Има надеж за 2015!

Нема толку многу црвени фломастери, ниту пак толку многу курири за да го потценат и уништат она што го видовме на завршетокот на годинава. А видовме зачеток на ново движење, нова, неизманипулирана сила, видовме бунтовност и способност да се каже „не“ јасно и гласно.

Не видовме ни „С“ од стравот, нешто што стана обележје за македонското тло кога станува збор за несогласување со одредени ставови на власта – по дома, па дури и таму со шепот си кажувавме колку сме незадоволни.

Минатата година ова време немавме со што многу да се пофалиме. Мака мачевме да избереме личност на годината, која би требала да носи една револуционерна, бунтовна сила во себе за да можат да се придвижат работите нанапред. Личност без страв. Личност која не потклекнува пред она познатото „ако ви кажам нешто, ве молам не ме спомнувајте со име и со презиме“, „мајка ми работи во администрација, ќе ја избркаат ако кажам нешто“, „ќерка ми чека абер за да почне да работи во училиште, не ме цитирајте со име“.

Оваа година, немаме личност на годината. Имаме поворка од десетици илјади личности на годината. Млади и необележани. Полни со аргументи, подготвени за дебата, со име и со презиме и со транспаренти кои јасно кажуваат „Нема правда – нема мир“. И не се само тие. Зад нив има професори, има уметници, новинари, писатели, глумци, синдикати, невладини организации.

Конечно, имаме народ. Многу поброен од црвените фломастери употребени на камерите од МВР преку кои се следат оние што се дрзнале да излезат на улица затоа што имале нешто да кажат.

Претходно, имавме поединци. Знаеме како завршија – домашен притвор, сообраќајна несреќа, апсења… Затворот во Шутка се наполни. Не сум сигурна дека за сите овие луѓе ќе има место таму. Многу се.

DSC01103

Човекот знаеше дека црвениот тепих постелен пред Владата на „отворениот ден“ нема многу да му заврши работа. Затоа и излезе на улица, со студентите и со професорите | Фото: М. Јордановска

Имаше еден постар човек пред Собранието, кога се одржуваше Професорскиот пленум. Не знаеше ништо за државниот испит. Застана точно пред полицискиот кордон, кој го бранеше Собранието облечено во најскапо руво од народот.

Човекот не знаеше ни точно зошто е собрана толпата. Вели, чув дека ќе се собираат луѓе, па дојдов. Си имам мака, ама досега немав каде и кога да ја кажам. „И сега можеби никој нема да ме чуе, ама сакам да стојам пред Парламентот, да видат дека не сум задоволен“.

Стариот човек плачеше, стоејќи пред полицијата, на минусни температури. Си имаше мака. Знаеше дека црвениот тепих постелен пред Владата на „отворениот ден“ нема многу да му заврши работа. Затоа и излезе на улица, со студентите и со професорите.

Затоа, нема да речам дека на Македонија ѝ се случи студентско движење. Ќе речам дека на Македонија ѝ се случи народ, поттикнат од младите луѓе, кои успеаја да го избијат стравот кај масата. Можат до бескрај да го идентификуваат тој народ со платеници, соросоиди, опозиционери, предавници, ама така само докажуваат дека народот го делат на два дела. Така само докажуваат дека власта не е власт за сите, туку само за послушниците. Така само успеаја да ја оттргнат академската маса од себе, да ја етикетираат, обојат со црвено и да ја направат уште понезадоволна.

Почнаа да се редат грешките во чекори. Затоа што на Македонија ѝ се случува народ, а за возврат добиваме набрзина изгласани закони, затворени врати, полициски кордони, преполни затвори со неистомисленици и курири кои веќе работат со преполовени сили.

А кога народот ќе го поделиш на „мои“ и на „твои“, толку гласно и јасно како што направи оваа власт, ете тогаш почнува пресвртот.

И затоа, знам дека 2015 ќе биде надежна година. Повеќе не се мачиме да ги лоцираме личностите на годината. Насекаде се, низ улиците.