Регион

Бојни отрови: Заборавеното оружје во војната во БиХ

Иако за време на војната во Босна и Херцеговина, се регистрирани десетици примери на употреба на бојни отрови и други токсични хемикалии, кои се користеле за тортура и убиства на затворениците, речиси никој пред судовите не одговарал за овие злосторства.

Џана Брканиќ, БИРН, Сараево

Затвореници во логорот Омарска. Фото: МКТЈ

На 24 јули 1992 година, во ноќните часови, затворениците кои биле притворени во една од просториите во логорот Кератерм, во близина на босанскиот град Приедор, почнале да халуцинираат и да се однесуваат чудно.

„Почнавме да пееме, а подоцна и да се тепаме меѓу себе”, раскажува преживеаниот затвореник, М.Н., кој сакаше да биде идентификуван само со иницијали.

Верува дека „таа ноќ во собата бил фрлен некаков боен отров”, по што следел масакр.

Надвор, стражарите биле подготвени да убиваат.

„Во дворот поставија оружје и пукаа низ вратата кон нас. Поголем број починаа од отровот, отколку од куршумите. Двајца мои братучеди починаа од отровот, не од куршумите, а моите соседи и пријатели лежеа ранети на сите страни“, вели М.Н.

Употребата на овие отрови е забранета со меѓународни конвенции за постапување со цивилите и воените затвореници, откако во Првата светска војна, повеќе од пет проценти од жртвите починале на фронтот поради употреба на боен отров. Сепак, сведоци пријавија повеќе десетици случаи на употреба на овие отрови за време на војната во БиХ, во периодот 1992-1995 година.

Досега, пред Хашкиот трибунал и судовите во регионот, решени се преку 800 случаи на воени злосторства, но употребата на бојни отрови и хемиско оружје во извршувањето на злосторствата, се споменува само попатно, обично како една од методите на малтретирање во логорите.

Од Обвинителството на БиХ, за БИРН велат дека во моментов не се води никаква истрагата, за употребата на отрови и хемикалии во војната.

Луѓето кои преживеале вакви случувања, велат дека последиците се смртоносни, а медицинските експерти укажуваат дека нивната употреба, предизвикува здравствени проблеми, како и ментални болести.

„Почнавме да се задушуваме”

Во ученичиот дом во босанскиот град Билеќа, каде што во 1992 година биле затворени бошњачки мажи, меѓу затворениците биле фрлани бојни отрови, солзавец и димни бомби, раскажуваат преживеаните.

“Не знаевме што е тоа … Кога почнавме да се задушуваме, сфативме дека се тоа бојни отрови”, се сеќава сведокот Жељко Бајрамовиќ.

Во пресудата на Хашкиот трибунал, изречена за поранешните полициски функционери, Миќо Станишиќ и Стојан Жупљанин, кои беа осудени на вкупно 44 години затвор за злосторства извршени во БиХ, се вели дека канистри со гас биле фрлени во ходниците и во три други простории на домот. Еден сведок се разбудил кога слушнал гласна бучава, а друг викнал: „Отров”.

„Затворениците во Билеќа се задушуваа од гас, повраќаа и очите им беа иритирани, а следниот ден затвореникот, Сајто Бајрамовиќ, како последица на тоа мокрел крв и имал напади”, се вели во пресудата.

Во неа се нагласува оти во еден подрум на објект во местото Подлугови, каде што биле затворени цивили, Бошњаци и Хрвати, српската полиција фрлила два патрона со боен отров, од кој поединци се разболеле, а еден маж починал.

„Сведок СT-004 сведочеше дека почнало да го пече во грлото и дека чувствувал како да гори. Затворениците успеале да ја провалат вратата и да избегаат од подрумот“, се вели во пресудата.

Некои сведоци, на судењата во Хаг и во Босна и Херцеговина, за злосторствата извршени на локалитетот Кориќански карпи, во 1992 година, изјавија дека српските сили, за да ги прикријат убиствата на овој локалитет, врз телата на убиените истурале хемикалии.

Пред Судот на БиХ, на судењето на Бранко Влачо, кој беше осуден на 15 години затвор за злосторства против човештвото, поради малтретирање на несрпски затвореници во логори во 1992 година, сведок изјави дека во притворниот центар Бункер, во сараевската населба Вогошќа, каде што бил притворен во летото 1992 година, во собата каде што биле затворениците, бил фрлен солзавец.

„Ви солзат очите, кивате, плачете”, опиша сведокот Армин Балешиќ.

Систематски план?

Постојат различни ставови за тоа дали употребата на бојните отрови од страна на српските сили за време на конфликтот во БиХ, била дел од поширок план или нешто што го вршеле поединци.

Психологот Сенадин Фадилпашиќ, верува дека употребата на отровен гас во војната, имало за цел планско уништување на една популација.

„Очигледно е дека постоел систематски план и цел за уништување, како и стратегија да се постапува на тој начин со затворениците, за да се постигне оваа цел”, вели Фадилпашиќ.

Од друга страна, социологот, Срѓан Пухало, верува дека бојни отрови користеле само „психопати” и дека не се работело за „систематска и планирана употреба”.

„За мене, се работи за психопати, кои дошле до тоа ‘нешто’ и ‘ајде сега да се зезаме’, имаме солзавец и да видиме што ќе се случи ако го фрлиме” вели Пухало.

„Истите овие луѓе, веројатно, убивале, тепале и силувале”, додава тој.

Со него се согласува и поранешниот притвореник, Самир Појскиќ, кој тврди дека во војната најлошите луѓе користеле отрови.

„Станува збор за предвоен човечки отпад, повеќето од овие чувари имале некои животни фрустрации”, вели Појскиќ.

„Велам изживување, бидејќи методите што ги користеле, ги надминува и најлошите човечки пориви. Затоа, мене не ме изненадува што беа користени сите средства, за логорските затвореници дополнително да се понижат и обезвредат како човечки суштества, а потоа и да се уништат“, вели тој.

Сепак, психологот, Иванка Јаковац, верува дека некои војници употребувале бојни отрови, бидејќи така им било наредено.

„Доколку не ги извршиле тие наредби, ќе биле стрелани или казнети. А наредбодавачите, тоа се главно луѓе кои во себе имаат некоја црта на ментална болест“, потенцира Јаковац.

Трајни ефекти

Поранешниот притвореник во логорот Омарска, крај Приедор, Судбин Мусиќ, вели дека „отровите се само еден од многуте начини на мачење”, што стражарите го користеле.

Лекарите укажуваат дека голем број затвореници денес имаат хронични здравствени проблеми поради изложеноста на хемиски отрови, но чувствуваат и психолошки последици.

„Секое страдање, траума и стравови, оставаат долгорочни последици”, изјави Јаковац.

Невропсихијатарот, Абдулах Кучукалиќ, вели дека последиците зависат од типот на отровот што бил употребен – нервните отрови влијаат на мозокот, а другите на крвниот систем, црниот дроб, срцето и другите органи.

„Кога станува збор за нервните отрови, кои влијаат на мозокот и го менуваат однесувањето, тоа секако остава не само привремени, туку, исто така, и трајни последици на ментален план, а често предизвикуваат и смрт”, објаснува Кучукалиќ.

Додава дека жртвите можат да халуцинираат, да имаат визии и нарушени перцепции.

Дваесет и две години по војната, поранешните логорски затвореници, бараат да се направи квалитетна студија за последиците што контактот со отровите и хемикалиите во војната, го оставиле врз здравјето на луѓето, како и да се покренат истраги кои исклучиво ќе се однесуваат на гонењето на овие зчосторства.