Истражувањa

Државната тајна за Рудникот Иловица сее страв од тешки отрови

И македонската држава и инвеститорот „Еуромакс рисорсис“ ја кријат еколошка студија за идниот златен рудник „Иловица“, документ кој треба да гарантира дека површинскиот коп нема да направи еколошки проблем во регионот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Под превезот на државна тајна во подножјето на планината Огражден, во југоисточна Македонија, близу до градот Струмица, од утро па сè додека дневната светлина продира низ листопадната шума, дупчат жолтите машини на канадската компанија „Еурoмакс рисорсис“ и вадат парчиња од рудата богата со злато и со бакар.

Локацијата каде треба да биде отворен рудникот Иловица Фото: В. Апостолов

Локацијата каде треба да биде отворен рудникот Иловица Фото: В. Апостолов

Американско-бугарската компанија „Фелпс доџ Вардар“, од 2004 до 2012 година, ја испитуваше почвата над струмичките села Иловица и Штука. Таа беше „џуниор мајнинг“ фирма, која само истражуваше, а рударството и го препушти на големата корпорација „Еуромакс рисорсис“, која ќе инвестира меѓу 400 и 500 милиони долари во Иловица, од каде што во наредните три децении ќе се експлоатира злато.

Според фактите што ги објави компанијата во февруари 2013 година, на локалитетот би требало да има 119 тони злато и 791.000 тони бакар.

Внимателно со рудникот

Општината Босилово брои 15.000 жители, од кои најголемиот број се занимаваат со раноградинарски култури и со сточарство.

Селаните од Иловица и од Штука одгледуваат компири, тутун и пченка, но ниту нивниот крај не е имун на иселувањето бидејќи Италија и Словенија се најчестите дестинации на младите, кои обично ја избегнуваат мотиката. И бидејќи земјоделците аргатат рано наутро, долгата улица што ги дели Иловица и Штука беше празна кога ја посетивме еден августовски петок токму напладне.

Селаните се одмораа, а активни беа само работниците што ја градеа спортската сала во Иловица, што се наоѓа веднаш до основното училиште.

Мештаните пред локалната продавница „Трендо“, напладне се ладеа со пиво и ни раскажаа дека освен нивите, тие немаат друг извор на заработувачка и доколку некој некаде работи – тој не зема поголема плата од 100 евра.

Чувме дека во рудникот платата ќе била бајаги поголема. Баш да видам! – изјави селанецот кој работи на дупчењата во Иловица.

Десетина километри од Иловица се наоѓа единственото мочуриште во Македонија, познатото Моноспитовско Блато.

Овој регион од 1986 година е прогласен за споменик на природата, а посебно е заштитен и т.н. кралски папрат. Во мочуриштето живеат неколку видови ретки птици, меѓу кои и големата бела чапја, потоа блатната желка, змиите белоушка и ескулаповиот смок, а од растителниот свет најинтересни се влажните ливади со виолетов салеп.

Во општината работи и една од најголемите млекарници во Македонија, „Здравје Радово“, а опстојува и една винарија.

Ќе се користи цијанид?

Еколозите секогаш се на штрек кога се отвораат рудници на злато и на бакар бидејќи во нетолку далечното минатото, во блиското опкружување на Македонија имало инциденти. Особено загрижува можноста за употреба на цијанид во процесот на добивањето на рудата. Еколозите тоа го нарекуваат „еколошка нуклеарна бомба“.

Најеклатантен пример е цијанидот кој во февруари 2000 година се појавил во реката Тиса, која е најголемата лева притока на Дунав, извира во Украина и поминува низ Унгарија, Словачка и Србија. Извор на труењето бил рудник на бакар лоциран на романска територија.

Од овој инцидент настрадале големи количества риби и тоа на унгарска територија. Се стравувало цијанидот да не дојде до водата за пиење, па за среќа тоа не се случило.

Сериозен проблем со цијанидната експлоатација на златото имала и Турција, која во 1996 година одобрила инвестиција вредна 45 милиони долари, иако две години претходно Врховниот суд ја забранил употребата на оваа отровна материја.

Протести поради намерите за отворање рудници на злато годинава имаше и во Грција и во Романија. Овој септември илјадници Романци цела недела протестираа во Букурешт и во другите градови против златниот рудник што треба да го отвори канадската компанија „Габриел рисорсес“ и кој треба да биде најголем од таков вид во Европа.

Од протестите на романските активисти за здрава животна средина во Рошја Монтана

Од протестите на романските активисти за здрава животна средина во Рошја Монтана

Тие се плашат дека овие Канаѓани во областа Рошја Монтана ќе употребат цијанид при вадењето на рудата и дека ќе преселат неколку села.

Според најавите на романскиот премиер, Виктор Понта, државата ќе бара други инвеститори за подобрување на економската состојба, а канадскиот концерн размислува за тужба.

Со најавите за отворање рудник за злато во Иловица кај еколозите веднаш се отвори и прашањето дали и тука ќе се користи цијанид?

Недостапноста на студијата за пошироката јавност ја зголемува загриженоста за ефектите од новиот рудник.

Компанијата „Фелпс доџ Вардар“, која ја испитуваше почвата за потребите на „Еуромакс рисорсис“  во Македонија, уште во октомври 2010 година побарала Министерството за животна средина да не ја објави целата Студија за оцена на влијанието врз животната околина.

Наместо документот, Министерството на својата веб-страница го објави само нетехничкото резиме, чија содржина дополнително ги загрижи еколозите, а најгласни за овој проблем се членовите на скопската невладина „Фронт 21/24“.

Во нетехничкото резиме стои дека компанијата разгледала две алтернативи за третирање на минералните суровини. Опцијата под број еден предвидувала подготовка на концентратот по пат на флотација, додека втората алтернатива предвидувала лужење со цијанидни раствори.

Правничката од еколошкото друштво „Фронт 21/42“, Александра Бујароска, вели дека резимето без посебно објаснување дава само начелна предност на опцијата, која не предвидува цијанидни раствори.

„Не е исклучена можноста да ја изберат опцијата што вклучува цијанидно процесирање зашто оваа варијанта, според експертите што ја изработувале студијата, обезбедува поголемо искористување на златото. За жал, немаме целосен увид во студијата и со сигурност не можеме да тврдиме која опција ќе биде финален избор на инвеститорот“.

Александра Бујаровска, НВО Фронт 21/24

„Еуромакс рисорсис“ е децидна дека нема да користи цијанид во Иловица и нагласува дека одобрената Студија за оцена на влијанието врз животната средина нема вклучено дозвола за користење на оваа токсична супстанција.„Не е исклучена можноста да ја изберат опцијата што вклучува цијанидно процесирање зашто оваа варијанта, според експертите што ја изработувале студијата, обезбедува поголемо искористување на златото. За жал, немаме целосен увид во студијата и со сигурност не можеме да тврдиме која опција ќе биде финален избор на инвеститорот“, вели Бујароска.

Компанијата тврди дека секоја еколошка студија законски мора да понуди најмалку две алтернативи и затоа тие ја разгледувале опцијата со цијанид.

Од таму објаснуваат дека со цијанид се вади златото од погорните слоеви на почвата, каде што рудата е оксидирана и дека овој процес со цијанид не може да се користи за остатокот од рудата што се наоѓа подлабоко во почвата.

Количеството што би можело да се третира со цијанид претставува 10 отсто од другото рудното богатство, но, како што уверуваат Канаѓаните, оваа руда ќе се фрла.

Љупчо Колев, градоначалник на општина Босилово Фото: В. Апостолов

Љупчо Колев, градоначалник на општина Босилово Фото: В. Апостолов

Градоначалникот на Босилово, Љупчо Колев, вели дека нема ингеренции околу рудникот, но се интересирал за проектот бидејќи рудникот ќе биде на еден и пол километар од селата Иловица и Штука, и во близина на вештачкото езеро од каде што со вода за пиење се снабдуваат седум села.

Еколошката студија, сепак, не е јавна

Од Министерството за животна средина побаравме да ни ја достави целосната еколошка студија, но оттаму нè информираа дека по барање на „Фелпс доџ Вардар“ објавиле само нетехничко резиме и затоа не можат да ни помогнат.

Објаснувањето што го добивме во дописот од Управата за животна средина, потпишано од директорот Игор Трајковски, е дека студијата нема да ја објават за да ги заштитат доверливите податоци во интегралниот текст.

„Досега не се случило Министерството за животна средина да објави само нетехничко резиме за проект кој подлежи на оцена за влијание врз животната средина. Ова е прв случај инвеститор да побара да се објави само резимето“, коментира Бујароска од еколошкото друштво „Фронт 21/24“.

Таа вели дека информациите за животната средина не смеат да бидат доверливи и доколку постојат такви податоци, тие треба да се извадат од студијата и таа да се објави.

Економската комисија на Обединетите нации за Европа, во 1998 година донесе конвенција за пристап до информации, позната како Архуска конвенција.

Македонија ја ратификувала оваа конвенција во 1999 година, а во рамки на конвенцијата работи Жалбен комитет, кој одлучува по жалбите на лицата или на институциите што не добиле информација од јавен карактер. Одлуките на комитетот се советодавни.

Еколошката студија за сличен проект не им била достапна и на активистите за здрава животна средина во Романија, кои се жалеле пред надлежните меѓународни институции.

Во 2005 година, романската невладина организација „Албурнус мајор“ се пожалила дека не ја добила еколошката студија од романската држава токму за проектот во Рошја Монтана, каде што канадската компанија „Габриел рисорсис“ планираше да прави површински коп за експлоатација на златна и за сребрена руда. Романските екологисти извојуваа одлука во нивна корист.

„Еуромакс рисорсис“ тврди дека еколошката студија целосно ја презентирала пред локалните жители и, наедно, во целост е достапна во информативниот центар на компанијата, кој е отворен секој работен ден од 9 до 17 часот во селото Иловица.

Го посетивме местото два пати. Првиот пат воопшто не ни беше кажано дека студијата е таму. При втората посета на информативниот центар ни ја покажаа студијата што е стручна книга од неколку стотици страници, тешка неколку килограми, од која е неможно при прелистување да се донесат релевантни заклучоци.

Сепак, и покрај сите настојувања не ни ја дадоа студијата, која планиравме да ја споделиме со експертите и со еколозите за тие да дадат стручно мислење за тоа какви ефекти ќе има отворањето на рудникот врз животната средина.

За надлежните и за компанијата е сосема доволно што е одржана јавна расправа во селото Иловица. Таа се одржала во ноември 2011 г. Информацијата дека ќе има дебата ја објавиле во весниците „Вечер“ и „Коха,“ а на јавната расправа присуствувале претставници од Министерството и од компанијата, меѓу 50 и 60 заинтересирани граѓани, градоначалникот на Општина Босилово и неговите соработници.

На жителите што биле на презентацијата им било ветено оти рудникот нема да им наштети на селата.

По јавната расправа, техничката комисија на Министерството за животна средина му предложи на министерот Абдулаким Адеми да го одобри проектот „Иловица“.

Водните ресурси најзагрозени

Невладината „Фронт 21/24“ предупредува дека проектите како „Иловица“, најмногу влијаат врз водните ресурси.

– Речиси секој рудник подразбира загадување на водите со висока концентрација на одредени тешки метали, кои се застапени во рудата и во флотациската јаловина. Според нетехничкото резиме, проектот ќе доведе до пренасочување на водните текови, како и до промени на квалитетот, квантитетот и на расположливоста на површинските и на подземните води, предупредува Бујароска од „Фронт 21/24“.

Веднаш над селата се наоѓа вештачкото езеро од кое се наводнува полето и од кое вода пијат околните села. Езерото е приближно на половина пат од рудникот до селата.

На почетокот од септември во вештачкото езеро над селото имаше помор на риби, по што Општината Босилово веднаш забрани да се пие водата од акумулацијата.

Локалните инспектори по првичните испитувања не нашле тешки метали во водата и неофицијално рудникот не е виновен за угинувањето на рибите. Се чека финалната анализа да потврди дали причина за поморот е намаленото ниво на кислород поради високата температура и нискиот водостој.

Од „Еурмакс рисорсис“ велат дека имаат планови како да им обезбедат на жителите почиста вода и од таа што сега ја пијат. Концентратот ќе го изнесуваат по посебен асфалтиран пат што тие ќе го изградат и ќе биде далеку од местата каде што живеат луѓето.

Кои се „Еуромакс рисорсис“?

Газди на македонската „Еуромакс рисорсис“ се две истоимени фирми, од кои едната е во Лондон, Велика Британија, додека другата се наоѓа на десеттиот кат од една висококатница во Ванкувер. Канадската „Еуромакс рисорсис“ е сопственик на три компании, станува збор за лондонската и за канадската „Еуромакс рисорсис (Маседониа)“ и за компанијата „Омакс интернешнел лимитед“ од Кајманските Острови, во западниот дел од Карипско Море.

„Омакс интернешнел лимитед“ е газда, пак, на „Еуромакс сервисис ЕООД“, која истражува во Трн, Бугарија, и на српската „Саут Денјуб металс Београд“, која работи на локалитет на самата граница со Косово.

Целиот бизнис на оваа канадска компанија е сконцентриран во Македонија, Србија и во Бугарија, а токму на Балканот „Еуромакс рисорсис“ и другите слични корпорации во блиското минато се судриле со локалното население поради стравот од еколошките посредници на нивните проекти. Поради овие случаи „Еуромакс рисорсис“ имале проблеми во централна Бугарија, каде што жителите на селото Попинци се противеле на идејата за златен рудник, плашејќи се од употреба на цијанид при експлоатација на рудата.

Според пишувањата на Данската асоцијација за истражувачко новинарство, СКУП, по четири години конфронтации меѓу селаните од Попинци и „Мартерн“, фирма-ќерка на „Еуромакс рисорсис“, копачите на злато се префрлиле во источниот дел на Бугарија во селото Трн.

„Еуромакс рисорсис“ тврди дека претходниот менаџмент на компанијата решил да ги прекине истражувањата во оваа област бидејќи минерализацијата се покажала како неисплатлива и уверува дека цијанид нема да користи ниту на локалитетот Трн, ниту во Иловица.

Ако се обидете да стигнете до локацијата на која во 2017 година ќе биде новиот рудник Иловица, ќе ви треба модерен џип и дебели нерви за да го издржите нерамниот и полн со дупки земјен пат. Така некако изгледаше и патот до еколошката студија за златниот рудник, која, и покрај нашите усилби, остана недостапна.