Извештај

Бројката на основци во „слободен“ пад во три скопски општини

Во период од 10 години, државата „изгубила“ 27 илјади основци и средношколци

„Годишно губиме по 20, 30, понекогаш и 40 деца. Некои се селат во странство, други во населбите кон центарот… општината старее“, раскажува Светлана Петровска, директорка на скопското основно училиште „Наум Наумовски Борче“.

Големата училишна зграда од три ката, која се гледа од автопатот на влезот во Скопје, се наоѓа во Гази Баба, една од трите скопски општини, која се вбројува меѓу тие со најголемо намалување на бројката на основци во изминатата деценија. Тоа го покажа последното истражување на Центарот за граѓански комуникации, кое анализира како се менувала бројката на ученици низ македонските општини во текот на една деценија.

Истражувањето покажа и дека додека бројката на ученици во Скопје пораснала за 9 отсто, во Општина Гази Баба се намалила за една четвртина, па минатата учебна година во неа имало 2.500 основци помалку отколку пред десет години. Заедно со Центар и Шуто Оризари, Гази Баба е меѓу трите скопски општини со помалку основци, иако, од друга страна, пак, скопскиот регион е меѓу ретките во земјава каде што во последната учебна година имало повеќе ученици, отколку во 2014 година.

Извор: Центар за граѓански комуникации/ Државен завод за статистика

Пресметките за Гази Баба не се изненадување за Петровска, која е задоволна што годинава имаат 55 првачиња, со кои ќе можат да формираат две нови паралелки во одделенската настава. Тамам за да бидат ангажирани двете слободни наставнички, чии одделенија годинава заминуваат во предметна настава. Се надева дека со изградбата на новите згради во нивниот реон, ќе дојдат и повеќе деца во „Наум Наумовски Борче“, како што вели дека тоа се случило во едно од соседните училишта.

Од друга страна, забележува дека просторните услови се такви што дури и со намалената бројка на ученици, немаат можност за настава во една смена. Им недостигаат училници за пет одделенија.

Ваков проблем немаат во училиштата во Центар, каде што, исто така, има пад на бројката на основци за 1.100, во една деценија. Со нив, на пример, би можеле да се наполнат две училишта со големина на центарското ООУ„11 Октомври“, кои би оделе само во една смена.

Даница Блажеска, директорката на ООУ „11 Октомври“, објаснува дека успеваат годишно да формираат по 2-3 паралелки со првачиња, а и бројката на ученици им останува константна. Училиштето се наоѓа на границата со Аеродром, општина со повеќе деца, но Блажевска уверува дека доследно ја применуваат „реонизацијата“.

„Од пред две години примаме деца само од нашиот реон“, тврди таа.

Третата скопска општина што има помалку основци е Шуто Оризари. Иако меѓу двата изборни пописи го зголемила бројот на жители за 17 отсто, тоа не се отсликало во основното образование. Во Шуто Оризари, во минатата учебна година имало 700 ученици помалку во основното образование отколку пред десет години, што е пад од 15 проценти. Од друга страна, раст има кај средношколците, што се должи на отворањето на првото средно училиште во оваа општина, во 2015 година.

Останатите скопски општини, за разлика од остатокот од земјава, немаат проблем со намалување на бројката на ученици.

Според апсолутниот број на ученици, Карпош е убедливо на врвот на оваа листа, не само во Скопје, туку и во целата држава. Споредено со пред десет години, општината лани била побогата за речиси 2.500 основци, или за 56 отсто.  Веднаш зад Карпош е Бутел, со раст од речиси 60 отсто, односно 2.000 основци повеќе од пред една деценија.

Истражувањето на ЦГК покажува дека во сите скопски општини, растот на бројката на основци е проследен со раст на бројката на наставници и обратно, во Гази Баба, Центар и во Шуто Оризари, во минатата учебна година предавале помалку наставници отколку пред десет години.

Извор: Центар за граѓански комуникации/ Државен завод за статистика

Помалку ученици, повеќе наставници

Од друга страна, пак, на ниво на држава, во последната учебна година имало 1.203 наставници повеќе отколку пред десет години, односно нивниот број е зголемен за 7 отсто. Истовремено, бројот на основците паднал за 5 отсто.

Од големите градови, овој пад е најголем во Тетово, со речиси 1.500 ученици помалку во една деценија. Со намалување од по илјада ученици следуваат Струга, Куманово и Гостивар.

Мал раст на бројката на основци, пак, надвор од Скопје има во уште девет, главно помали општини, како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево. Струмица е единствениот поголем град во кој лани имало повеќе основци отколку пред десет години.

Кога станува збор за средното образование, состојбата е многу полоша отколку во основното. Намалување на бројката на ученици има кај дури 90 проценти од општините. Меѓу нив и во главниот град. Скопје, во последната учебна година „изгубило“ 2.727 средношколци или 10 отсто од учениците, во само 10 години.