Актуелно

Мијалков осомничен за тортура врз Љубе Бошкоски

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Поради политичка одмазда Алфите се изживувале врз Љубе Бошкоски за време на апсењето и затоа Специјалното обвинителство покрена истражна постапка против тогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и шестмина припадници на посебната полициска единица.

По „Титаник“ Специјалното јавно обвинителство со случајот „Тортура“ | Фото: МИА

По „Титаник“ Специјалното јавно обвинителство со случајот „Тортура“ | Фото: МИА

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска покрена истражна постапка за кривичното дело тортура при апсењето на претседателот на Обединети за Македонија и поранешен министер во МВР, Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011, ден по парламентарните избори.

„Тортура“ и се вика предметот кој е втор на ова обвинителство, по „Титаник“ кој беше објавен пред точно 45 дена.

Бошкоски беше уапсен и подоцна осуден за нелегално финансирање на кампањата и ги издржува последните денови од петгодишната затворска казна. Против него се води и случајот „Ровер“ во кој е обвинет за помагање при убиството на Марјан Тушевски.

Според СЈО нарачател на тортурата е поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), а беспоговорни извршители биле шест членови на Алфите, меѓу кои и командантот на оваа посебна полициска единица. Во тоа време прв човек на УБК, беше Сашо Мијалков.

Кривичниот законик предвидува казна затвор од три до осум години за тој што во вршењето на службата ќе употреби сила, закана или друго недопуштено средство и кај друг ќе предизвика душевно страдање. Токму душевно страдање, според обвинителката Фатиме Фетаи, е штетата што полицајците ја предизвикале кај Бошкоски со пречекорувањата на овластувањата при апсењето.

Фетаи образложи дека мотивот за полициската тортура бил политичка дискриминација врз Љубе Бошковски, поради неговите пораки во предизборието.

Бошкоски во кампањата постојано го прозиваше Мијалков и ги поврзуваше, него и неговите блиски, со фирми во странство, офшор-дестинации и со јахти, а подоцна, откако беше затворен писмено им се извини.

Обвинителката Фетаи објасни дека за време на апсењето, во периодот од 14 и 30 часот до 16 часот, полицајците се однесувале нечовечки и вулгарно кон Бошкоски, пред скопскиот ресторан „Воденица“.

По наредба на командантот на единицата, Алфите го легнале на земја, го удирале по нозете држејќи го за рацете, иако не давал никаков отпор при апсењето.

„Го малтретирале, застрашувале и навредувале со зборовите ‘Шефот ми рече, шефот ми рече осум години затвор не ти бегаат’, ‘Нека лежи ѓубрето’, ‘Ајде сега нека лае против шефот’, ‘Пичка ти материна’, ‘Ти дојде моментот’, ‘Дојде моментот да се реванширам’, ‘Да ти ебам жената’ и други вулгарни зборови и пцовки спрема неговата мајка, сопруга и деца, а во тие моменти трето осомничениот му го ставил и пиштолот на левиот образ, упатувајќи му ги зборовите ‘Бел ден да не видиш’“, објасни Фетаи.

Детаљот со пиштолот го имаше и во „бомбите“ на опозицијата, во објавениот разговор меѓу тогашната министерка Гордана Јанкулоска и нејзиниот портпарол Иво Котевски.

„Пуки или некој од другиве му бутале пиштол у уста“, ѝ раскажува Котевски на Јанкулоска, по што таа го советува оваа снимка да не ја пуштаат на телевизиите.

Според обвинителката Фетаи ова не било крајот, веднаш потоа Алфите го ставиле Бошкоски пред полски тоалет со лицето кон вратата и во таа положба го држеле повеќе од половина час, за да можат медиумите да го снимат.

„Па го вртеа со главата спрема WC, со лисиците. Народ гледа“, му раскажува Сашо Мијалков на уредникот на ТВ Сител, Драган Павловиќ – Латас во снимките што лани ги објави СДСМ:

СЈО, за разлика од случајот „Титаник“ сега нема да бара притвор или одземање на пасошите на осомничените, туку само мерка на претпазливост, што значи дека ќе бара Алфите одреден период да не извршуваат дел од своите работни задачи. За Мијалков нема барање за притвор, бидејќи веќе не бил на функцијата од која наводно ја вршел тортурата, па не можел да го повтори делото и да врши притисок врз сведоци.

Обвинителката Ленче Ристоска, пак, информираше дека дел од осомничените во предистражната постапка биле испитувани, меѓутоа не откри за кого станува збор.

По апсењето на Бошкоски, истото лето следеше затворање на А1, откако Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во сабота, на 30 јуни 2011 ѝ ја одзеде фреквенцијата на телевизијата во дискутабилна законска постапка.

Два дена подоцна со голема полициска поддршка се минираше „Космос“. Истиот август партијата на Груевски ја презеде контролата на тогашниот Совет за радиодифузија, денешна Агенција за медиуми. Интервенираше во законот и со нов зголемен состав го спречи лиценцирањето на А2 телевизија.

Вечерта пред апсењето на Бошкоски, полицискиот специјалец Игор Спасов до смрт го претепа Мартин Нешкоски за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ на скопскиот плоштад.