Регион

Босанските Срби открија споменик посветен на руските доброволци

Официјалната покана за одбележување на Денот на руските доброволци во Вишеград

На ридот Град, кај Вишеград, во средата, на денот кога РС го одбележува Денот на руските доброволци, беше откриен 5,5 метри висок крст, посветен на руските доброволци.

Избран е токму 12 април, оти тој ден, во 1993 година, во битка што се одиграла во близина на Вишеград, биле убиени тројца руски доброволци.

Споменикот го открија поранешни руски доброволци и членови на здружението „12 април“ од Митровица, кое го донираше 400 килограми тешкиот крст.

Организатори на оваа свеченост беа Одборот за негување на традицијата на ослободителните војни на Владата на РС, боречките организации на РС и општина Вишеград.

На свеченоста присуствуваше и заменикот министер за труд и боречка и инвалидска заштита на РС, Душко Милуновиќ, кој истакна дека историјата на српско-руските односи е повеќевековна.

„Најважна беше моралната и воена поддршка што рускиот народ им ја понуди на Србите во сите критични моменти“, рече Милуновиќ.

Ова е втор споменик во чест на руските доброволци во Вишеград. Имено, во ноември 2011 година, беше откриена спомен-плоча во знак на сеќавање на руските доброволци, на која беа испишани имињата на 37 Руси кои загинале во војната во БиХ.

Точниот број на руски доброволци кои се бореле во редовите на Војската на РС не е познат, но медиумите шпекулираат дека се работи за 500 до 600 руски војници.

Откривањето на споменикот предизвика жестоки реакции на здруженијата на бошњачките воени жртви. Здружението на жртви и сведоци на геноцидот и движењето „Мајки на Сребреница и Жепа“, веруваат дека со оваа церемонија „е наградено злосторството“ извршено за време на војната.

„РС и Русија и натаму докажуваат дека мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина не е нивна цел и дека и натаму ќе продолжат да спроведуваат деструктивни потези, за што повеќе да можат да ги навредуваат невините жртви“, се вели во соопштението потпишано од Мунира Субашиќ, претседателка на „Мајки на Сребреница и Жепа“ и од Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот.

Билал Мемишевиќ, претседател на Меџлисот на Исламската заедница во Вишеград, смета дека поставувањето на споменикот е провокација.

„Овој чин ги разгорува проблемите за кои што мислевме дека се зад нас“, рече Мемишевиќ.

Според весникот „Дневни аваз“, здруженијата на семејствата на жртвите и претставниците на Бошњаците во Вишеград, најавиле дека како одговор на откривањето на споменикот, на левиот брег на реката Дрина, ќе изградат споменик во облик на лилјан, во знал на сеќавање на околу 3.000 жртви на злосторствата во Вишеград.

Во една од одлуките на Хашкиот трибунал се вели дека Вишеград, од страна на силите на босанските Срби, бил подложен на „една од најсеопфатните и безмилосни кампањи на етничко чистење за време на војната во БиХ“.

Тексот е објавен и на Балканска транзициска правда