Германците со ситни округли наочари кои секојдневно доаѓаа во среќната и ентузијастична редакција на „Утрински весник“ да ги прелистуваат сметководствените книги во 2003 година, веројатно веќе и не се сеќаваат дека некогаш престојувале во просториите изнајмени од поранешен „Tуристички сојуз“, над оптика „Тони“. Во тие зачадени простории беше весникот кој, како што е редот, работеше ноќе за наутро да сподели топли весници.
На нивниот чуден акцент и навики се сеќаваме сите што бевме дел од тој медиум во тоа време. Некои се сеќаваат на 100-те, или колку и да беа, евра што ги доби секој хонорарец и 200 што ги доби секој вработен и значително поголемите суми што ги добија уредниците – косопственици на брендот. Можеби тоа беа само парите што Костовски вети дека ќе ни ги врати, кога ни скрати по 10 отсто од платите со месеци пред продажбата, а никогаш не го стори тоа.
Сепак, невестата среќно се даде и имаше забава. Трифун имаше навика на забавите да ни пее, а некој долго во ноќта пееше по скопските улици, некој пак од парите си купи џип. Важно, сите беа задоволни од зделката.
„`Утрински` е `Дневник` со најдобра `Вест`“, беше досетката на која беше горд „претседателот на светот“ т.е. на Собранието на ОН, на една од бројните забави кои ги правевме во тоа време
Во таа весела атмосфера, заедно со Германците се појави еден чуден лик кого сите го почитуваа – Срѓан Керим. Неговите наочари имаа златна рамка, секогаш со маникирани нокти и воедначен назален глас. Германски WAZ веќе ја формираше Медиа Принт Македонија (издавачката куќа со грешка во името, затоа што според правописот секогаш меѓу „и“ и „а“ има „ј“).
„`Утрински` е `Дневник` со најдобра `Вест`“, беше досетката на која беше горд „претседателот на светот“ т.е. на Собранието на ОН, на една од бројните забави кои ги правевме во тоа време. Токму на онаа кога се степаа новинари од „Утрински“ и „Вест“, за девојка, се разбира. Поради таа авантура следните неколку забави беа поскромни и разделени. На една „афтерпарти“ се степаа и вработени во „Графички центар“. Каде се младите, таму е забавата, велат, а МПМ беше млада компанија со огромен залет.
Во тие години сите профитираа од МПМ.
Некои затоа што можеа да издадат приватни простории на фирмата од чиј менаџмент се дел, некои од тогашните убави плати, некои затоа што успеаја да видат саеми и да посетат светски медиуми, некои од дружењето на стотици новинари на исто место, а се разбира и публиката преку текстовите на новинарите кои во тоа време слободно и гласно ја кажуваа вистината.
Сепак, фирмата беше голема и гломазна. Од денешен аспект гледано – медиумски гигант кој немаше претстава за својата големина. Иднината покажа дека некои заинтересирани биле привлечени токму од таа моќ на компанијата и трпеливо ја чекале својата шанса.
Поради својата големина фирмата тешко се снаоѓаше со промените како на општествените навики за читање така и кон новата власт и како слон кој се тетерави од алкохолните својства на ферментираното овошје почна да го губи својот фокус.
Во таа зашеметеност тиражите почнаа да паѓаат, фирмата под ригидните германски насоки не успеваше да се прилагоди на тазе вмровското амбициозно владеење.
Во тие години сите профитираа од МПМ. Некои затоа што можеа да издадат приватни простории на фирмата од чиј менаџмент се дел, некои од тогашните убави плати, некои затоа што успеаја да видат саеми и да посетат светски медиуми, некои од дружењето на стотици новинари на исто место, а се разбира и публиката преку текстовите на новинарите кои во тоа време слободно и гласно ја кажуваа вистината
„Невидливата рака на Адам Смит“, односно пазарните принципи во општеството веќе почнаа да се губат пред интересите на структурата која веќе не беше само политичка партија, туку организам кој ги јаде сите што не се дел од него.
Германските газди, постепено почнуваа да подготвуваат план за повлекување од дивата каша на балканскиот медиумски пазар.
WAZ во 2007-2008 си отиде од Бугарија, Хрватска и Србија и медиумите со изградена инфраструктура, доверба и моќ, за ситни пари ги предадоа во рацете на локалните тајкуни, кои веднаш ги злоупотребија и ги „продадоа“ инфраструктурата, довербата и моќта на политички насилници. На ред бевме ние.
Беше дилема кој ќе го купи МПМ, но не преголема – знаевме дека кој и да биде зад него ќе стојат интересите на владејачката партија.
Така и бидна. Се појави нов лик – flamboyant businessman како што го опишува британски Телеграф во текстот за матните бизниси на доскорешниот британски премиер Дејвид Камерон, во тоа време министер за надворешни работи на Обединетото кралство.
Се појави Орце Камчев, кандидатот за пратеник на СДСМ и повратник од Бугарија каде престојуваше одбегнувајќи го гневот на поранешните сопартијци. Сега, во улога на омилен „благајник“ на владеачката партија, но и сопственик на најголемиот издавач во државата.
Керим сè уште седеше на тронот, како татко на невеста која се мажи по вторпат.
Од новиот инкубатор на чудни бизнис идеи на раководни позиции се појавија разни опортунисти, непознати за новинарската фела и борејќи се со тие што навистина имаа надеж за големата компанија, си играа со судбините на 300-400-те вработени и нивните семејства, како што деца си играат со оловни војници.
Почна лудилото. Медиумите почнаа да имаат сериозни проблеми со „`рбетот“, пред дрските барања на различни менаџери, советници и политички јастреби. Некои среќници го насетија лошиот бран и се симнаа од палубата навреме, некои пак навреме беа избркани, а некои за жал сè уште се на бродот со комплекс на Титаник.
Во последните 10 години, свесно или несвесно, гигантот систематски се „ослободуваше“ од своите најголеми адути: респектираните уредници, квалитетните новинари и довербата од публиката. Противењето на наредбите и принципиелноста беа остро казнувани и клучните играчи беа насилно оддалечени од нивните матични редакции, по што флотата медиуми со нови капетани, од кои пред сè се очекуваше послушност, почна да навигира преблиску до сантите мраз.
Тие уредници што останаа секојдневно трпеа и трпат притисоци од „ендек“ филозофијата на политичките диригенти.
Преку секојдневно насилно, уценувачко и заканувачко процесуирање на партиски агенди и контравистини менаџментот на најголемиот македонски издавач лакомо берејќи јаболка на општествен раздор ја скрши и гранката на која седи – довербата на публиката.
Без доверба нема тираж, без тираж нема реклами, без реклами нема пари, без пари нема ниту плати, ниту „ќар“ за газдите, дури нема ни влијание врз јавното мислење, барем не во таа мера во која се надеваат политичките „помагачи“.
Керим сè уште седи на тронот, но раката на невестата веќе никој не ја бара.
Преку секојдневно насилно, уценувачко и заканувачко процесуирање на партиски агенди и контравистини менаџментот на најголемиот македонски издавач лакомо берејќи јаболка на општествен раздор ја скрши и гранката на која седи – довербата на публиката
Искрено се надевам дека некакво светло во тунелот во кој заглавија стотици мои колеги ќе се појави и тие ќе можат да го прават тоа што знаат најдобро – да се борат за вистината, но скептик сум, особено со овие сопственици и менаџери. Штетата е преголема.
Во расказот „Како да се убие слон“ на Џорџ Орвел, (кој, иронично, за првпат на македонски е објавен во едно од изданијата на МПМ, „Утрински весник“) еден неискусен британски регент во Бурма, под притисок на локалците мора да убие слон.
Како што во расказот куршум по куршум, долго трае битката на Давид и Голијат, така трае и агонијата на МПМ додека се отпушта уредник по уредник, новинар по новинар.
Во расказот, слонот по здобиените рани со часови сè уште стои на нозе и не се предава.
Во нашето јаве МПМ долго и мачно се обидува да ги исполни обврските кон клиентите, вработените и државата. Велат, нема веќе пари. Тоа го велат за фирмата која пред неколку години сета сума добиена од рекламите за политички маркетинг ја донираше на една политичка партија.
Нејзините сопственици имаат пари, ама тие очигледно не се за давање.
Слонот на Орвел со часови издржува да не падне. Сепак, раните се премногу и конечно длабоко во ноќта се струполува затресувајќи ја земјата. По неколку часови престанува да дише.
Доколку падне МПМ тоа ќе биде земјотрес за новинарската професија и огромна социјална драма. Да бевме нормална држава ќе побарав тоа да не се дозволи, но нема од кого да се побара. Апсурдно е да се бара помош од тие што досега стрелаа во неговото чело.
Од слонот на Орвел, утрото на полјаната останале само голи коски – селаните ги оголиле од вкусното месо.