Интервјуа

Минка Крехо: Ресурсите на Судот на БиХ се трошат непотребно

Најсложените предмет на воени злосторства, во последниве години, не биле приоритет на Обвинителството на Босна и Херцеговина, што довело до непотребно трошење на ресурсите на Судот на Босна и Херцеговина, вели претседателката на Кривичното одделение на овој суд, Минка Крехо.

Пишува: Денис Џидиќ, Сараево

Минка Крехо. Фото: Суд БиХ

Судијката Крехо вели дека обвинителите не ги поставувале приоритетите во обработката на предметите како што тоа го налага Стратегијата за гонење на воените злосторства.

„Од вкупниот број на обвиненија, кои беа покренати во изминатите три години, само една третина се подигнати за предмети кои спаѓаат во категоријата најкомплексни и најприоритетни”, објаснува Крехо.

Додава дека не може да се рече оти Обвинителството никако не работело на комплексните предмети, но дека со стратегијата се бара, фокусот на државното правосудство, исклучиво да биде ставено на најсложените предмети, што дефинитивно не било случај.

„Моето мислење е дека за овој проблем е виновна нормата, бидејќи, доколку обвинителот не ја исполни дадената норма од пет предмети, која неодамна беше намалена на четири, главниот обвинител ќе го пријави на дисциплинскиот обвинител, што е причина зошто обвинителите посегнуваат по полесните предмети”, вели Крехо.

Стратегијата за гонење на воените злосторства е донесена во декември 2008 година.

Најсложените предмети на државно ниво, според стратегијата, требаше да бидат завршени во рок од седум години, што не се случи, а останатите во рок од 15 години.

Моментално, се водат разговори за измена на роковите во стратегијата.

Крехо вели дека во изминатите неколку години, било приметено оти сложените предмети се “цепкаат”, со подигање на повеќе обвиненија за исти или поврзани настани, односно со поднесување на повеќе обвиненија против исто лице, за различни дела на воено злосторство.

„Оваа практика не е добро од неколку причини“.

„Пред се, “цепкањето” на предметите е во спротивност со начелото за економичност на постапката, што значи дека судот е должен да ја спроведе постапката без одолговлекување и со што е можно помали трошоци. Исто така, со цепкање на предметите се создаваат паралелни постапки, што за последица има непотребно трошење на ресурсите“, вели Крехо.

Додава дека со ваков начин на работа, сведоците и жртвите на воените злосторства непотребно повеќепати се повикуваат пред судот.

И овој проблем, смета Крехо, се должи на постоењето на нормата. „Судот и обвинителството, во неколку наврати, во врска со ова прашање, му се обраќаа на Високиот судски и обвинителски совет и на Надзорното тело за следење на спроведувањето на стратегијата, но тоа, за жал, не доведе до конкретни промени”, рече Крехо.

Советот, со кој претседава Крехо, а кој е одговорен за разгледување и оценување на комплексноста на предметите, и нивната прераспределба на ниво на ентитетите и на Дистриктот Брчко, е формиран во почетокот на 2011 година, три години по донесувањето на стратегијата.

„Клучната причина поради која не дојде до реализација на овие обврски во предвидените рокови, е тоа што обвинителствата доцнеа со поднесување на извештаите за предметите на воени злосторства“, вели таа.

„Имено, повеќето обвинителства, вклучувајќи го и Обвинителството на БиХ, извештаите ги поднесоа дури во 2011 година, значи, со задоцнување од неколку години, што предизвика доцнење на целиот процес на оценка на сложеноста на предметите на воени злосторства“, објаснува Крехо.

Како што нагласува, досега на ентитетско ниво и на судството на Дистриктот Брчко, им се отстапени вкупно 475 случаи на воени злосторства, иако оваа бројка можела да биде и поголема.

Тврди дека неретко се случува обвинителите да подигнат обвиненија за злосторства против човештвото, во кои има доволно докази за вината на обвинетиот за некои дела, иако е очигледно дека се работи за погрешно кривично дело.

„Меѓутоа, со оглед дека во Стратегијата е експлицитно наведено дека делото ‘злосторство против човештвото’ ќе се процесира исклучиво пред нашиот суд, таквите предмети ги задржувавме, а по спроведениот главен претрес, поради недостиг на докази за сеопфатен и систематски напад, што е еден од основните елементи на ова кривично дело, судот врши преквалификација во кривичното дело ‘воени злосторства над цивилите’“, објаснува Крехо.

При оценувањето, кои случаи треба да останат на државно ниво, вели Крехо, нејзиниот совет се води од три критериуми: тежината на кривичното дело, својството и улогата на сторителот и други релевантни околности, при што се разгледуваат извештаите што им се доставени од обвинителствата.

Според Крехо, ова во пракса би значело дека пред Судот на БиХ треба да се водат само оние предмети кои се однесуваат на масовни убиства, тешки форми на силување, прогон или тортура, на лица кои имале раководни армиски или полициски позиции, како и предмети кои од други причини, се сметаат за особено важни, како на пример, од интересите на жртвите или од последиците што делото ги имало врз локалната заедница.

Таа тврди дека Судот на БиХ секогаш на надлежните судови им ги отстапувал предметите кои што можеле да бидат отстапени, па дури и кога поради недостиг на доволен број на комплексни случаи, ова можело да ја загрози нормата на судиите на Судот на БиХ.

Со оглед дека го води Кривичното оделение на Судот на БиХ, Крехо информира дека е формиран уште еден судски совет, што треба да доведе до растеретување на работата. Како што објаснува, во предметите на организиран криминал, постои судија за претходно сослушување, кој ги прегледува сите обвиненија, за да се утврди дали тие се правилно напишани.

Објавено и на Балканска транзициска правда