Истражувањa

Диво насеље: Македонска шпионска мистерија

Дали Агенција за разузнавање на Република Македонија исценирала смртоносна престрелка за да го одвлече вниманието од корупциски скандал? На третата годишнина од инцидентот во Куманово, БИРН ги чешла доказите

Бенјамин Арифи | Куманово, Скопје, Приштина

Како многу улици во етнички мешаните делови од Македонија, така и улицата „Тоде Мендол“ во Куманово, град во северниот дел од земјата, има две неофицијални имиња. Етничките Албанци ја нарекуваат „Улицата на храбрите мажи”. За сите други, таа е „Диво насеље”.

Во раните утрински часови на 9 мај 2015 година, улицата стана воена зона.

„Пукањето започна додека се молевме”, се присетува Ељеза Махмуди, имам во Новата џамија, која ја посетуваат претставниците на албанската заедница кои претежно живеат во оваа населба. „Немавме поим што се случува”.

На аголот од улицата „Перо Илиевски“, експлозија го разбудила Рамадан Бафтиу, кој повремено работел како таксист. Тесната слепа уличка била преполна со полицајци вооружени со калашникови.

„Бев забарикадиран во подрумот околу 14 часа, додека сè се случуваше надвор пред мојата куќа”, вели тој.

Во текот на следните два дена, единиците на македонската антитерористичка полиција опколиле 39 вооружени етнички Албанци, засолнети во три изнајмени куќи на улицата „Перо Илиевски“.

Носејќи воени камуфлажни униформи и панцири, полициските единици влегле во домот на Незир Муртези, пензионер кој живеел само две врати подалеку од една од куќите што биле нападнати.

„Полицијата стрелаше од мојата тераса, од мојата дневна соба, од мојот ходник”, вели тој. „Пукаа со сè што имаа”.

Се покажа дека 31 од опколените вооружени лица дошле од другата страна на границата, од Косово и оти биле ветерани од војната со Србија од доцните 1990-ти. Тие на огнот возвраќаа со снајперски пушки, АК-47 и митралези.

Престрелката ја уништи населбата. Експлозиите зад себе оставија урнати куќи и опожарени автомобили. Оклопни возила уриваа ѕидови.

До 21 часот вечерта на 10 мај 2015 година, кога и последниот од напаѓачите се предава, билансот на жртви од страна на полициските единици е осум мртви и 37 повредени. Десетмина од вооружените лица, меѓу кои и лидерите на групата, биле убиени во престрелката, соопшти полицијата.

Никола Груевски, тогашниот премиер, имаше телевизиско обраќање во живо до нацијата. Со смуртено лице, тој изјави дека полицијата спречила „терористичка група” која се пробила преку границата, планирала „масовни убивања” во полициски станици, трговски центри и на спортски настани.

„Едно е сигурно”, рекол тој. „Нивната цел беше дестабилизација на Македонија”.

Три години подоцна, иако во Скопје има нова влада, сѐ уште со сигурност не се знаат мотивите на напаѓачите.

На почетокот од ноември 2017 година, Кривичниот суд во Скопје осуди 33 лица   на вкупно 745 години затвор под обвинение за тероризам. Седуммина добија доживотен затвор, додека другите добија затворски казни во траење од 12 до 40 години. Четворица се ослободени.

Но, судењето не даде одговор на големото прашање, одговор кој многумина сакаат да го дознаат: кој им наредил на вооружените лица да одат во Куманово? Кој стоел зад сето тоа?

На судењето не беше отворена ниту меѓународна истрага за инцидентот во ова политички чувствително време за Македонија, додека преговара за членство во НАТО и за пристап кон ЕУ, процеси блокирани од соседна Грција поради долготрајниот билатерален спор околу името.

Обвинителите инсистираа дека групата дејствувала самостојно, со цел убивање во име на поголеми права за етничките Албанци во Македонија. Според нив, тие биле следени пред обидот да бидат уапсени за да се избегне крвопролевање.

Сите обвинети ги негираа обвиненијата за тероризам, велејќи дека дејствувале во самоодбрана откако полицијата почнала да ги напаѓа. Некои велат дека биле жртви на политички монтиран случај и намамени во Куманово од страна на македонските власти каде што ги чекала стапица.

„Конфликтот во Куманово беше целосно организиран од страна на македонската разузнавачка агенција” – вели постар разузнавач вработен во агенцијата

Дури и пред судењето, се шпекулираше дека властите можеби ја организирале пресметката во Куманово – или барем го толерирале планот на групата да дејствува таму – за да поттикнат етнички тензии и да го одвлечат вниманието од корупциската криза што ја зафатила тогашната влада предводена од Груевски и неговата партија ВМРО- ДПМНЕ.

Меѓу оние кои ја застапувале теоријата на заговор беше и Зоран Заев, тогашниот лидер на опозициските социјалдемократи, СДСМ, а денешен премиер. Тој неколку дена по престрелката изјави пред новинарите: „Постојат силни индикации дека овој случај е сценарио планирано од носителите на власта”.

На третата годишнина од инцидентот, Балканската мрежа за истражувачко новинарство, БИРН, открива  ексклузивни коментари од висок претставник на Агенцијата за разузнавање, кои се контрадикторни со официјалните изјави за тоа како вооружените лица стигнале во Куманово.

БИРН не можеше независно да ги потврди информациите од изворот, а неговата верзија за настаните целосно ја отфрлаат лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Но, земени предвид заедно со сведочењата дадени пред судот, фрагменти од прислушуваните разговори и форензичните индиции дека некои од вооружените лица можеби биле егзекутирани по кратка постапка, неговите непотврдени тврдења навестуваат драма што би била вредна за шпионски трилер.

Според разузнавачот, кој сакаше да остане анонимен, борците во Куманово биле регрутирани и вооружени со помош на Агенцијата за разузнавање, што им овозможило безбеден коридор за влез во Куманово пред да се судрат со полициските сили.

„Конфликтот во Куманово беше целосно организиран од страна на разузнавачката агенција на Македонија”, изјави разузнавачот за БИРН. „Тоа беше лошо организирано сценарио, кое на терен уште повеќе се влоши “.

БИРН ги достави тврдењата, кои не се поткрепени со цврсти докази, до Агенцијата за разузнавање. Претседателот Иванов, кој е одговорен за агенцијата и го води Националниот совет за безбедност, одговори лично.

Иванов негираше дека агенцијата или кабинетот на Претседателот го исценирале инцидентот во Куманово и ги нарече таквите обвинувања „очаен обид да се искриви вистината со лажни вести и да се изгради негативна перцепција за институциите”.

Заев, чија влада предводена од СДСМ дојде на власт во мај, со што стави крај на десетгодишната власт на партијата на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека тој лично се залагал за повторно судење. Доколку се случи тоа, властите навестуваат дека можеби ќе побараат помош однадвор за отстранување на сите преостанати сомнежи во врска со случајот.

Погоден термин?

Уништен автомобил на улица во Куманово кратко по престрелката | Фото: Амир Идризи

Додека жителите ги расчистувале остатоците по престрелката – скршени стакла, искривени железа, изгорени тули – невозможно било, а да не се сетат на мрачните денови од 2001 година.

Областа околу Куманово била во центарот на 10-месечниот конфликт во 2001 година меѓу државните безбедносни сили и етничките албански борци на сега распуштената Ослободителна национална армија, ОНА.

Мировниот договор потпишан со посредство на НАТО и помогнал на Македонија да ја избегне општата граѓанска војна, а се средија и дел од проблемите што го поттикнаа бунтот, меѓу кои и недоволната политичка застапеност на етничките Албанци кои сочинуваат барем една четвртина од вкупно 2,1 милиони жители во Македонија.

Со мировниот договор од 2001 година албанскиот станал официјален јазик во општините каде што етничките Албанци сочинуваат најмалку една четвртина од населението. Исто така, на етничките Албанци им била загарантирана пропорционална застапеност во владините и државните институции.

Box: Настаните што му претходеа на нападот во Куманово

9 февруари 2015 – Владата на премиерот Никола Груевски е погодена од корупциски скандал, бидејќи опозицијата започнува со објавување на протечени прислушувани разговори кои го инкриминирале Груевски и негови блиски соработници.

4 април 2015 – Поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов им вели на демонстрантите дека има информации оти „некој” платил два милиони евра на етничките албански „криминалци” за да ја имитираат сега расформирана бунтовничка група и да предизвикаат меѓуетнички конфликт во кумановскиот регион.

10 април 2015 – Бомба е фрлена пред зградата на Владата во Скопје. Никој не е повреден.

11 април 2015 – Лице кое се нарекува себеси „командант Куштрими” ја презема одговорноста за нападот и предупредува на повеќе бомбашки напади, доколку етничките Албанци не добијат еднакви права во Македонија.

21 април 2015 – Четириесет маскирани вооружени лица ја преминуваат границата од Косово и ја напаѓаат полициската станица во селото Гошинце, при што бегаат со големо количество оружје и муниција.

26 април 2015 – Мирсад Ндрецај, поранешен борец од војната на Косово со Србија, ја презема одговорноста за нападот на Гошинце.

27 април 2015 – Владејачката ВМРО-ДПМНЕ објавува дека ќе го промени датумот на својот партиски конгрес, и наместо да се одржи во Куманово на 9-10 мај, ќе се одржи на 2-3 мај. Локалните медиуми јавуваат дека тоа е заради безбедносни причини.

30 април 2015 – Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, повикува на масовни протести на 17 мај. Околу 100.000 луѓе се очекува да присуствуваат. „Овој пат нема да одиме дома додека не падне владата”, вели тој.

3 мај 2015 – Експлозија во седиштето на најголемата етничка албанска партија и партнер во владата во Тетово. Нема загинати.

5 мај 2015 – Опозицијата објавува прислушувани разговори во кои се слуша дека министрите сокриле важни информации за смртта на едно момче, што резултира со голем протест и судири со полицијата во Скопје.

9 мај 2015 – Непосредно пред зората, со огнено оружје и експлозии, избувнува престрелка во Куманово во населба на етнички Албанци, меѓу полицијата и 39 вооружени лица забарикадирани во три куќи. Тоа е почетокот на смртоносната дводневна престрелка. Дури и пред да слегне прашината, критичарите ја обвинуваат владата дека го мести инцидентот за да го одвлече вниманието од скандалот со прислушувањето.

Оттогаш во Куманово, град кој брои 20.000 етнички Албанци, кои сочинуваат речиси половина од вкупното население во градот, владее смиреност. Настаните од 9 и 10 мај го разбудија духот за можни нови етнички судири.

Тие, исто така, го покренаа прашањето: зошто сега?

Во својот говор пред нацијата по престрелката, Груевски апелираше до „оние кои ја критикуваа опозицијата или власта да престанат, бидејќи сега ни е потребно единство”.

Некои критичари сметаа дека ова е многу погоден тајминг за владата.

Почнувајќи од февруари 2015, Груевски бил во кал до гуша заради скандалот што ја тресеше владата, откако тогашниот лидер на опозицијата, Заев, почнал да ги објавува информациите што тој ги нарекувал информативни „бомби” – серии од тајни снимки за кои тој велел дека докажуваат оти владата стои зад нелегалното прислушување на над 20.000 луѓе.

Опозицијата тврдеше дека според протечените прислушувања високи функционери биле вмешани во злосторства, вклучувајќи изборна измама, злоупотреба на власта и прикривање убиства, кои владата ги негирала, велејќи дека снимките биле фабрикувани од странски агенти.

Скандалот со прислушувањето предизвика бурни протести и барања за оставка на Груевски. Критичарите се прашуваа дали инцидентот во Куманово би можел да биде исцениран за да се смират обидите за негово соборување.

Груевски ги негираше сите обвинувања, инсистирајќи дека прислушуваните разговори биле монтирани снимки објавени како дел од заговорот за дестабилизација на земјата од страна на неименувани „странски тајни служби” во соработка со неговите политички противници во Македонија.

На една од прислушуваните снимки, објавена на 15 мај 2015 година, наводно се слуша разговор меѓу шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за време на кој очигледно се забавуваат со идејата за поттикнување конфликт.

„Зошто да не направиме војна [со етничките Албанци]?”, вели Протуѓер на Јанкулоска.

„Можеме да ги смачкаме за еден час!”, одговара Јанкулоска.

Неколку дена по престрелката, Јанкулоска даде оставка. Исто како и Сашо Мијалков, шеф на тајната полиција и братучед на Груевски. Двајцата изјавија дека нивните оставки немале никаква врска со Куманово, туку дека биле со цел да помогнат да се стави крај на политичката криза која ја зафати  земјата, за која тие ја обвинија опозицијата.

Во јануари 2016, и самиот Груевски ќе поднесе оставка, како што беше договорено со посредство на ЕУ со цел да се стави крај на кризата предизвикана од скандалот со прислушувањето. Во јуни 2017 година тој и неговите блиски соработници биле обвинети за изборна измама и други наводни злосторства.

Доколку престрелката во Куманово била ујдурма за да се пренасочи вниманието од критиките упатени кон владата, тоа очигледно не успеало.

БИРН не беше во можност да го контактира Груевски за коментар, но од ВМРО-ДПМНЕ, каде сѐ уште беше претседател во ноември 2017 година, на прашањата на БИРН одговорија со изјава.

„Обвинувањата на тогашната опозиција се целосно лажни и подолг временски период беа дел од нивната црна кампања предводена од медиумите под нивна контрола”, напиша во е-мејл портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски. „Таквите тврдења беа дел од добро подготвена пропаганда против партијата, само за да се намали довербата во неа.

„На крајот од краиштата, ниту тогаш, ниту денес, половина година по доаѓањето од СДСМ на власт, нема никакви докази што би го поддржале тврдењето дека нашите партиски претставници биле вклучени во организирање на настанот во Куманово”.

Горан Митевски, директор на Агенцијата за контраразузнавање на Република Македонија во периодот помеѓу 1999 и 2001 година, изјави за БИРН во ноември 2017 година дека слушнал непотврдени тврдења дека инцидентот „го организирале високи државни службеници”.

Агенцијата за контраразузнавање е одделен субјект од Агенцијата за разузнавање.

Запрашан што би добила владата од планирање на таков инцидент, тој шпекулирал дека можеби владата барала изговор да се објави вонредна состојба поради апелите за предвремени избори.

„Но, за да се докаже сето ова, треба да се отвори меѓународна истрага со вклучување на странски експерти или агенти од соседството или од други странски земји”, изјави тој.

Предупредувања

Во внатрешноста на една од куќите во Куманово каде биле опколени напаѓачите | Фото: Амир Идризи

И додека куршумите се одбивале од ѕидовите во Куманово, скептиците имале причини да бидат сомничави.

Само неколку часа по опсадата, социјалните медиуми почнале да објавуваат делови од говорот на поранешниот полициски генерал по име Стојанче Ангелов, даден само пет недели претходно. Иако првично не биле забележани, сега изгледале како предупредување.

Пензионираниот полициски генерал е лидер на мала опозициска партија наречена „Достоинство“. На 4 април 2015 година, тој се обратил пред антивладините демонстранти во Скопје.

„Некој во нашата земја има подготвено монструозен план да предизвика меѓуетнички конфликт”, викал Ангелов од подиумот, без објаснување кој е тој „некој”.

„Имам информации дека некој им дал два милиони евра на некои Албанци кои немаат никаква врска со ОНА, на некои криминалци од липковскиот регион [во близина на Куманово]. Нивната работа ќе биде да се преправаат дека се ОНА, да убиваат полицајци или војници и да предизвикаат меѓуетнички конфликт”.

Во ноември 2017 година, Ангелов изјави за БИРН дека неговата информација дошла од „луѓе што работеле за државната безбедност и други служби” и дека ја проверил со други разузнавачки извори.

Планот бил да им се плати на криминалците да регрутираат – „како колатерална штета” – група лековерни и идеолошки управувани етнички Албанци да започнат со напади во Македонија, наводно, за да ги одбранат етничките Албанци од државно угнетување,  му било кажано на Ангелов.

„Тогаш реков дека луѓето блиски до носителите на власт биле поттикнувачи на овој крвав чин”, вели тој. „Верувам дека никој не сакаше да го види овој трагичен исход, но сметам дека во моментот тие ја изгубија контролата”.

„Некој во нашата земја има подготвено монструозен план да предизвика меѓуетнички конфликт” – Поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов

Шест дена по говорот на Ангелов, била фрлена граната пред зградата на Владата во Скопје. Никој не бил повреден, а штетата била минимална.

Некој што се нарекувал „командант Куштрими” ја презел одговорноста во е-мејл испратен до медиумите со логото на ОНА и, бизарно, фалсификуваниот потпис на гувернерот на Европската банка.

Куштрими се заканил со понатамошни напади сѐ додека сите Албанци немаат еднакви права со Македонците.

На 3 мај 2015 година, во североисточниот град Тетово експлодирала бомба во седиштето на Демократската унија за интеграција, ДУИ, најголемата партија на етничките Албанци и помлад партнер во владата. Немало загинати или повредени и никој не ја презел одговорноста за нападот.

Но, на 21 април 2015 година, овие наводни борци на ОНА навистина оставиле својот белег.

Полицијата објавила дека 40 маскирани вооружени лица со значки на ОНА преминале од Косово и упаднале во полициската станица во селото Гошинце, во Липково, во близина на границата.

Тие врзале и претепале четворица полицајци, пред да избегаат со извонредно големиот арсенал на оружје и муниција на овие четири лица, вклучувајќи десетици митралези.

ДУИ ги предупреди етничките Македонци да не потпаѓаат на она што тие го нарекле „провокација”.

Македонската новинска агенција „Журнал“ го цитира поранешниот командант на ОНА во Липково како вели дека тајната служба го организирала инцидентот во Гошинце за да поттикне етнички судири и да ги натера Македонците да застанат во поддршка на владата.

„Владата плати некои луѓе да создадат проблем таму горе за да манипулираат со јавното мислење”, гласеше цитирана неговата изјава.

Во јули 2017 година, високиот разузнавач изјави за БИРН, дека Агенцијата за разузнавање ги охрабрила напаѓачите да дојдат во Гошинце и да го украдат оружјето, иако изворот не понуди никаков доказ за наводот.

Пет дена по нападот на Гошинце, едно лице по име Мирсад Ндрецај, подоцна идентификуван како еден од убиените лидери на вооружените лица од Куманово, објавил на Фејсбук дека ја презема одговорноста за нападот.

„ОНА секогаш ја погодувала целта, онаму каде што најмногу ги боли нашите непријатели”, напишал тој. „Не сакаме војна, но кога тоа ќе ни биде наметнато, ние секогаш ќе ја заштитиме нашата сакана албанска нација”.

Властите подоцна потврдиле дека оружјето запленето во Гошинце било користено во Куманово. Освен оружјето пронајдено на улицата „Перо Илиевски“, полицијата пронашла уште 65 митралези и осум рамки со муниција од истото оружје закопани во шума во близина на градот.

Еден ден по нападот на Гошинце, ВМРО-ДПМНЕ објави дека ќе го промени датумот на својот конгрес. На конгресот, кој се одржува секои четири години, Груевски се кандидираше за четврти мандат како претседател на партијата, без да има противкандидат. Настанот требало да се одржи во Куманово на 9-10 мај, но бил преместен на 2-3 мај.

Запрашан во врска со промената на датумите, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Котевски изјави за БИРН дека партијата го презакажала конгресот заради ескалација на политичката криза за што ја обвинила опозицијата, „со цел целото внимание и фокус на раководството на партијата да се сврти кон политичката криза”.

Тој рекол: „Партијата немаше никакви информации за групата и нивните намери да влезат во Куманово”.

Таен состанок

Ѕидот изрешетан од митралески оган сведочи за жестоката престрелка во Куманово | Фото: Амир Идризи

Ндрецај, водачот на вооружените лица, бил поранешен борец на Ослободителната војска на Косово за време на конфликтот со Србија. Тој бил од Ѓаковица, град во западниот дел од Косово.

Околу еден месец откако бил прогласен за мртов во Куманово, медиумите на Косово објавија снимки од наводни телефонски повици помеѓу Ндрецај и едно лице, кое подоцна било идентификувано на суд како албански агент кој работел за Агенцијата за разузнавање на Република Македонија.

Шпионот се викал Шенаси Мемеди.

„Ви испратив порака, но тој број не функционира”, вели Мемеди во една од снимките, очигледно направена брзо по заложничката драма во Гошинце. „Ја видов реакцијата вчера вечер”.

Ндрецај: „Која?”

Мемеди: „Онаа што ја напиша на Фејсбук. Дека ОНА ја нападнала станицата”.

Ндрецај: „И? Ти се допадна?”

Мемеди: „Многу добро, многу добро.”

БИРН не беше во можност да контактира со Мемети, но високиот разузнавачки извор тврди дека тој бил вклучен во планирањето на операцијата во Куманово.

Високиот разузнавачки службеник идентификуваше уште едно лице што бил „мозокот” на операцијата: Синиша Алексовски, агент во Агенцијата за разузнавање, кој исто така е дел од кабинетот на претседателот Иванов како негов советник за безбедност.

„Сè беше под команда на Синиша Алексовски, советник за безбедност на претседателот, и Шенаси Мемеди на теренот”, вели тој.

Контактиран од БИРН, Алексовски одби да коментира.

Во телевизиското интервју  од мај 2017 година, премиерот Заев, исто така, го поврзал Алексовски со инцидентот во Куманово.

„Вклучени се многу структури”, изјавил тој. „Еден е Синиша Алексовски. Слушнавме разговор помеѓу него и лицето алијас ’командант на НАТО’ Мирсад Ндрецај од Косово, познат криминалец и разбојник кој работел во овие области: Косово, Србија, Прешево, Куманово, Тетово, Скопје – и тие имале комуникација.

„Зошто воопшто требало да бидат во комуникација? Има сериозни индикации за Синиша Алексовски. Мислам дека тој е шеф на разузнавачката служба што беше со Ѓорге Иванов, но има и други индикации за вклученост на уште повисоки структури”.

Претседателот Иванов, кој потекнува од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и е шеф на државата од 2009 година, негираше дека тој или неговиот кабинет имале некаква врска со она што се случило во Куманово.

„Ниту јас како претседател, ниту мојот кабинет не сме биле на ниту еден начин вмешани во случајот Куманово”, изјави тој за БИРН во својот писмен одговор на прашањата поставени до Агенцијата за разузнавање. „Претседателот е само корисник на информациите кои доаѓаат од Агенцијата за разузнавање и другите безбедносни служби”.

„Ниту јас како претседател, ниту мојот кабинет не сме биле на ниту еден начин вмешани во случајот Куманово” – Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов

Иванов продолжи: „Од продукцијата на лажни вести, следно очекувам да ме поврзат со атентатот на [американскиот претседател Џон Фицџералд] Кенеди. Наведете барем еден факт, а не гласини, шпекулации и лаги, туку факт што го поврзува кабинетот на претседателот со вашите наводи.

„Сакам да ја информирам јавноста, но и да испратам порака до сите генератори на лажни вести: нема да седиме со скрстени раце”.

Иако Македонија е парламентарна демократија и овластувањата на претседателот се ограничени, Иванов е врховен командант на вооружените сили и шеф на Националниот совет за безбедност. Тој, исто така, го именува директорот на Агенцијата за разузнавање.

Критичарите го гледаат Иванов како близок партиски војник на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Во март 2017 година, тој предизвика скандал одбивајќи да му даде мандат на Заев откако СДСМ освои доволно места за формирање влада во сојуз со партиите на етничките Албанци. Во мај 2017 година, Иванов конечно попушти.

Телефонските снимки објавени на Косово и преземени од македонските медиуми, укажувале и на состанок одржан во Приштина, очигледно помеѓу разузнавачот Мемеди и водачот на групата Ндрецај.

Мемеди: „Утре ќе бидам во Урошевац [град во јужниот дел на Косово], со мојата сопруга, ќерка и синови. Мислев ако сте во Приштина, или каде сте?

Ндрецај: „Во Приштина сме”.

Мемеди: „Ќе ви се јавам утре тогаш и ќе се сретнеме некаде на кафе”.

Ндрецај: „Океј, ќе се сретнеме во Приштина”.

Мемеди: „Поздрави го Бег [Ризај, уште еден од лидерите убиени во Куманово].”

Ндрецај: „И тој те поздравува”.

Во судот, неколку од обвинетите зборувале за барем еден одржан состанок во Приштина помеѓу Ндрецај и шпионот Мемеди.

Тие велат дека целта била конкретно да се подготват за Куманово и дека состанокот бил снимен. Едно од наводните вооружени лица, Анди Красниќи, изјавил дека постои видео снимка што траела три часа и 17 минути.

Но, таква видео снимка никогаш не се појавила.

„Тој [Ндрецај] се сретнал со Шенаси Мемеди и уште еден човек, Македонец”, изјавил Красниќи пред судот. „Не му го знам името, но знам дека е од тајната служба”.

Насуф Беќири, уште еден од обвинетите, рекол дека ко-водачот Бег Ризај, исто така, присуствувал на средбата.

„Таа снимка постои и ќе излезе на виделина”, вели тој. „Тие го планираа проектот, каде треба да влезат, што треба да направат”.

БИРН достави прашања до Агенцијата за разузнавање дали нејзините службеници се сретнале со членови на групата во периодот пред престрелката. Претседателот Иванов одговорил: „Вашето прашање е упатено на погрешна адреса”.

Тој напишал: „Поставете го прашањето до официјални претставници на меѓународните организации и странските амбасади, државните органи и политичките функционери кои биле во постојана комуникација со лидерите на групата.

„Прашајте ги во врска со заканите за атентат, изнудување, уцена, физичко насилство и зошто тие не ги пријавија настаните, контактите и природата на разговорите до Агенцијата за разузнавање и Министерството за внатрешни работи. Има многу”.

Поранешниот директор на Агенцијата за контраразузнавање, Митевски, вели дека не постои начин на кој напаѓачите би можеле да стигнат до улицата „Тоде Мендол“ во Куманово со целото тоа оружје без да бидат во дослух со Агенцијата за разузнавање.

„Кога велам дека морало да има поддршка од тајната служба, мислам дека тие имале можност да преземат акција во близина на косовската граница или на некој друг отворен простор каде што би немало цивилни жртви”, вели тој.

„Според информациите на обвинителството, групата била следена со беспилотно летало што влегло од Косово во Македонија. Заклучокот е дека тајната служба имала сигурни информации за времето и местото каде групата ќе влезе во Македонија”.

Истрели во чело

Без видео доказ и претпоставувајќи дека состанокот се случил така како што било опишано, единствените луѓе што можеле да потврдат што се разговарало биле Мемеди, двајцата водачи на групата и непознатиот втор шпион споменат од еден од напаѓачите, Красниќи.

Мемеди бил ослободен од сведочење во судот врз основа на тоа дека се работи за државна тајна откако неговиот шеф, директорот на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов, испратил писмо до судот. Мирсад Ндрецај и Бег Ризај се мртви.

И нивната смрт е, исто така, обвиена со мистерија. Сведочењата во судот и форензичните докази сугерираат дека можеби воопшто не биле убиени во престрелката како што е објавено.

Два дена по престрелката, Министерство за надворешни работи на Република Македонија во писмото до косовската амбасада во Скопје, за кое БИРН имаше увид, напиша дека Ндрецај и Ризај биле заробени живи, заедно со уште едно лице по име Арбен Реџај, кој подоцна бил наведен меѓу загинатите. Министерството потоа изјавило дека станува збор за грешка.

Форензичните извештаи кои адвокатот на одбраната ги покажа на БИРН укажуваат на тоа дека Ризај и Реџај биле убиени со по еден куршум во челото.

Во извештаите не пишува од која далечина биле испукани куршумите.

„Според моето искуство, проценетото растојание е секогаш напишано”, вели адвокатот на одбраната, Насер Рауфи. „Ова е првиот извештај во кој растојанието не е наведено”.

„Пукање од толку мало растојание се случува само кога некој е егзекутиран“ – Адвокатот на одбраната Насер Рауфи

Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина во Скопје, кој ги објави извештаите, не се согласува дека таквите информации треба да бидат вклучени во извештајот по дефиниција, иако додава дека е доволно лесно да се пресмета доколку тоа е потребно.

„Растојанието од кое е пукано не е споменато во протоколот, но обвинителството или адвокатите може да побараат такви информации”, вели тој. „Тие можеа да ни се јават и да побараат дополнителни одговори”.

Врз основа на извештаите и фотографиите, адвокатот на одбраната, Рауфи, вели дека најверојатно лидерите биле застрелани одблиску.

„Вакво совпаѓање може да се има само ако е пукано од многу блиску, отприлика еден метар”, вели тој.

„Не постои можност дека тоа се случило за време на престрелката, како што тврди обвинителството. Во обвинението се вели дека борците или егзекутираните лидери не се соочиле со полицијата во ниту еден момент од битката. Пукање од толку мало растојание се случува само кога некој е егзекутиран”.

Обвинетиот Анди Красниќи на судењето изјави дека Ндрецај и Ризај биле живи кога се предал последниот член од групата, околу 21 часот.

Уште еден од наводните вооружени напаѓачи, Руфи Догани, изјавил дека ги видел живи во полициска станица по престрелката.

Теории на заговор

Бег Ризај, лево, и Мирсад Ндрецај, наводните лидери на вооружените напаѓачи во Куманово, позираат на слика објавена на Фејсбук

Можеби не е изненадувачки што роднините на обвинетите вооружени лица ги сметаат за херои кои отишле во Македонија да се борат за правата на маргинализираните етнички Албанци, а биле предадени од тамошните власти кои ги измамиле да отидат таму.

Фадил Елшани, татко на обвинетиот Бајрам Елшани, дошол во Скопје во јули 2017 година за да присуствува на судењето.

„Нашите синови дојдоа тука од патриотски причини”, вели тој. „Да дојдоа тука за тероризам, тие би убивале деца или стари лица”.

Илбер Ндрецај, братот на лидерот на групата, Мирсад, разговараше со БИРН во Приштина по настанот одржан по повод одбележувањето на двегодишнината од опсадата.

„Тие не отидоа таму сами”, вели тој. „Овој случај беше одобрен од многу политичари во Македонија. И јас ви го велам ова врз основа на многу сигурни извори, а не само гласини”.

Етничките Албанци не се единствените што сметаат дека опсадата на некој начин била оркестрирана од страна на македонските власти. Многумина не-албански жители од Куманово се цинични.

„Тоа се луѓе кои добиле пари да дојдат во Куманово и да предизвикаат инциденти, со намера да предизвикаат војна во Македонија”, вели еден човек на главниот плоштад во Скопје.

Дури и таткото на еден од полицајците повредени во престрелката верува во теориите на заговор. „Сè беше наместено од политичари”, изјави тој за БИРН, одбивајќи да биде идентификуван. „Осум полицајци загинаа за ништо”.

По опсадата, уништените домови биле обновени со црвена тула, благодарение на владиниот фонд за компензација.

Една куќа сè уште стои во урнатини, на аголот меѓу улиците „Тоде Мендол“ и „Перо Илиевски“. Таа му припаѓа на Ирфан Љутфиу, бербер кој бил осуден на 14 години затвор за приклучување кон групата откако дошла во Куманово. Некои се надеваат дека таа нема да биде реконструирана за да биде потсетник за масакрот.

„Беше многу страшно”, вели имамот Ељеса Махмуди. „Никогаш нема да заборавиме што се случило. Ова беше сценарио подготвено од некого … Благодарение на Алах немаше цивилни жртви”.

Многумина во Куманово и низ целата земја сега се надеваат на меѓународна истрага за да се утврди еднаш засекогаш, што довело до престрелката. Во септември 2017 година, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека ќе побара таква истрага.

„Ова ќе и помогне на јавноста да ја дознае вистината на соодветен начин”, рекол тој. „Тоа би била постапка во која сите граѓани ќе можат да веруваат”.

Бенјамин Арифи е новинар кој работи како уредник на вести во телевизиската станица „Шења“ во Скопје, Македонија. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондацијата Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.