Дискриминацијата и говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, за жал во последно време станаа секојдневно присутни во медиумите. Сензационалистички вести кои во голем број случаи немаат никаква врска со реалноста и вистината, може да се прочитаат се почесто како во дел од весниците, така и на интернет.
Затоа пак темите и сториите кои се занимаваат со истражување на проблемите на ЛГБТИ заедницата во Македонија, скоро и да ги нема. Новинарите се поретко се нафаќаат да прават посериозни истражувања на овие теми, и често пати обесхрабрени од уредниците или, пак, од средината во редакцијата, која не дава простор и интерес за овие прашања, се откажуваат од нивно обработување.
Потсмев и потценувачки однос кон новинарите кои ќе предложат сторија од оваа област е исто така присутен во некои редакции. Веќе пет години во повеќе медиуми, пишувам текстови од областа на човековите права, вклучувајќи ги и маргинализираните заедници и морам да признаам дека во повеќе наврати одредени колеги знаеле да го омаловажат мојот труд кога се работи за овие теми.
„Пак ли за нив ќе пишуваш, аман веќе што им фали, никој не ги чепка, ги имаат сите права, што сакаат веќе“, се само дел од коментарите кои биле упатени кон мене, кога сум работела на текстовите. Не можејќи да се справат со сопствената хомофобија или недоволна информираност за оваа област, овие коментари ги даваат новинари, луѓе кои треба да бидат во првите редови, кога се работи за одбрана на човековите права и еднаквоста на сите луѓе во општеството.
Она што е уште пострашно е дека во последно време се појавуваат лажни и непроверени информации, кои понекогаш може доволно да ја наелектризираат атмосферата, и да дојде дури и до сериозно насилство.
Една од најопасните вакви „рециклирани“ вести беше и онаа дека за неколку дена ќе има геј парада во Скопје. Поминаа четири месеци, но парада не се случи, а како и да се случи кога никој не ја организираше. Навистина една организација уште пред година и половина најавуваше организација на парада, но ваквите најави очигледно беа далеку од реализација.
Тоа сепак не ги спречи десетиците медиуми и портали да објават дека Скопје ќе ја добие првата геј парада, без воопшто да ги прашаат граѓанските организации дали во деновите кои следат, некоја од нив подготвува ваков настан. Без ниту еден релевантен извор, информацијата се прошири, а потоа непостоечката парада, доби и контра-парада и анти-геј протест. Во неколку медиуми веста дури и гласеше „според неофицијални информации, стигнала официјална најава за организација на парадата“. Ако порано мислев дека ваквите вести се прават од незнаење, сега се повеќе верувам дека не се случајни, особено ако се земе во предвид фактот дека веста се уште стои објавена на порталите, иако доби демант од повеќе граѓански организации.
Геј парада немаше, ама затоа веднаш по „загревањето“ на медиумскиот простор имаше насилен напад на ЛГБТИ Центарот во старата скопска чаршија кога четириесетина лица влетаа со шипки и го демолираа центарот, додека беше полн со луѓе. Во инцидентот беше повреден полицаецот кој застана помеѓу насилниците и присутните, па за среќа немаше повредени цивили. Но, кој ќе одговараше доколку се случеше повреда или, пак, уште пострашно смрт? Дали и новинарите имаат одговорност за непроверените лажни информации кои може да доведат до насилство и инциденти од омраза?
Време е новинарите и медиумите да ја сфатат огромната одговорност и влијание кои ги има пишаниот збор, и да решат дали нивните вести, стории и истражувања сакаат да донесат насилство, немир и говор на омраза, или пак да придонесат за унапредување на човековите права и подобар живот за сите граѓани кои живеат во Македонија. Дали ќе го избереме Етичкиот кодекс на новинарите како наша заедничка цел, која ќе надвладее над говорот на омраза и непрофесионалноста во новинарството и медиумите зависи само од нас.
На одговорност неодамна нè повика и Европската Комисија, која во последниот извештај за напредокот на Македонија ги спомена хомофобичните медиумски содржини и ги повика медиумските професионалци и сопственици да преземат поголема одговорност во борбата со игноранцијата и нетолеранцијата.
„Додека полицијата реагираше соодветно на насилните инциденти, целосни истраги треба да бидат спроведени и уште многу повеќе треба да се направи од страна на функционерите и медиумските професионалци, сопственици и организации за јавно да се осуди нетолеранцијата и незнаењето“, се вели во извештајот на ЕК, кој треба да не потсети и нас новинарите на нашите грешки и одговорности.
Кога има неправди, дискриминација и говор на омраза, новинарите преку професионалното известување мора да застанат во одбрана на човековите права на ЛГБТИ лицата и се разбира во одбрана на правата на сите граѓани, Роми или Македонци, Албанци или Срби, религиозни или не, СДСМ-овци или ВМРО-вци, млади и стари, од една едноставна причина – Тоа е наша работа.
Авторката е новинар