Анализи

Чекор назад во откривањето случаи на затајување данок и перење пари

Што по одлуката за ограничување на пристапот до податоците за вистинските сопственици?

Одлуката на Европскиот суд на правдата, од 22 ноември да ја укине одредбата од законодавството за перење пари, со која на јавноста ѝ се гарантираше целосен пристап до регистри на сопственост на компаниите, не беше неочекувана. Но, сепак, таа предизвика бес кај невладините организации и кај медиумите.

„Оваа одредба го правеше законодавството за перење пари во ЕУ најпрогресивно, но судот сега го избриша ваквиот напредок“, изјави Маира Мартини, експерт за проток на пари во Транспаренси интернешнел.

„[Нашиот] проект не можеше да биде готов без да се знае кој е краен, вистински сопственик на компанијата. Сега судиите на ЕУ и вам и нам ни негираа пристап до овие податоци и тоа му овозможува на организираниот криминал и на руските пари поголем пристап за да ја поткопаат вашата земја. Страшно“, твитна Дру Саливан од Проектот за известување за организиран криминал и корупција, OCCRP.

„Дали навистина се враќаме во фазата во која единствениот начин да дознаеме за прекршувањата е кога документи ќе протечат преку храбри свиркачи ?“, праша Хелен Дарбишир од организацијата Пристап до информации, Acess info.

Пресудата е голем неуспех за сите оние што вршат притисок и се залагаат за поголема транспарентност и откривање на „вистинските сопственици“ – термин што се користи за да се означат тие што, всушност, ги поседуваат или имаат корист од одредена компанија или корпоративна структура.

Анонимните компании се мотор што служи за, на глобално ниво, да се скријат парите и да се негираат приходите во земјите што може да ги искористат за зајакнување на сопствените економии и финансирање на здравството и образованието.

Невладината организација со седиште во Вашингтон, Глобален финансиски интегритет, Global Financial Integrity, проценува дека меѓу 2001 и 2010 година, нелегалните финансиски текови од земјите во развој изнесувале дури 5,8 трилиони американски долари.

Директивата за перење пари во ЕУ донесена во 2018 година, која на јавноста ѝ гарантира пристап до информации, за вистинските сопственици беше подобрување на претходните директиви.

Во неа се инсистираше на „легитимен интерес“ за пристап до податоците за сопственост, како што се оние што ги имаат даночните власти и истражителите за финансиски измами.

Како и да е, по жалбите испратени до деловниот регистар во Луксембург, поднесени од две луксембуршки компании, во кои тие ја оспорија компатибилноста на оваа одредба за отворен пристап со правото на приватност, случајот заврши пред Европскиот суд на правдата.

Цитирајќи ја загриженоста за приватноста, судот ги поништи правните обврски на корпорациите и на другите правни лица јавно да го откријат идентитетот на нивните вистински сопственици, откако заклучи дека дозволувањето јавноста да има пристап до такви информации ги крши основните права на приватност и заштитата на личните податоци, како што е наведено во Повелбата на ЕУ.

Влијанието на пресудата веднаш се почувствува: по објавувањето, пет земји – Луксембург, Холандија, Белгија, Малта и Ирска – го суспендираа пристапот на јавноста до регистрите што имаат информации за вистинските сопственици на компании.

Холандскиот министер за финансии Сигрид Каг нареди регистрите привремено да бидат затворени за јавноста додека се испитуваат импликациите од судската пресуда.

Други чекаат формални упатства од Европската комисија или промени во националните или во законите на ЕУ. Комисијата допрва треба да одговори на пресудата.

„Откако јавниот пристап до регистри низ ЕУ е отповикан, валканите пари најверојатно ќе се вратат во Унијата“, предвидува Мрежата за даночна правда.

Надвор од „легитимен интерес“

Европски суд на правдата во Луксембург | Фото: Wikimedia Commons

Некои експерти, сепак, тврдат дека формулацијата во пресудата на Европскиот суд на правдата укажува дека истражувачките новинари и антикорупциските организации сè уште ќе имаат пристап до податоците за вистинската сопственост – иако оваа пресуда несомнено тоа ќе им го отежне – а самата пресуда всушност претставува можност да се преработат прашањата за приватност во законодавство.

Роланд Пап, висок офицер за политика на Транспаренси интернешнел, рече дека европските тела законодавни и извршни тела сега треба да се спротивстават на одлуката со „гаранција за пристап во тековната Директива на ЕУ за спречување перење пари“.

Во тоа треба да бидат вклучени и „прецизни одредби кои го усогласуваат пристапот на јавноста и грижата за приватност и безбедност “.

Други сакаат да одат подалеку, тврдејќи дека ова би можело да биде можност за целосно надминување на концептот на „јавен интерес“, кој во неговата претходна форма не функционираше добро.

„Со години ги советуваме владите да не ја поставуваат правната основа за обелоденување на вистинската сопственост во законодавството против перење пари… Тоа не беше функционален систем. Кој има легитимни интереси? Дали се е тоа новинари? Дали сега треба да дефинираме што е граѓанска организација во законот? Тоа е домино ефект за проблеми“, вели Том Таунсенд, извршен директор и главен стратег на Отворена сопственост, организација која им помага на владите да развијат политика и технологија за да обезбедат отворени податоци за вистинските сопственици на компаниите.

Експертите тврдат дека сега постои можност да се добие шанса за објавување на вистинската сопственост без да се постави темпирана бомба во законодавството за перење пари.

Нов систем може да биде оној каде што јавниот пристап до вистинските сопственици е минимизиран, но би бил доволен за да помогне да се идентификува корпоративна мрежа поврзана со некој поединец.

Друг систем може да се поврзе со стандардите за податоци за евиденција за вистинската сопственост, кои вклучуваат три дела: лична изјава, изјава за ентитетот и изјава за контрола на сопственоста.

Со последните две изјави не се откриваат лични информации, па би можеле да бидат објавени, што би им помогнало на истражувачите да ја исцртаат мрежата, со што ќе се овозможи пристап до името на лицето што стои зад неа.

„Постојат начини и добри компромисни решенија и ова е можност да ги истражиме, да размислиме како можеме да користиме нова технологија и сè друго“, вели Таунсенд.

Сепак, таквите остварливи нови решенија ќе бараат подготвеност на владите и наднационалните организации, како ЕУ, повторно да ја разгледаат оваа област.

„Мислам дека тука нема доволно енергија за поместување планини. Зошто и би ја имало? Досега ја немаше“, заклучува Таунсенд.

Nicholas Watson