Што мислите колку слободно, колку храбро и бескомпромисно може да работи новинар платен 4.000 денари? Што мислите како гордо и достоинствено се чувствува кога од таа сума ќе мора на сопственикот на медиумот да му врати 1.700 денари затоа што дополнително работи како дописник за национална куќа, а користи камера, снимен матерјал од локалната? Затоа што газдата ги поседува и камерата, и матерјалнот и камерманот, но и душите и достоинството на вработените.
Што мислите колку квалитетно работи новинар кој треба да продуцира осум прилога во денот ако сака да извади минимална плата? Колку пати може да ги провери фактите, колку бргу може да се подготви за темата кога во еден ден треба да пишува за субвениции, за бесправна градба и за филмски фестивал?
Ве шокира ли овој фото робот на македонскиот дописник од вантрешноста? Не сте знаеле или не сакате да знаете? Но, затоа на многумина им се полни усти критика за квалитетот на прилозите, за квалитетот на новинарството во Македонија.
Условите за работа на македонските новинари се лоши, тоа е веќе апсолвирана тема, но условите на македонските дописници се со еден збор – невозможни! Напросто е невозможно да бидете добри, квалитетни, професионални кога сте сведени на тезгаџија од еден до друг медиум. И сето тоа најчесто – хонорарно, што е еуфемизам за работа на црно. Без договор, без стаж, без каква и да е гаранција дека еден ден само ќе добиете електронска порака, или телефонска порака, сеедно, со која ќе ве информираат дека повеќе не сте потребни.
Не сте потребни затоа што медиумот за кој работите решил да штеди, па почнуваат од вашиот беден хонорар, не сте потребни затоа што сте се замериле на некој локален моќник, не сте потребни затоа што некој амбициозен едикојси што сака да се бави со новинарство од хоби решил дека може да работи повеќе и поефтино од вас. Причините се многу, но исходот е секогаш ист.
Губењето работа, дури и кога е очекувано и најавувано, е страшен стрес. Некои го споредуваат со стрес од губење на близок човек. Затоа и законодавецот предвидува цела процедура низ која се поминува при прекинот на работниот однос. На луѓето им треба време да се адаптираат, да се снајдат во новата ситуација. Тоа, во услови кога имаат редовен работен однос. Ако немаат тогаш, всушност, тој стрес го живеат секој ден. И со тој стрес работат. Но, проблемот на новинарите е што нивната работа не е механичка, не е автоматизирана, тие создаваат, тие сведочат, тие се очите и ушите и гласот на јавноста. Ве чуди што тој глас во последно време е непресметлив? Напати хистеричен? Слушнете ги новинарите кога говорат за условите за работа и повеќе нема да ви биде чудно.
Слушнете ги дописниците, дајте им збор на тие луѓе кои го познаваат теренот подобро од која било новинарска величина во Скопје, кои знаат кои се моќниците и сивите еминенции во нивното место, кои знаат како се доаѓа до информација и од каде да ја бараат, да ја работат својата работа достоинствено, со пристојни плати и без страв дека секој момент ќе ја загубат работата. Така и само така, наместо стеснет, дезориентиран ќе имаме информиран и артикулиран новинарски збор од внатрешноста.
Текстот е преземен од страницата на Сервисот за проверка на факти во медиумите