Дисциплинската комисија на Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина, покрена постапка против судија на Судот на БиХ, бидејќи, меѓу другото, во јавноста изјавил дека во Сараево, не постои политичка волја за гонење на генералите на Армијата на БиХ за воени злосторства.
Пишува: Адмир Муслимовиќ, Сараево
Пред Високиот судски и обвинителски совет на БиХ, во понеделник, во Сараево, започна дисциплинска постапка против судијата Бранко Периќ, заради неколку наводни несоодветни коментари во медиумите, вклучувајќи ја и изјавата за непроцесирање на високи бошњачки воени офицери.
Дисциплинскиот обвинител, Мирза Хаџиомеровиќ, изјави дека на Периќ му се става на товар оти во три наврати јавно коментирал постапки во кои бил вклучен, со што го прекршил кодексот на однесување на судиите.
„Затоа бараме да му се изрече соодветна дисциплинска мерка. Како судија за претходна постапка, во медиумите ги коментираше процесите против Фахрудин Радончиќ и Милан Мандиќ. Овие коментари на Периќ можеа да го загрозат текот на овие процеси”, рече Хаџиомеровиќ.
Против Радончиќ, претседател на политичката партија Сојуз за подобра иднина на БиХ, се води постапка за попречување на правдата, а Мандиќ неодамна беше ослободен од обвинението за поттикнување на национална омраза, бидејќи геноцидот во Сребреница го опиша како „правда”.
Според наводите, Периќ го прекршил кодексот и со изјавата дела во „Сараево нема политичка волја за гонење на генералите на Армијата на Босна и Херцеговина за воени злосторства”.
Тужбата против Периќ е поднесена врз основа на жалбата што на дисциплинскиот обвинител му ја поднесе Здружението на жртви и сведоци на геноцидот во Босна и Херцеговина.
Изјавите на Периќ се објавени во неговите колумни кои излегуваат во весникот „Независне новине” од Бања Лука.
Периќ одговори дека, за жал, со невладините организации управуваат политики.
„Не сум прекршил никаков етички кодекс. Сѐ што сум изјавил јавно, сум изјавил со цел унапредување на правосудството и да укажам на сѐ поголемото мешање на политиката во него“, рече тој.
„Мојата идеја е судството да се одбрани од политички притисок. Голем број на дисциплински постапки е еден вид на репресија, што го уништува правото на мислење и независност“, додаде Периќ.
Нагласи дека сите свои колумни ги пишува со предлози за напредок и просперитет на судството, а не со цел омаловажување на колегите.
Истакна дека случајот против Радончиќ јавно го коментирала и претседателката на дисциплинската комисија и потпретседателка на Високиот судски и обвинителски совет, ВСОС, Ружица Јукиќ.
Дисциплинската постапка не се базира на докази, смета Периќ, додавајќи дека пред постапката, дисциплинскиот обвинител требал да побара мислење од ВСОС, но и од Комисијата за етика.
Ниту дисциплинскиот обвинител, ниту Периќ, не побараа сослушување на сведоци.