Кралот со капа на дворски шут

Униформираниот медиумски простор, од кого се отстранети сите критички и иронични дезени, функционира токму онака како што функционира целата држава – како демократска власт без опозиција, а таквата власт на крајот неминовно збеснува или, по нашки кажано, пролупува.

Прашање беше на ден, да не кажеме на миг, кога повеќегодишното насилство врз медиумите, а со самото тоа и врз јавноста, јавната одговорност, да не кажеме слободата, ќе се претвори во физичка пресметка на власта со „оние другите“.

Полагањето за боксер на вицепремиерот Владимир Пешевски во дуелот со Саше Ивановски – Политико, значи, беше повеќекратно најавуван. И директно, и посредно. Директните напади, во физичка смисла, најмногу ги почувствува токму Саше Политико, но имаше тука и палења автомобили, напади на активисти, говор на омраза и останати креативни или помалку креативни методи од арсеналот на заштитената багра која повеќе години наназад консеквентно се промовира како единствен и легитимен заштитник на Идентитетот, Единствената вистина и Македонија вечна.

Она што е ново во случајов е фактот дека ова е првпат физичко насилство на јавен простор да демонстрира висок партиски и владин функционер. Не би сакал да сум во право, ама, за жал, мислам дека со овој „инцидент“ (ајде така да го наречеме) не ја доживеавме катарзата туку само почетокот на физичкото насилство како легитимен и легален метод во политичката борба.

Евентуална катарза би можела да се случи само доколку Пешевски покаже малку чувство за јавна одговорност, а уште повеќе ако тоа го покаже Владата, каде што е заменик премиер, или барем неговата матична партија. Но, тоа не само што не случува туку се чини дека владиниот адвертајзинг, повеќе или помалку, успешно на Пешевски му ја наметнува улогата на жртва. Но, велам, тоа и се очекуваше, а се очекува и во натамошните вакви „емотивни“ искажувања на „правоверните“ аргументи.

Можеме тука да ги бараме причините во нервозата, односно „кусиот фитил“ на Пешевски, особено по напнатите претходни денови околу потпишувањето на договорот за излез од политичката криза, во безобразлакот на Политико, во сеопштата напната атмосфера на поделби и антагонизирани ставови… и – ќе бидеме на погрешна трага. Нема тука да ламентираме ни врз таканаречената историска ВМРО и нејзините „оригинални“ начини на практикување на политичката борба, иако и тоа би имало сериозна смисла.

Тупаницата на Пешевски, всушност, како автономен чин, и не би заслужувала некое особено внимание, доколку не се работи за логична последица на доминантното разбирање на владејачката партија на насилството како легитимен демократски чин. Впрочем, таа тоа јасно и недвосмислено го покажа уште во 2009 година во пресметката со демонстрантите против изградбата на црква на главниот скопски плоштад. Тогаш, се сеќавате, се собраа повеќекратно побројни контрадемонстранти кои насилно го прекинаа студентскиот протест. Полицијата не интервенираше, а власта покрена кривични пријави против протестантите. Со други зборови, јасно беше покажано дека насилството контекстуално ќе се толерира, а поттекстуално ќе се охрабрува.

За да може овој и ваков модус на „демократската битка“ непречено да се спроведува, неопходна, во суштина круцијална, беше уште една мерка – еутаназија, па и лоботомија на јавноста. Иако притисоците и силувањето на јавното мислење започнаа уште од стапувањето на власт, клучниот момент беше укинувањето на А1 телевизија и придружните весници, а потоа и на други медиуми (авторот на овие редови беше директен сведок на умирањето на неделникот „Глобус“).

Humphrey-King-Foter-CC-BY-SA

Humphrey King / Foter / CC BY-SA

Потоа беше лесно. Корпоративните национални телевизии беа лесен плен за освојување. Конечно, не е целта медиумскиот простор да остане празен туку да се претвори во алатка за формирање на заглупавената толпа. Не мислиме тука само на информативните програми, иако не спориме дека се најбитни, туку на сите оние „сапуници“, надсинхронизирања, „Грандови“, „Барам жена“, „Х-фактори“ и останати медиумски производи за заглупавување на аудиториумот, при што тука не се исклучува ни вината на А1 телевизија, како пионер на создавање на таканаречената „мрзлива“ публика, што на крајот ѝ се удри од глава.

Обидите за воспоставување некаква медиумска рамнотежа се речиси однапред осудени на неуспех (примерот на неделникот „Граѓански“), затоа што огласувачите, со беспрекорен инстинкт, непоколебливо ќе ве бојкотираат и така ќе ве истераат од медиумскиот простор.

Во услови кога Владата е најголем огласувач, но и најголем бизнис партнер (и не само бизнис партнер) на она што остана од македонското стопанство, ретките различни гласови опстојуваат единствено преку меѓународните донации (односно преку невладините организации) што во никој случај не може да обезбеди соодветен баланс, ниту во сферата на финансиите, а уште помалку во сферата на влијателноста.

Апсурдот на македонската верзија на слободниот медиумски пазар е токму во тоа – нема медиуми каде што ќе објасните дека слободниот пазар не постои. А ако нема медиуми што оваа појава ќе ја објаснуваат, тогаш таа појава и не постои.

Вака униформираниот медиумски простор, од кого се отстранети сите критички и иронични дезени (бавната смрт на карикатурата, умирањето на К-15), функционира токму онака како што функционира целата држава – како демократска власт без опозиција. И ако има некаква опозиција, таа треба да се истера од парламентот. Во практика, тоа по насилен пат се направи на оној 24 декември, а по манипулативен пат и по последните избори.

Како што е познато од светската практика, а богами и од нашата (владеењето на СДСМ 1994 – 1998), ваквата власт на крајот неминовно збеснува или, по нашки кажано, пролупува. Со други зборови, долгорочно (а долгиот рок, се чини, изминува) работи во полза на сопствениот погреб. Затоа оваа збесната и пролупана реакција на вицепремиерот Пешевски треба да се гледа низ оваа призма.

Постои една моќна метафора, која ќе ја наведам тука, како што се наведува вода на сопствената воденица: егзекутирајќи го непослушниот дворски шут, кралот, наместо круната, ја става неговата капа…

Оваа метафора не се однесува и не треба да се однесува на непромислениот Пешевски туку на власта во целина. Сепак, власта, откажувајќи се од самоконтролата, која е толку напорна без туѓа помош, препуштајќи се на поројот на неумереност и претерување – што, во некој друг контекст, е дефиниција на сатира – со потегот на Пешевски, со неговото медиумско релативизирање, па и директно повикување на насилство (главниот уредник на „Дневник“ во својата саботна колумна му забележува на Пешевски дека бил премногу „мек“), всушност ја игра улогата на сопственото сотирање.

Јажето е префрлено преку гредата и сега треба само трпеливо да се сочека да се завршат заостанатите работи и владиниот труп среќно да се залулее, заедно со наводните инвестиции и спомениците од Крушоради и Сетинци. Толпата што Владата толку време се обидуваше да ја препарира, радосно ќе аплаудира пред нејзиниот труп, токму поради тоа што истата таа Влада ги прецени карактерот и енергијата на нејзиното учество во поддршката на власта. На толпата, впрочем, тоа ѝ е работа: да се прилагоди на новите околности побргу од оние што тие околности ги создаваат.