Што значи претприемач? Па, претприемач е човек кој почнува сопствен бизнис, сака да ги реализира своите бизнис идеи, има визија што сака да направи во животот, да размислува и да се движи напред, без разлика на проблемите кои се појавуваат, да не се откажува од својот сон на првата пречка итн., итн. Е тоа е претприемач, тоа е човек кој сака да има свој бизнис и не сака да работи за друг или да работи во јавната администрација. Но, кај нас е малку различно.
Наместо институциите да стимулираат претприемништво тие на секој можен начин го дестимулираат и буквално ги тераат, посебно младите, да сакаат и да аплицираат за работа во јавните институции. Пред извесно време беа објавени огромен број слободни позиции во извршната и во законодавната власт, како и слободни позиции за работа во градот Скопје. Работните позиции кои беа огласени навистина беа многу примамливи и беа за високи позиции во администрацијата, што само по себе носи голем публицитет и атрактивност, па затоа не чуди огромниот број апликации што беа испратени, посебно од младите луѓе кои имаат завршено постдипломски студии и се чувствуваат спремни за такви позиции.
Од друга страна, истовремено беа објавени и новите мерки за стимулирање и за почнување сопствен бизнис, кои одеа од неповратен грант до кредит со 1% камата, што во пазарни услови е одлична можност, ако се знае дека финансиските институции прво не поддржуваат старт ап бизниси, а плус каматите за финансирање на бизнисот е минимум 7-8%. Условите за почнување бизнис се одлични и се стимулативни, а се одлични поради тоа што во почетниот најтежок период ти овозможуваат да се справиш со проблемите и да водиш бизнис.
Но, што се случува. Интересот за користење на овие мерки е многу мал, да не кажам никаков, младите дури воопшто не се ни јавуваат да се информираат за користење на овие средства, а од друга страна интересот за вработување во јавната администрација е да не кажам лудо атрактивен. Бројките со кои излегоа институциите и ги промовираа во јавноста се неверојатни и, што е уште пострашно според мене, тоа го кажаа на таков спектакуларен начин што чиниш дека тоа е неверојатен успех, а не е. Напротив, за мене е страшно разочарувачки зашто една држава не може никако да се развива и да се движи напред, особено економски, да напредува ако оние кои треба да ја движат во таа насока размислуваат и сакаат да се вработат во јавната администрација. Уште пострашно и депримирачки е тоа што самата државна власт го стимулира тоа и јавно се фали со него.
Втората работа која исто така делува поразително на стимулирањето на претприемништвото во Македонија се крајно лошите законски решенија со кои и на тие што можеби помислиле да почнат со бизнис во старт ги откажуваат. Законското решение да мора бизнисот да ти биде регистриран и мора да егзистираш во деловни простории е да не кажам повторно лош, страшно лош. Претприемништвото не зависи од просторот во кој работиш и си се регистрирал ти, туку од начинот како го водиш и го менаџираш бизнисот.
Да се родел во Македонија, Ричард Брансон во овие услови никогаш нема да почнал со сопствен бизнис, туку ќе аплицирал за некоја висока позиција во администрацијата и ќе чекал да се вработи таму.