Истражувањa

Брзи кредити на туѓ грб

Ратите побрзо стигнуваат од правдата

„Сакам да донирам, потребна ми е [твојата] лична карта“ е фејсбук-пораката што ќе ѝ го измени животот на Марија. Порака што ќе ѝ донесе многу нервози, голем долг – од неколку брзи кредити и срам што воопшто дозволила тоа да ѝ се случи. Поради тој срам и за БИРН говори со молба да не го користиме нејзиното вистинско име, туку само – Марија.

Пораката стигнува неколку дена по Нова година, откако на Фејсбук споделува повик за помош на момче болно од рак, кое бара донации од хумани граѓани за лекување во странство.

Не ѝ е првпат да сподели ваков апел, но и да донира, кога може и колку што може. Но, сега поривот е уште поголем, затоа што пред неколку месеци и самата станува мајка.

„Сега сум пред Вестерн (Унион)“, ѝ пишува жената од Фејсбук, додека ѝ праќа слика од сопствената лична карта, придружена со фотографија од филијалата за трансфер на пари пред која стои во моментот.

Марија ги разгледува опомените за брзиот кредит Фото/БИРН

Објаснува дека е во странство и се обидува да донира за болното момче, ама трансакцијата е одбиена, па итно бара некој на чија сметка ќе ги прати парите во Македонија.

Нашата соговорничка е поспана, се бори со постпородилна депресија, но желна да помогне, па на Фејсбук праќа сѐ што ѝ бара жената – слика од лична карта, сметка, здравствено бројче… На крај, таа прави и селфи држејќи ја пред себе личната карта, затоа што во Вестерн унион прават детални проверки. Сепак, се работи за пари од странство.

За првпат прима пари на овој начин, па нема да се посомнева ниту кога следниот ден жената ќе ѝ побара и втора сметка, таа од сопругот, за да донира уште 100 евра за болното момче. На прсти влегува во спалната додека тој спие, за да ја слика и прати неговата лична карта.

Парите ќе стигнат за еден час, ја уверува жената, на што таа од срце се заблагодарува.

 

*Марија раскажува за измамата со која се земени неколку брзи кредити со нејзини лични податоци  

Три брзи кредити

Една недела подоцна нема ништо од донацијата. Жената ја снемува, а Марија со мало бебе по дома нема многу време за размислување. Сѐ додека не види пост на Фејсбук во кој луѓето што собираат донации за болното дете алармираат дека некој се обидел да ги измами – со нивни лични податоци се обидел да земе брз кредит.

Ѝ се стемнува. Одеднаш сѐ ѝ станува јасно.

„Не можам да си простам како наседнав, буквално како мало бебе“, искрена е таа.

На нејзино име се земени два кредита. На име на сопругот уште еден. Вредноста им е околу 170 илјади денари. Сите се земени со аплицирање по електронски пат, но не како пари, туку за производи – инвертор, телевизор, фрижидер и мобилни телефони.

Марија никогаш во животот не зела брз кредит. Ниту имала каква било позајмица. Свои лични податоци не споделувала на овој начин. Дури и кога самата сакала некому да донира, раскажува дека секогаш детално го проверувала профилот и приказната. Но, не и сега.

„Стокови“ кредити на „домашна адреса“

Во земјава има 35 финансиски друштва што даваат брзи кредити. За разлика од банките, чија работа ја регулира Народната банка, друштвата се регулирани од Министерството за финансии, па кредити даваат многу полесно, проверките се брзи, а каматите високи. Додека во дел од друштвата се инсистира на физичко присуство, во други тоа не е потребно.

Сѐ може да се направи онлајн, од аплицирање, потврда на идентитетот, сѐ до потпис на договорот. Парите може и воопшто да не легнат на сметка, па кога се зема кредит за купување производи, тие се доставуваат „до дома,“ на адреса што може да биде различна од онаа на сликаната лична карта.

За три години, од 2019 до 2021 година, биле евидентирани 76 случаи на злоупотреба на лични податоци за добивање брзи кредити. Лани, во само една година имало 43 вакви случаи, покажуваат податоците на МВР.

Иако по лична карта Марија живее во Аеродром, производите купени со „нејзините“ брзи кредити биле доставени во Тетово. Не ги подигнала жена, туку маж, кој лажно се идентификувал како Данијел Трајчевски. Фирмата-доставувач не добила назнака дека треба да побара лична карта пред да ги предаде производите, туку идентитетот бил потврден – електронски, при земањето на кредитот.

Данијел Трајчевски – сериска жртва

Трајчевски живее во Драчево, работи како бурекчија, ја реновира куќата, а пред речиси една година, убава жена го додава за пријател и почнуваат разговор. Често си пишуваат. Вели дека не бил вљубен во неа, ама сакал да се видат. Си размениле и телефони, ама никогаш не зборувале. Целиот контакт е преку Фејсбук. Во меѓувреме се разболува мајката на девојката, па бидејќи нејзината сметка е блокирана, го замолува Данијел за услуга – да ѝ даде слика од неговата лична карта и податоци за сметката, па таму да ѝ стигнат некои пари за лекување. Тој се согласува, и веднаш ѝ ги праќа овие работи. Потоа нејзиниот профил исчезнува од Фејсбук.

И на името на Трајчевски се земени неколку брзи кредити за производи, но и парични средства, кои бил измамен да ги извади од својата сметка. Тоа се случило кога еден ден на телефон му се јавил маж, кој се претставил како благајник во фирма, од каде што по грешка префрлиле одредена сума на неговата сметка. Го преколнувал да му ги врати, па Трајчевски му излегол во пресрет. Практично, откако некој ги злоупотребил податоците на Трајчевски да земе кредит и тие средства биле префрлени кај него, тој несвесен за измамата, го проголтал објаснувањето за грешка и како што бил замолен, ги пратил по такси, на адреса во Тетово. На истата адреса, каде што неколку месеци подоцна биле нарачани и производите за Марија. Улицата нема број.

Во слична шема се злоупотребени лични податоци и земени кредити на име на повеќе лица со кои разговараше БИРН. Во дел од нив измамниците успеале во намерата, во други не, затоа што потенцијалните жртви веќе биле заглавени во кредити. Лицето што мами најчесто се крие зад профил со име Анета Петровска, а за да ги убеди луѓето да пратат податоци, им праќа слика од „својата“ лична карта.

Вистинската Анета Петровска, исто така, е меѓу измамените, со брз кредит од 150 илјади денари. Вели дека друштвото дозволило кредит на нејзино име, иако во меѓувреме исплаќала друг голем кредит, земен за лекување на сопругот.

„Човек ќе изгуби лична карта и оп, брз кредит“, со неверување вели Петровска, револтирана и од бавноста на полицијата и од лесното давање брзи кредити од финансиските друштва.

Како се зема брз кредит со туѓа слика од лична карта?

Апликацијата за кредит, заедно со неговото одобрување може да се направи за петнаесетина минути од мобилен телефон. Потребна е само слика од лична карта и трансакциската сметка, понекогаш и здравствено бројче.

Постапката оди така што клиентот аплицира онлајн со овие податоци, се прави проверка на неговата кредитна историја по што следи кус разговор со оператор. Пред да се потпише договорот преку испраќање код на телефон, може да се побара дополнителен доказ за идентитетот на тој што е на другата страна на линијата. Како на пример селфи со лична карта, што во случајот со Данијел се покажало недоволно, бидејќи измамниците зеле негова слика од Фејсбук и, како што раскажува тој, во фотошоп му ја додале личната карта.

Кога бројот на вакви случаи почна да расте и да носи повеќе зијан од ќар, некои компании се освестија дека има проблем.

„Од февруари воведовме електронски идентитет“, вели Татјана Давчев од „Иуте кредит“

„Од февруари воведовме електронска идентификација“, вели Татјана Давчев, директор за усогласеност и правни работи и офицер за заштита на лични податоци во финансиското друштво „Иуте кредит“.

Тоа, појаснува таа, значи дека секој нов корисник што првпат аплицира онлајн, ќе мора да се идентификува преку посебен видеоповик во текот на кој апликација проценува колку неговиот лик се совпаѓа со сликата од личната карта.

Пред февруари, признава, ја немале оваа опција. Во моментов имаат 25 илјади активни клиенти, а во изминатите пет години 100 илјади корисници, при што им се јавиле околу 200 случаи на злоупотреби на лични податоци. Во вкупното портфолио, вели таа, ова е мал процент за компанија што покрива четвртина од пазарот со брзи кредити во земјава.

„Ништо не може да пружи 100 отсто заштита. Луѓето се многу инвентивни“, дополнува таа.

Ова беше компанијата од која се земени поголем дел од стоковите кредити преку профилот „Анета Петровска“. Дел се и од „М-кеш“, но оттаму не одговорија на барањето на БИРН за разговор за овој проблем.

А дека состојбата не е наивна смета и Мики Петкоски од „Кредит Протект“, здружение што ги детектира проблемите на потрошувачите при земањето кредити. Нивното искуство покажало дека начинот на идентификација на апликантите „е на многу ниско ниво.“

„Во повеќето финансиски друштва, во кои имаме направено проверка, доволно е да се прати лична карта и да се каже датум на раѓање по телефон за да се одобри кредит“, укажува тој.

Петкоски, решение на проблемот гледа во поголема контрола од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци, но и промена на процесот на идентификација кај самите финансиски друштва.

Префрлање на топката

Надзорот над работата на финансиските друштва ја прави Министерството за финансии. Лани, на пример, влегле во контрола на 16 финансиски друштва, од кои кај 10 биле констатирани неправилности. Напишале 13 казни, издале и 22 наредби за отстранување неправилности, ама неповрзани со злоупотребата на личните податоци. Тие велат дека во случај на вакви злоупотреби одговорни се МВР и Агенцијата за заштита на личните податоци.

Од Агенцијата, пак, одговараат дека ако друштвото има софтвер за електронска идентификација од далечина, клиентот за брз кредит не мора да оди во филијала.  Кој има сомнеж за злоупотреба на лични податоци за брз кредит може да се пријави во Агенцијата по што ќе извршат надзор.

Годинава добиле четири барања, а во претходните две години вкупно осум. За дел од нив, без да прецизираат колку, повеле прекршочна постапка, која се покренува и при лошо направена верификација на лицето што барало кредит. Но, многумина измамени, меѓу кои и Марија, не пријавуваат во Агенцијата.

Ама затоа пријавуваат во полиција, од каде што, пак, велат дека истражуваат. Измамниците од Фејсбук во меѓувреме си „работат“, па неодамна родители на болно дете што собира донации повторно алармираа дека „Анета Петровска“ со злоупотреба на нивни податоци се обидела да земе брз кредит на нивно име. Ова е истиот профил што ја измами и Марија.

Пријавата на Марија е од јануари, но и тоа не одело лесно. Кога сфатила дека е измамена, веднаш отишла во полиција, во станицата во Аеродром, каде што ѝ било кажано дека не можат ништо да сторат – стигнала по работно време, а и не биле одговорни за ваков вид криминал.

Следниот ден, по нивен совет, се упатила во МВР, во единицата за компјутерски криминал. Ја сослушале, ѝ дале совет да тужи, но не и да поднесе пријава. Неколку дена подоцна, откако разговарала со неколку правници добила совет да поднесе пријава. Младата мајка по третпат се вратила во полиција, кога на нејзино инсистирање конечно го пријавила случајот. Оттогаш се минати повеќе од 4 месеци.

Пријави поднела и до двете финансиски друштва каде што се издадени брзите кредити, а ги барала и онлајн-продавниците што ја издале стоката. Од Иуте кредит, бидејќи има пријавено во полиција, ѝ најавиле дека ќе почекаат да заврши истрагата, пред да почнат да праќаат опомени за исплата на кредитот. Од М-кеш, пак, сѐ уште доаѓаат опомени на нејзина адреса. Прво жолта, па црвена.

„Јас од каде знам дека можеш да земеш кредит со селфи. Не знаев…“, искрена е младата мајка.

Во моментов не ѝ останува ништо друго, освен да чека. И да се надева дека следниот повик нема да биде од извршител што сака да ги наплати брзите кредити.

*Текстот е изменет по објавувањето со прецизирање на бројката на корисници во финансиското друштво Иуте кредит.