Извештај

Четири затворски и четири условни казни за првите „патници“ на „Титаник“

Правдата за изборниот криминал доаѓа по речиси шест години од истрагата

Шест години по отворањето на истрагата, и по речиси четири години судење, „паднаа“ првите пресуди за првиот предмет на СЈО, „Титаник“. И тоа откако осуммина обвинети што претходно тврдеа дека не се виновни, месецов признаа вина.

Епилогот беше четири затворски казни и четири условни казни.

Најблиските соработници на Никола Груевски, попладнево во Кривичниот суд слушнаа дека се осудени за криминализирање на изборите, измами, заплашувања, фалсификати, повреда на избирачкото право, за парламентарните и локалните избори во 2011 и во 2013 година.

Од 21 обвинет, највисока затворска казна доби Миле Јанакиески, четири и пол години, Гордана Јанкулоска доби две и пол, Коста Митровски – три години затвор и Мунир Пепиќ – една година.

Уште петмина добија условни казни, меѓу кои Мартин Протоѓер и Билјана Бришковска Бошкоски. Процесот продолжува за останатите, како и за Јанакиески, за уште едно дело, за кое не призна вина.

Груевски – кормиларот на „Титаник“

Објавата на првата пресуда за „Титаник“ траеше еден час | Фото: БИРН

Почнаа да пристигнуваат петнаесетина минути пред објавата на пресудата во Кривичниот суд.

Меѓу последните пристигна обвинителката Лиле Стефанова, која се поздрави со некои од обвинетите и нивните адвокати, а пред судницата размени збор-два со Миле Јанакиески.

Едно до друго пред телевизиските камери, кои во живо ја пренесуваа објавата на пресудата, во првиот ред од судницата, седнаа поранешната министерка Гордана Јанкулоска, која ја донесоа од затворот, нејзиниот некогашен шеф на кабинет, Киро Тодоровски, поранешниот шеф на кабинет и генсек на Владата, Мартин Протоѓер…

Јанакиески седеше сосема на крајот на судницата со својата адвокатка.

Сите мирно слушаа како судијата Осман Шабани забрзано ја чита осудителната пресуда.

Обвинетите, околу еден час ги слушаа и стотиците имиња на жители на Пустец и Гора, кои со нивна организација противправно добиле можност да гласаат.

Впечатливо беше дека некои од некогашните први луѓе во ВМРО-ДПМНЕ, нивните адвокати и обвинителката Стефанова разговараа и пред и по објавата на пресудата.

Судијата во објавата на пресудата соопшти дека поранешниот премиер Никола Груевски бил мозокот на операцијата, при што, како што рече, „го организирал дејствувањето на групата“ во првата половина на 2011.

Секој од групата имал посебна задача, а причината за нивното дејствување била само една – добивање поголем број гласови за кандидатите  на ВМРО-ДПМНЕ.

Создавачите на групата, лично или преку другите обвинети припадници, со закани и притисоци ги спречиле или, пак, ги терале гласачите да гласаат, нуделе и давале подароци или друга корист.

На повеќе лица противзаконски им дале право да гласаат, користеле недозволени средства за финансирање на изборните кампањи…

Биле апсени за да не може да гласаат, биле преправани записници, лажни изјави за полномоштво, противзаконско издавање лични карти и промена на адреси…

Правда за изборниот криминал по дури пет поминати избори

Обвинетиот Мунир Пепиќ | Фото: БИРН

Правдата за изборните измами во Македонија е бавна. Тоа може да се заклучи ако се спореди брзината, со која, во судските води, „пловеше“ предметот „Титаник“ на СЈО.

Само за преслушување на над 1.000 бомби, како дел од доказниот материјал, беа потребни многу рочишта.

Јавно се коментираше во судиските кругови дека доколку обвинетите не признаа вина, а со оваа динамика како што досега се судеше предметот, ќе беа потребни уште години за правна разврска на случајот во прв степен.

Тоа значи дека шест години откако беше отворена истрагата и по речиси четири години судење за неколкумина обвинети, заврши судењето во првиот предмет на СЈО, наречен „Титаник“.

Драматичниот прес на СЈО

Прес на СЈО од првите простории | Фото: Р. Атанасовски

А сѐ почна во февруари 2016, кога „тектонски“ потрес во јавноста предизвика пресот на новоформираното СЈО, со кој беше најавена првата истрага за изборен криминал наречена со кодното име „Титаник“.

Имињата на дотогашните високи функционери што се слушаа во бомбите се најдоа во наредбата за истрага, која ја соопштија трите обвинителки.

За осуммина, меѓу кои Никола Груевски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, беше побаран и притвор.

Соопштувајќи ја истрагата и „патниците“ на „Титаник“, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека осомничените ги искористиле своето реално влијание и службена положба, а целта била само една: понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално, и на државно ниво.

Подоцна од овој процес се „изродија“ уште два помали предмети, Титаник 2 и Титаник 3, кои уште се судат.

Овој прв „Титаник“ продолжува да се суди за другите обвинети, а ова е еден од случаите на СЈО во кој се бара конфискација на имот од обвинетите.

Четворица обвинети, меѓу кои и Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски и Леко Ристовски, ако за нив се донесе осудителна пресуда, треба да вратат солидарно во буџетот 2,2 милиони евра.