Договорот од Пржино не нуди конкретна и ефективна заштита на административците од изборни притисоци, a законското оценување на службениците се доживува како дополнителна закана. Единствено работата на СЈО, може ефективно и превентивно да влијае врз шефовите да се воздржат од притисоци.
Денот на изборите е се поблиску и затоа целото внимание на јавноста е насочено кон прочистување на избирачкиот список. Во овој момент власта се чини подготвена и на некаква минимум медиумска реформа, меѓутоа речиси ништо не се прави за да се заштитат вработените во администрацијата и во јавниот сектор од партиските притисоци пред чинот на гласање.
Договорот од Пржино директно не предвидува алатки, промена на законите или казни со кои ќе се спречи партиското влијание, единствено премиерот Емил Димитриев јавно побара функционерите да се воздржат од притисоци.
Телефонските разговори што лани ги објави опозицијата го подгрејаа сомнежот оти владејачката ВМРО-ДПМНЕ користела позиции во администрацијата и во државните претпријатија, да уценува и да изнудува гласови.
Наводно, функционерите составувале гласачки списоци од вработени во државните компании, учители, затвореници, војници и од штитеници во домовите без родители, се заканувале дека ќе отпуштаат доколку не се гласа за ВМРО-ДПМНЕ, па дури и полицајци морале да прикажат листа на неопределени што ќе се изјаснат за партијата на Никола Груевски.
„Да задолжиш некого да им се јави и да им каже дека тие се вработени у МВР преку ВМРО-ДПМНЕ“, ѝ вели Ставрески на Јанкулоска во една од „бомбите“ за тројца полицајци од Ѓорче Петров што не доставиле целосни списоци на неутрални гласачи.
Законот како Дамоклов меч
Официјално во администрација и во јавниот сектор (доктори, учители и сличните даватели на јавни услуги) има околу 127.000 вработени, меѓутоа бројкава не ги опфаќа вработените во целосно или делумно државни акционерски друштва и компании, а во неа не се вбројани и ангажираните преку агенциите за привремено вработување.
Затоа процените се дека, сепак, базенот на луѓе врз кои може партиски да се влијае е поголема од оние 127.000. Опозицијата калкулира со бројка од околу 200.000.
Покрај тоа што нема нови и ефикасни мерки за заштита на административците, стравувањата се дека може да се злоупотребат новите законски алатки за оценување на нивната работа. Ова е дотолку посериозно ако се земат предвид сомнежите дека со институциите најчесто раководат лица што ѝ одговараат само на партиската врхушка.
МОСТ: Списоци и присилно присуство на митинзи
Во четири општини вработените добиле инструкции да подготват списоци на потенцијални гласачи на ВМРО-ДПМНЕ и во три општини е забележан притисок врз административците да посетуваат партиски митинзи.
Иако Министерството за информатика и администрација реагираше на ваквите сомнежи и го смени законот во јануари, оценувањето ќе важи од 2017, сепак, можноста шефовите најмногу да влијаат врз оценката се доживува како закана за во иднина.
Законот предвидува претпоставените и колегите да ги оценуваат административците секоја година, најдоцна до 1 декември.
Она што теоретски би можело да се злоупотреби е влијанието на шефовите во формирањето на конечната оценка, бидејќи 65 проценти од оценката зависи од нив, додека останатите 35 отсто ќе бидат составени од просечниот скор што ќе го дадат двајца колеги на исто ниво со оценуваниот, двајца на пониско и двајца надворешни соработници.
Процедурата предвидува претпоставениот до 31 јануари да состави ранг листа на вработените и во секоја установа да се казнат административците што се наоѓаат меѓу последните пет проценти на листата. На пример, ако во некоја институција работат сто лица, последните пет ќе бидат парично казнети или избркани од работа според одредена методологија.
Ванхауте: „Сега е дури полошо!“
Преговарачот во пржинскиот процес, Питер Ванхауте, за БИРН вели дека засега ОБСЕ и организациите како МОСТ ги следат сите видови закани и притисоци врз гласачите. Тој информира дека Европската унија ќе ги запознава граѓаните за нивните права и ќе ги подучува да се жалат кај Народниот правобранител ако се соочат со некаков проблем.
„Како и да е, ова е далеку од доволно. Не се гледа промена во однесувањето споредено со претходните избори. Токму спротивно, ситуацијата изгледа уште полоша. Пополнувањето жалби до Народниот правобранител реално не помага многу, бидејќи прашање е колку функционира оваа институција. За жалбите поврзани со ДУИ, ова може да биде и проблематично, ако се зематпредвид врските меѓу народниот правобранител и неговата партија“, вели Ванхауте.
Тажно е, смета тој, тоа што покрај мониторингот и пријавувањето нема воспоставено механизми да се спречи каков било притисок.
„Во други земји, како во Белгија, притисокот врз луѓето би бил легитимна причина политичарот да се тргне од листата, пред или по изборите, дури и ако биде избран“, коментира Ванхауте за БИРН.
Дополнителниот заменик во Министерството за информатичко општество и администрација, Александар Кирацоски, којшто воедно е и потпретседател на СДСМ, исто така нотира дека пржинскиот процес конкретно не предвидел ваква санкција, иако извештајот на Рајнхард Прибе укажувал дека мора да се спречат притисоците.
„Вработените мораат да го пријават влијанието или до мене или до надлежните институции. Може директно да ми се обратат или преку официјален допис. Имам ефикасен начин да повлијаам, веднаш да потегнам иницијатива и притисокот да биде отклонет, но, сепак, најважно е луѓето да се охрабрат“, вели Кирацоски.
Според него, како што наближува датумот за изборите, така се зголемува притисокот врз администрацијата и потсетува оти задача на опозиционерите во Владата е да го спречат тоа.
СЈО е единствена закана за шефовите – партиски војници
Единствено нешто што може ефективно и превентивно да влијае врз шефовите кои ги притискаат административците е работата на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи тоа во моментов води предмет против 12 лица за кривичното дело Повреда на слободата на определување на избирачите.
Законот предвидува казна затвор од најмалку три години за сите оние што со сила, закана или со измама ќе му влијаат на некое лице да гласа, како да гласа или да се откаже од правото да избира.
Претпоставениот ќе прави ранг листа на вработените и ќе се казнат административците што се наоѓаат меѓу последните пет проценти на листата
Сепак, и во овој случај, по одлуката на Уставниот суд, отворена е опцијата претседателот на државава да го помилува осомничениот за ова дело.
А иронијата да биде поголема, токму со одлуката на судот се поврзуваат последните сомнежи за притисоци врз вработените во неколку скопски општини, кои наводно биле присилени да учествуваат на собирот со кој се спречи протестот на невладините организации и на опозицијата.