во јавниот простор, во дискусиите, врските и интеракцијата помеѓу граѓаните.
Со намалувањето на слободата на медиумите, јавниот политички простор се ограничува. Сведувањето на Собранието на пасивен учесник и спроведувач на веќе донесени одлуки од други инстанци, исто така придонесува кон намалување на тој простор.
Гласањето на избори е една од можностите за директно учество на граѓаните во политичкиот процес. Сепак, во реалноста, учеството во изборите е инструментализирано од партиите. Во кризата во која се наоѓаме и моменталната поставеност, пак, независното учество на граѓаните во политичкиот процес е доведено во прашање по настаните на 17 и 18 мај.
По јавното легитимирање на позициите преку масовни протести на 17 и 18 мај, партиските лидери политичкото го префрлија зад затворени врати, на лидерски средби, во Скопје и во Стразбур.
Истовремено, самото поставување на кампови пред центри на моќ, како Владата и Собранието, е политички чин. Но, камповите се поставија откако на тоа јавно повикаа лидерите на двете најголеми политички партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму, во претходно опишаната ментална матрица, тие (камповите) очекувано се перципирани во асоцијација со политички партии. Кампот пред Владата, организиран од коалиција на граѓански здруженија и политички партии од опозицијата, е важна форма на револт и барање отчет од моменталните властодршци.
Иако поблизок до политички активното граѓанство, дали овој камп како единствен начин на покажување отпор кон режимот е доволен? Одговорот на ова прашање ќе го бараме во перидот што следи.
Но, од досегашното искуство е повеќе од јасно дека сведувањето на политичкото на два кампа, на одредена мала територија, без други места и простори за остварување на граѓанинот како политичко битие е недоволно за уривање на авторитарната елита и за создавање здраво демократско општество.
Затоа е клучно да се создаваат и граѓански да се заземаат нови јавни простори каде што ќе се случува политика, дискусија, револт. Каде што граѓаните ќе имаат глас, ќе бидат слушнати и ќе ја искажат политичката волја и без да бидат асоцирани со политички партии.
Еден таков облик беа секојдневните самоорганизирани протести и маршови на граѓаните во периодот од 5 до 17 мај. Таквата граѓанска вклученост е неопходно да продолжи ако посакуваме смена на елитите, но и суштинска промена во системот.
Авторката е докторантка по политички науки