– Сараево
Според истражувањето на Балканската истражувачка мрежа, БИРН, на пет осудени лица на кои им е изречена казна затвор од една година или помалку, кантоналните судови во БиХ и Општинскиот суд во Брчко, одобриле замена на затворската казна со парична.
Одредена им е парична казна во висина од околу 18.400 евра, калкулација базирана на пресметката дека еден ден што тие ќе го поминат во затвор, државата ја чини 51 евро.
Амир Ќоралиќ е еден од осудените лица кои платиле 18.400 евра за да го избегнат затворот. Тој, минатата година, откако се изјасни за виновен, од Кантоналниот суд во Бихаќ беше осуден на 11 месеци затвор за силување на малолетничка во 1993 година, во регионот на Цазин.
Но, ние не можевме да добиеме информација, дали Ќоралиќ ѝ платил на оштетената 25.500 евра за нематеријална штета, како што му беше наложено од судот.
Кантоналниот суд во Зеница ни потврди дека и осудениот Атиф Кркалиќ платил 18.400 евра како замена за затворската казна.
Кркалиќ беше прогласен за виновен за физичко малтретирање на тројца цивили од српска националност, додека ги испрашувал за поседување на оружје, во јуни и јули 1992 година, во угостителскиот објект Јелах во босанската општина Тешањ.
Во барањето на Кркалиќ за замена на казната затвор, се наведува дека тој е семеен човек, дека изразил каење за неговото однесување и дека бил коректен во текот на постапката, како и дека стореното дело не произвело штетни последици.
Обвинителството на Зеница не се противело на ова барање, а Кантоналниот суд во Зеница во одлуката истакнува дека со паричната казна се постигнува целта на казнување, дека се работи за постаро лице кое претходно не било осудувано, дека од казненото дело поминало многу време, и оти не настапиле трајни и непоправливи штетни последици за оштетените.
Основниот суд на Дистриктот Брчко, донел две одлуки за замена на казните, кога станува збор за предметите на воени злосторства.
Бранко Пудиќ, кој беше осуден на една година поради малтретирање во логорот Лука во Брчко, ја платил одредената парична казна.
Одлуката во вториот случај е во жалбена постапка. Имено, адвокатот на Нијаз Хоџиќ, кој беше осуден на една година затвор за злосторства извршени над воени затвореници во Брчко, поднел жалба на висината на паричната казна.
„Се жалевме оти домаќинството не остварува никакви приходи, мислам дека само едно лице е вработено на минимална плата“, вели Лејла Човиќ, адвокат на Хоџиќ.
Хоџиќ, во меѓувреме, е пратен на издржување на казната, на што одбраната се жалела. Нему би требало паричната казна да му биде намалена за бројот на денови поминати во затвор.
„Воените злосторства не се брзо возење“
Иако замената на затворските казни до една година со паричи казни е предвидена со закон, некои судии и обвинители сметаат дека во случаите на воени злосторства, не се остварува целта на казнувањето.
Бојан Стевиќ, претседател на Окружниот суд во Требиње, вели дека воените злосторства се поинакви од останатите кривични дела.
„Сметам дека е дегутантно некој да плати за воено злосторство. Ова е карикатура. Военото злосторство само по себе е тешко и без разлика на изречената казна, која може да биде ниска од илјада и една олеснителна околност, сепак е тоа воено злосторство, а не брзо возење“, вели Стевиќ.
Сенаид Ибрахимефендиќ, претседател на Окружниот суд во Источно Сараево, смета дека бенефициите за буџетот со наметнување на парични казни и за затворскиот систем со ослободување на простор во затворите, не се доволни.
„Можноста за замена на казната затвор до една година, има ефект на остварување на буџетските приходи, но прашање е дали има влијание на целта на казнување. Сепак, се ослободуваат и затворските капацитети“, вели Ибрахимефендиќ.
Од друга страна, пак, од институциите за заштита на човековите права велат дека осудените за воени злосторства треба да ги имаат истите права како и сите други и дека тие права им се загарантирани со меѓународните конвенции.
Судските практики и законите во оваа област не се исти во двата босански ентитети, Федерацијата БиХ (ФБиХ) и Република Српска (РС), што, според експертите, исто така, е основа за потенцијално кршење на човековите права.
Според законот во ФБиХ со парична казна може да се замени казната затвор од една година или помалку, а во Република Српска горната граница е шест месеци. Во РС немало случаи на плаќање на казни за воени злосторства, дознава БИРН.
„Можам да кажам како граѓанин, дека треба кривичните закони да се еднакви во двата ентитета, а практиката во судовите иста“, вели Душко Нинковиќ, претседател на Окружниот суд во Добој.
„Еден сторител од едната страна на ентитетската линија добива право на откуп на затворската казна од една година, а кога поминувате во РС – не може ако е над шест месеци. Ова предизвикува незадоволство и нееднаквост меѓу луѓето во една иста држава“, додава Нинковиќ.
Рада Кафеџиќ од Одделението за правата на затворениците во канцеларијата на омбудсменот на БиХ, истакнува дека не е праведно казните да се пресметуваат во зависност од тоа дали осуденото лице е вработено или не.
„Можноста за замена на казната затвор со парична казна, мора да биде во ист износ за сите затвореници. Практиката покажува дека ова денес не е усогласено“, објаснува Кафеџиќ.
Реџо Делиќ, шеф на Одделот за воени злосторства и стопански криминал во Кантоналното обвинителство на Зеничко-добојскиот кантон, смета дека властите треба да ја преиспитаат оваа практика, бидејќи со плаќање на затворската казна, не се постигнува целта на казнувањето.
„Мој личен став е дека замената на затворската казна за воени злосторства (со пари) не е соодветна. Сепак, ние тука сме доведени пред свршен чин од страна на законодавецот, кој што требал да каже дека за одредени дела казната затвор не може да биде заменета со парична казна“, заклучи Делиќ.
Текстот е објавен на Балканска транзициска правда