Активисти беа напаѓани во медиуми, се организираше голем протест пред Соборниот храм во Скопје, „паѓаа“ тешки зборови и се ширеше говор на омраза низ социјалните мрежи. Конзервативни групи ги напаѓаа ЛГБТ-активистите и трансродовите луѓе, односно оние што се идентификуваат со различен род од полот што им бил одреден при раѓањето.
Повод за жестоката дебата минатата година беа предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост. Додека првиот предлог-закон ја дефинира процедурата преку која трансродовите луѓе би можеле да ја променат ознаката за пол на личните документи, вториот предлог-закон беше поширок и предвидува бројни мерки за намалување на родовата нееднаквост и подобрување на позицијата на жените во општеството.
Законите не поминаа во Собранието поради многубројни негативни реакции од јавноста. За противниците, крајно спорни беа термините „род“ и „родов идентитет“, кои се појавуваат во предлог-законите.
Терминот „род“ се однесува на општествено конструираните улоги, однесувања, активности и атрибути за жените и за мажите. А „родовиот идентитет“ се однесува на внатрешното доживување на сопствениот род што секое лице го чувствува, а најмногу се користи за да ги опише искуствата на трансродовите луѓе.
Конзервативните групи и црквата ги оспоруваат овие термини, инсистирајќи дека постои само биолошки пол и затоа треба да се зборува за полова, а не за родова еднаквост. Тие во изразот „родова еднаквост“ гледаат конспирација за промоција на правата на трансродовите луѓе и ЛГБТ заедницата.
Покрај протестот на МПЦ, одредени општини од своите стратешки документи почнаа да го заменуваат терминот „родова еднаквост“ со терминот „еднаквост меѓу мажите и жените“.
Во контекст на ваквата поларизација, Асоцијацијата за здравствена едукација ХЕРА, вчера ја одржа првата средба на „Лидерската група за родова еднаквост“, со цел да се постигне поширок дијалог на оваа тема.
За разлика од „типични“ конференции за родовата еднаквост, вчерашниот настан од затворен тип беше обид да се донесат различни општествени чинители на заедничка маса. Освен претставници од граѓанскиот сектор, дојдоа луѓе од академијата, бизнис-секторот, новинари, пратеници од сите големи политички партии, како и претставници од манастири.
Членовите на Лидерската група истакнаа дека е потребно зголемено политичко учество на жените, учество во јавната сфера на живеење и нивно економско зајакнување, со што ќе се придонесе за поправично општество, кое ќе овозможи повеќе можности за развој и напредок на сите граѓани, а преку тоа и на целото општество, се вели во соопштението од организаторите на вчерашниот настан.
БИРН разговараше на оваа тема со Елизабета Божиноска, програмска директорка во ХЕРА.
БИРН: Која е целта на формирањето на Лидерската група и што очекувате од ваквиот дијалог?
Божиноска: Целта на формирањето на Лидерската група за родова еднаквост е да се промовира родовата еднаквост како приоритет за целото општество.
Станува збор за неформална група на социјално активни луѓе во земјава од сите сфери, и тоа: активни политичари, носители на политики, граѓански организации, претставници на академската заедница, религиозните организации, културата, медиумите, граѓански активисти, како и дел од бизнис-секторот.
Очекуваме дека преку ваквиот дијалог и дејствување може заеднички да придонесеме кон зголемено политичко учество на жените, нивното учество во јавната сфера и економско зајакнување, со што ќе се придонесе за поправично општество, кое ќе овозможи повеќе можности за развој и напредок на сите граѓани.
БИРН: Имајќи предвид дека во македонското општество има различни толкувања на тоа што значи родовата еднаквост, дали е целта да се најде еден заеднички прифатлив наратив или, пак, дали е целта да најде толеранција меѓу различните толкувања на овој термин?
Божиноска: Свесни сме за поларизацијата што постои и што се случи во изминативе три години во македонското општество и за различните толкувања на терминот родова еднаквост.
Сега прашањето е дали е поголема штетата кон сите граѓани во нашето општество доколку таа поларизација се зголемува или, пак, доколку се обидеме да изнајдеме момент што ќе нè придвижи напред.
Целта ни е да создадеме платформа преку Лидерската група, која ќе помогне да се намали поларизираноста на гледиштата за родовата еднаквост во земјава и да се изнајдат решенија за создавање подобри политики. Со тоа, ќе се поттикне толеранција меѓу различните толкувања на терминот родова еднаквост и ќе се стремиме кон заеднички прифатлив наратив, кој ќе придонесе за унапредување на родовата еднаквост.
Факт е дека статистиките во нашата држава, во однос на родовата еднаквост се крајно неповолни во речиси сите области на општественото живеење – од вклученост на жените на раководни позиции, поседувањето имот, пристап до социјални и здравствени услуги, стапка на родово засновано насилство, а нееднаквоста најмногу ги засега токму најранливите групи.
Сите имаме одговорност да ги подобриме овие состојби и веруваме дека низ дијалог и наоѓање конструктивни решенија може суштински да придонесеме кон создавање инклузивно општество, каде што секој граѓанин може да го искористи својот максимален потенцијал.
БИРН: Какви се вашите очекувања за методологијата и препораките што ќе произлезат од овој процес? На кој начин би биле спроведени во институциите?
Божиноска: Очекуваме дека преку методологијата за Родова еднаквост и социјална инклузија (РЕСИ) ќе придонесеме мерките во политиките да се родово сензитивни и да промовираат социјална вклученост.
Сметаме дека тоа ќе биде процес на заемно учење, надградување на вештините на институциите и на граѓанскиот сектор од кој краен бенефит ќе имаме сите.
Препораките што ќе произлезат од овој процес ќе бидат алатка за обезбедување примена на стандардите за родова еднаквост и социјална вклученост во развивањето нови политики.
Овие препораки би биле спроведени во институциите преку активно застапување и соработка со сите релевантни сектори, вклучувајќи ги политичките партии, академската заедница, граѓанските организации, медиумите и државните органи.