Истражувањa

Сеништето на топилницата сè уште загадува, велешани чекаат спас од државата

Иако Топилницата во Велес не работи со години, наследството оставено од неа – згурата, т.е. отпадот од производствениот процес, сè уште ја загадува околината. Решението за овој проблем се бара кај државата која се обидуваше да ја продаде згурата на неколку неуспешни тендери

Брчките на лицето на шеесет и петгодишниот Љубе Јолдашев – Шико сведочат за тешката работа  што ја работел како багерист во велешка Топилница. Во усната шуплина на овој поранешен работник останале само уште два заба.

Човекот пред време остарел работејќи на отстранување на остатоците од топењето на олово-цинкова и кадмиумова руда. Јолдашев бил еден од повеќетемина работници чие утро почнувало со транспорт на троската од погоните во кои рудата се топеше и со камиони се носеше на депонијата лоцирана на стотина метри од фабриката. Таму секојдневно се истураа по триесет камиони згура, вели Јолдашев.

– Кога почнав да работам, во 1973 година, на местото на депонијата имаше лозја и еден дол длабок триесет метри. Сè беше маркирано со камења кои и до ден-денес стојат.  Троската ја истуравме во строго определениот круг. Штом ќе ги истоваревме триесетте камиони, почнуваше процесот на рамнење. Секој куп со троска мораше да биде истапкан за да не се познава колкави количества на оловен отпад, цинк и кадмиум секојдневно се истураа.  Така се создаваа слоевите и од ден во ден растеше депонијата, ни раскажа Јолдашев.
 
Додека ја работел оваа тешка работа, Јолдашев на себе имал шлем и заштитна маска.  Но, дури кога топилницата ја посетиле германски експерти, тој и неговите колеги дознале дека маската ги заштитува само 25 проценти од загадувањето со тешки метали, се присетува Јолдашев. Денеска овој поранешен работник, кој цели триесет и пет години работел и од платата израснал две деца, е свесен низ што минал, но тогаш, вели тој, воопшто не знаел што се случува. Сега кога Јолдашев ги живее пензионерските денови покрај четири внуци, свесен е дека фабриката лоцирана на најсеверната точка од градот, веднаш над реката Вардар и на само петстотини метри од првите куќи, цели триесет години ги загадуваше велешани.

Битката добиена, но не и војната

Љубе Јолдашев | Фото: Убавка Јаневска

Љубе Јолдашев | Фото: Убавка Јаневска

Тоа беше тридецениски период во кој градот, со близу педесет илјади жители, се задушуваше од чадот што излегуваше од оџаците на фабриката. Во погоните се топеше олово, цинк и кадмиум, како и други високо токсични метали, кои беа примеси во рудата што се топеше, а велешани не можеа да дишат од високите концентрации на сулфур диоксид.

Протестот и еколошката порака ги спречи нејзините сопственици да ја рестартираат фабриката. Така е до денеска, две години подоцна. Екологистите се горди што велешани ја добија битката со Топилницата. Најголемиот македонски загадувач со тешки метали го избришаа од картата на градот. Општината го смени Деталниот урбанистички план за локацијата на која се наоѓа фабриката. Велешани беа очајни со години, не знаејќи како да се справат со големиот загадувач. Конечно по низа акции, протести и тужби кон државата, фабриката прво беше затворена во 2004, а во 2011 година, по еден од најмасовните протести, беше донесена и конечна одлука фабриката никогаш да не биде рестартирана.

Protest Topilnica

Протестот на Велешани во 2011 година | Фото: Убавка Јаневска

Но, велешани сè уште не ја добија војната бидејќи нив секојдневно ги демне темниот облак од црниот рид, надвиснат над фабриката. Ветрот од депонијата постојано ја носи прашината од деветстотини илјади тони оловна, цинкова и кадмиумова троска, складирана од тридецениското работење на Топилницата.

Ја дишат велешани и се таложи во почвата која е презагадена и не може повеќе да прима нови количества од тешки метали, тврдат експертите и лекарите.

Д-р Ненад Коциќ вели дека во велешката почва има кадмиум дури петнаесет пати повеќе од дозволеното.

– Ако кадмиумот во интервентна вредност од 0,8 мг/м2  е катастрофална состојба, замислете овде е утврдено дека го има во вредност од 12 мг/м2. Според мислењето на експертите е преседан и секоја институција, којашто е надлежна, би се запрашала што се случува и би презела итни мерки за санација, објаснува д-р Коциќ.

– Топилничарската згура е само дополнително одржување на лошиот квалитет на почвата и мислам дека свесно се дозволува понатамошно труење на граѓаните кои секојдневно се во директен контакт со почвата, хранејќи се со зеленчук и овошје одгледани во велешките градини, а децата играјќи на улица и во парк, ја вдишуваат прашината, додава д-р Коциќ.

Екологистите од двете здруженија „Вила Зора“ и „Грин Пауер“ се здружија во Зелена коалиција, заедно со сите граѓански здруженија чија мисија е еколошки чист и здрав Велес. Тие се иницијатори за решавање на проблемот со топилничарската депонија и ја имаат поддршката на велешани.

– Не ја сакам депонијата затоа што ветерот ни ги носи отровите од неа во градот, ги дишеме и почвата ни ја загадуваат, а од неа се храниме, вели велешанка.

– Секако дека тој рид е опасен и не треба таму да стои, се обрати еден велешанец.

– Не ни треба тука, ако јас морав да живеам во негова близина, не сакам да биде близу и до моите внуци, вели еден друг велешанец.

Потрагата по решение се одолговлекува

Поглед кон Велес од ридот со отровната згура

Поглед кон Велес од ридот со отровната згура

Градот, велешани и невладините здруженија се единствени во ставот дека не ја сакаат згурата во нивна близина. Градоначалникот на Велес признава дека депонијата претставува сериозен проблем и очекува институциите да го решат проблемот.

– Имам информации од министерствата дека во тек е постапка за нов тендер. Се надевам дека тоа многу скоро ќе можеме да им го соопштиме на граѓаните на Велес, уверува Славчо Чадиев.

– Јас имам информации дека начелно две до три фирми беа заинтересирани за згурата. Последниот тендер очигледно беше фингиран за да се покаже во јавноста дека нешто суштински се прави. Но, се покажа дека заинтересираност има само на зборови. Веројатно депонијата никој нема да ја земе иако, според експертите, оној што со неа ќе стопанисува, ќе има финансиска корист, ни одговори Игор Смилев, претседател на ЕГ „Грин Пауер“.

Градоначалникот изјавата ја даде во моментите кога се навршуваа цели две години од последниот  тендер на кој државата се обиде да ја продаде згурата од Топилницата, која се наоѓа на државна земја и е во сопственост на Република Македонија. Засега решение сè уште нема. По двата пропаднати, екологистите се сомневаат дека воопшто ќе се распише и трет тендер.

Активистите за здрава животна средина Ненад Коциќ (лево) и Игор Смилев (десно) во близина на згурата | Фото: Убавка Јаневска

Активистите за здрава животна средина Ненад Коциќ (лево) и Игор Смилев (десно) во близина на згурата | Фото: Убавка Јаневска

Сомнежот на борците за здрава и чиста животна средина го поттикна вториот пропаднат тендер. Тогаш јавноста беше информирана дека бугарска фирма била заинтересирана за згурата, но се откажала кога пресметала оти нема да и се исплати поради скапите транспортни трошоци.

Од  тогаш до денеска ништо не се случи со продажбата на згурата. Единствено се сменија надлежностите. Сега одговорно за депонијата е Министерството за економија, информираа од животна средина и просторно планирање.
 
Оттаму велат дека според новиот закон, јаловиштата од ваков вид се третираат како минерални суровини. Затоа Владата го задолжила Министерството за економија да ја преиспита состојбата со депонијата и потоа да се распише трет тендер за продажба на топилничарската згура. Од Екологија, пак, потврдија дека Македонија нема депонија за опасен отпад.

– Засега единствено решение е изнаоѓање на инвеститори кои се заинтересирани за обработка на отпадот и ремедијација на депонијата. Министерството во соработка со други надлежни институции контактира со инвеститори кои имаат искуство со ваков вид отпад, но поради економската криза сè уште немаме некој посериозен понудувач, рече Сашо Секуловски, од Министерството за животна средина.

Неискористените метали во згурата, депонирана во Велес, треба да се извадат и искористат, сметаат од Министерството за економија. Тоа значи дека згурата треба да  се продава. Тврдат дека на депонијата специјална комисија веќе направила увид, извршила дополнителни консултации за тоа какви корисни метали содржи и каде можат да се употребат.

– Во моментов, во тек се активности за комплетирање на потребната документација, за поднесување на иницијатива за почнување на постапка за доделување на овој вид  минерални суровини под концесија. Се надеваме дека ќе има интерес за искористување и санација на овие рударски отпади. Реално очекуваме до крајот на годинава да се објави тендерот за искористување и санација на оваа рударска депонија, ни изјави Сузана Прањиќ од Министерството за економија.

А ова, всушност, е едно од понудените решенија во претпроектната студија за Топилницата во Велес, изработена од шпанската консултантска куќа ЕПТИСА. За да се изработи студијата, ЕУ на Министерството за животна средина му даде 500.000 евра.

Овој документ ја отслика фактичката состојба во која беше оставена депонијата во 2007 година, ги соопшти измерените концентрации на тешки метали во троската, потврди дека ја загадува животната средина и го загрозува здравјето на велешани.

Во студијата стои дека топилничарската згура, распослана на 33 000 m2 содржи околу 10 % цинк, 1% олово како и други тешки и токсични метали: кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Овие отровни материи, ветерот и денеска ги носи во градот. Експертите утврдија неколку пати повисоки концентрации во околината, најизразени во почвата и околу старите бунари од кои Велес се снабдуваше со вода.

Опасноста од тешките метали граѓаните постојано ги демне, тие не се разградуваат, туку се присутни во почвата на која се одгледува зеленчук во градините под депонијата, во Башино Село, месноста Речани, па дури и до селото Караслари, кое од Велес е оддалечено околу 16 км.

Експертите констатирале дека во зеленчукот, одгледуван во градот, нивото на кадмиум, олово и цинк е од 10 до 15 пати повисоко од дозволената вредност, додека во спанаќот и зелката од четири до 10 пати повеќе. Но, освен што ја потврдија катастрофалната состојба, експертите понудија решенија за спас од депонијата, препорачувајќи згурата да се покрие со нова обвивка, да се  ископа и транспортира на друга локација или да се преработи.

Згура или уште една топилница

Професорот на Природно-математичкиот факултет на УКИМ, Трајче Стафилов, вели дека и по една деценија од затворањето на Топилницата, депонијата и понатаму претставува сериозен извор на загадување на градот со тешки метали.

– Освен решавањето на проблемот со згурата треба да се преземат итни мерки за санација на презагадената почва во Велес и пошироката околина. Депонијата продолжува да загадува преку воздухот со честички кои имаат високи содржини на тешки метали. Што треба да се стори е предвидено во студијата на ЕПТИСА, со пресметка колку сето тоа ќе чини, ни изјави проф. д-р Стафилов.

Тој објаснува дека има високи концентрации и во почвата и во храната која се произведува на земјоделските површини и дека оваа состојба е потврдена и во претходни и во нивните најнови истражувања.

Според овој експерт, депонијата е уште една Топилница што ги труе велешани. Граѓаните продолжија да дишат воздух во кој има присуство на тешки метали во концентрации над максимално дозволените граници и да се хранат со зеленчук и овошје во кои има од 50 до 100 пати повеќе тешки метали.

И ваквите укажувања на експертите во изминатите шест години не вродија со плод, категорични се екологистите. Затоа тие се сомневаат дека државата воопшто нешто ќе стори да ја смени судбината на велешани.

Опоменуваат за негрижата на државата која досега не направи целосно истражување на здравствената состојба на велешани. Ако пред триесет години се криеја резултатите за измерените количества на тешки метали во крвта на најризичната категорија – децата, пред единаесет години е објавен научен труд на лекарки од Велес, кои констатираат дека велешките деца седум пати повеќе заболуваат од  респираторни заболувања во споредба со децата од околните села и дека поради оловото се анемични од пет до десет пати повеќе.

Една година подоцна, во 2003 година, Светската здравствена организација објави резултати од истражувања направени на оваа најризична група жители во градот, од периодот кога Топилницата работеше, со показатели за два до три пати поголема смртност од респираторни заболувања кај децата од предучилишна и училишна возраст.

Досега, внуците на Љубе Јолдашев, поранешниот работник на депонијата со згура, немаат респираторни заболувања. Но, тој живее со страв.

Времеплов со позначајните настани низ историјата поврзани со загадувањето од Топилницата во Велес