Есен во Скопјанг

Она што ни се случува на политички план и како тоа власта го презентира, често се граничи со апсурдите на некои од уметниците што во историјата кокетирале со надреализмот, како, на пример, францускиот писател Борис Вијан. Приказните му течат праволиниски: момче сретнува девојка, другиот ден ја кани на лизгалиште, тргнува на љубовниот состанок и во позадината на оваа вообичаеност се случуваат купишта апсурди кои во тој свет прелесно се прифаќаат за нормални.
Книжевниот јунак на Вијан дискутира со глувци, руча јагула уловена во мијалникот и на улица се разминува со човек што носи птичји кафез наместо шубара.

Слични чудесии ни приредуваат и експертските јунаци на нашиот надреален гуру, премиерот Никола Груевски. Тие ќе се појават на телевизија, облечени во темно сако и во бела кошула, ќе говорат смирено и со одбрани зборови, меѓутоа во позадината на оваа вообичаеност и понатаму ќе ја бранат приказната за жолтото комбе кое прислушува во корист на странските служби. А Ристо Никовски сето ова ќе го аргументира со чаршиски муабети.

Да беше жив Борис Вијан, ќе напишеше приказна за провладиниот експерт во темно сако и во бела кошула кој наместо глава, на вратот носи комбе со човечки уши како тркала.

И Илија Димовски деновиве изгледаше како да скокнал преку кориците на францускиот надреалист право во македонското Собрание. Пред камерите аргументираше дека лустрацијата ќе прекине, меѓутоа тоа не значело оти власта признава дека се пресметувала со неистомислениците, ами финиширањето на овој процес многу пред неговиот предвиден крај во 2019, било знак дека ловот на кодоши е успешен.

За него сѐ и понатаму е „бизнис ас јужуал“ и покрај тоа што лустрацијата зад себе остави куп искасапени човечки судбини. Пратеникот Димовски се однесува како книжевниот јунак на Вијан, кој ужива во уметничкото лизгање покрај девојката, иако во исто време се одвива апсурдна сцена во која останатите се касапат со „сличугите“ до смрт, формирајќи рид од трупови.

naslovna

Експертските јунаци на нашиот надреален гуру и натаму ја бранат приказната за жолтото комбе / Монтажа: Странски служби

Не дека не можам да најдам, ама не ми требa паралела со надреалниот свет за да доловам дека обидот на вицепремиерот Пешевски да го удри Саше Ивановски, власта го релативизираше до апсурд.

Од инцидентот сфативме дека „дуел-ориентед“ Пешевски, како и најголем број од неговите колеги, го препознаваат само јазикот на конфликтот, на провокациите и на интригите и само на него реагираат. Одамна не „трзаат“ и не одговараат на нормални новинарски прашања.

Повеќе од една година чекам состанок со Пешевски за да ми ги објасни предностите на финансиската зона што ја планира Владата, а немав намера, како Саше, со камера во лице да го прашувам дали се плаши од затвор.

Во ова време на ненормалности, без конкуренција, најдобро плива премиерот Груевски. И покрај сѐ што чувме од „бомбите“, тој продолжува да мантра за најуспешна економија во Европа, отворање работни места и како опозицијата го спречува во благодарната мисија. Груевски е класичен вијански лик.

l-automne-a-pekin-416103

Романот „Есен во Пекинг“, Борис Вијан

Си ја тера приказната и она што се случува околу, колку и тој да е генератор на проблемите, едноставно не го тангира. Впрочем, само таков лик со доволно моќ во рацете, може во реалност да преточи урбанистички апсурд како што е проектот „Скопје 2014“.

Меѓутоа, премиерот прави грешка која, според истражувањето на американскиот психолог Ден Гилберт, е својствена за повеќето луѓе. Тој сега, во овој момент, смета дека во следните десет години работите нема многу да се сменат, а во исто време заборава дека многу работи се поинакви од пред една деценија кога тој се устоличи.

Изумува дека за овие десет години, паралелно со сите апсурди што ги промовираше, се создаде критична демократска маса, која жилаво реагираше на сите глупости и поради која денес Прибе лесно го напиша извештајот. Да немате сомнеж, по оваа политичка криза ништо нема да биде исто, па дури и ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во април.

Ниту Јанкулоска ќе вработува судии преку тефтерчиња директно од штабот во МВР, ниту Миле ќе се заканува пред избори, а фала Богу ниту, пак, УБК на Сашо Мијалков ќе прислушува. Едноставно, таа приказна заврши. Груевизмот против себе има мобилизирана и охрабрена демократска свест која нема да дозволи реприза на претходните десет години, ниту од ВМРО, ниту, пак, од кој било друг.

Едно од најоткачените дела на Борис Вијан е романот „Есен во Пекинг“ во кој никаде не се спомнува ни есента, ниту пак, Пекинг. Откако власта најави дека купува суперсонични возови од Кина, ми текна на романот, бидејќи во него апсурдните ликови во пустина градат пруга која не води никаде.

И си помислив, ако Вијан би пишувал за изминативе десет години во Македонија, веројатно книгата ќе ја крсти „Есен во Скопјанг“ (Скопјанг е кованица на колегата Бранко Тричковски од Скопје и од севернокорејскиот Пјонгјанг).