Пишува: Срѓан Курељушиќ – Сараево
Дијаспората на БиХ, во оваа земја, во изминатата година испратила повеќе од 1,8 милијарди евра во девизни дознаки и добротворни донации, покажуваат податоците на босанските институции.
Оваа сума е помала отколку во претходните години, но сѐ уште има значително влијание врз буџетот на земјата и сочинува 12 отсто од вкупниот бруто национален доход.
Аналитичарите велат дека државните институции гледаат на дијаспората, како на граѓани кои испраќаат пари на своите семејства, и дека треба да им се даде повеќе можности за инвестирање или споделување на стручноста што ја стекнале во странство.
Властите истакнаа дека се свесни за проблемот и ветија дека до крајот на оваа година ќе биде подготвена стратегија за тоа како да се искористат предностите на еден од најголемите потенцијални ресурси на земјата.
Мурис Чичиќ, професор на Економскиот факултет во Сараево, вели дека дијаспората инјектира повеќе пари отколку што е прикажано со официјалните податоци, бидејќи тие не го опфаќаат, како што нагласи, и износот што граѓаните кои живеат во странство, го трошат додека се во Босна и Херцеговина.
„Институциите не можат да знаат колку некое лице има во џебовите кога доаѓа, колку троши кога е тука. Но, можеме да бидеме сигурни дека се работи за сериозна сума“, рече Чичиќ.
Сепак, експертите сметаат дека недостигот на официјална заинтересираност за дијаспората и нејзините врски, е голем проблем.
Аднан Ефендиќ, професор на Економскиот факултет, смета дека проблемот лежи во фактот што властите ја гледаат дијаспората само како „помагач“, а на Босанците во странство само како на извор на парични дознаки од странство.
„Нашите граѓани кои живеат во странство имаат знаење, вештини, информации, разновидна мрежа на комуникации и соработка, како и пристап до економски и неекономски ресурси. Сите овие работи претставуваат капитал, што треба подобро да се искористи, со цел да се обезбеди поддршка за развој на земјата“, рече Ефендиќ.
Властите треба да ги охрабрат иселениците да инвестираат во проекти во Босна и Херцеговина, а не само да испраќаат финансиска помош за нивните семејства, бидејќи тоа нема долгорочно економско значење, нагласува тој.
За време на Конгресот на дијаспората на Босна и Херцеговина, во организација на Светската асоцијација на дијаспората на Босна и Херцеговина, кој се одржа минатиот месец, министерот за човекови права и бегалци на БиХ, Семиха Боровац, најави дека до крајот на оваа година, треба да се подготви документ за стратешка политика кон дијаспората.
„Овој документ треба да им послужи на сите институции во Босна и Херцеговина, од државно, до општинско ниво, да соработуваат, да се обврзат да соработуваат со дијаспората, а од друга страна, бараме од дијаспората да ги зголемат своите организации, да се поврзат без оглед на нивната национална, верска или политичка ориентација и сите свои капацитети да ги насочат кон Босна и Херцеговина“, рече Боровац.
Експертите предупредуваат дека доколку не се развиваат квалитетни и систематски методи на соработка со дијаспората, приливот на пари од странство ќе продолжи да се намалува, бидејќи оние кои се родени во БиХ, а кои ја напуштиле државата поради војната, стареат.
Социологот Јусуф Жига, вели дека луѓето во дијаспората, како стареат, така имаат тенденција да се вратат во својата татковина.
„Особено во т.н. традиционални општества, какво што е босанското општество, луѓето се емоционално приврзани за својата татковина. Дури и кога имаат целосно удобен живот во општеството во кое што моментално живеат, тие се обидуваат да се вратат во својата татковина“, вели Жига.
Но, ова, исто така, придонесува и за намалување на приливот на средства, бидејќи тие повеќе сакаат да ги задржат своите пари за себе, за нивните пензионерски денови, отколку да ги вложат во Босна и Херцеговина, рече тој.
Сенада Софтиќ-Телаловиќ е еден таков пример.
Таа со своето семејство заминала во Австралија, каде 20 години водела голема компанија за превод. И покрај тоа што имала добар живот во Австралија, таа неодамна одлучила да се врати во Босна и Херцеговина.
„Сите имигранти во светот, особено оние од Босна и Херцеговина, сонуваат да се вратат во својата земја, каде сакаат да ја дочекаат својата старост“, вели Софтиќ-Телаловиќ.
Но, таа укажува дека нема планови да се вклучи во каква било значајна економска активност во земјата.
„Немам намера да се занимавам со приватен бизнис во Босна и Херцеговина. Не барам ниту постојана работа, би прифатила хонорарна или волонтерска работа“, вели таа.
Предизвикот со кој се соочуваат властите е обезбедувањето на рамка за силни економски врски со дијаспората, за да може систематски да се искористи нејзиниот потенцијал, како и соодветно искористување на стручноста на оние кои се враќаат во земјата, односно искористување на нивните знаења, кои можат да помогнат во развојот на економијата.
Текстот е објавен на Балканска транзициска правда