Истражувањa

Македонска канабис револуција во најава

Во бизнисот со канабис што се очекува да донесе стотици милиони евра влегуваат познати бизнисмени, поранешни функционери и пратеници

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Билката со спорна репутација, канабис, којашто претходната Влада со закон дозволи да се одгледува во Македонија уште пред две години, се сади на површина од околу 140 илјади квадрати. Тоа значи дека канабис во земјава ќе се одгледува на површина колку 20 фудбалски игралишта, но досега само помал дел од неа е посадена.

Меѓутоа, иако се чини дека Македонија навреме и добро се позиционираше во трката за овој силно перспективен пазар, сепак, две години откако е легализирано производството на канабис за медицинска употреба, ниту една од шесте компании кои досега имаат добиено одобрение од Министерството за здравство, нема производство на масло од оваа билка.  

Канабис во земјава ќе се одгледува на површина колку 20 фудбалски игралишта, но досега е посаден само мал дел

Имајќи предвид дека продажбите нa медицински канабис во глобални рамки надминуваат седум милијарди евра, а се проценува дека пазарот во следните три години ќе се триплира, разбирлив е интересот на многу држави во светот да ги либерализираат законите и да овозможат производство на оваа билка.

Додека списокот на земји што ја препознаа оваа индустрија како пропулзивна, од ден на ден се проширува, во македонското општество се уште се негодува за ефектите од канабисот и преовладуваат конзервативните ставови околу ова прашање. Па дури и државните институции, не само што не се обидуваат да го променат негативниот имиџ за оваа индустрија што е со закон дозволена, се уште стравуваат да даваат информации поврзани со тоа.

БИРН од јули минатата година се обидуваше преку барања за пристап до информации од јавен карактер да ги добие копиите од сите одобренија за одгледување на канабис за медицински цели, но или не добивме никакви или пак добивавме нецелосни одговори.

За одговор на последните барања што ги испративме, се чека крајниот законски рок што истекува за десетина дена.

Кој стои зад бизнисот со канабис во Македонија 

Првото одобрение за одгледување на канабис за медицински цели во Македонија е издадено во декември 2016 година и потпишано од тогашниот министер, Никола Тодоров, на компанијата НЈСК Холдинг. Прв сопственик на компанијата е Владимир Кесковски, син на поранешниот висок функционер во МВР, Златко Кесковски, кој пак се јавува како управител во фирмата.

Во февруари 2017 година, НЈСК Холдинг го менува сопственикот и нов газда станува фирмата Фаланкс Холдингс ЛЛЦ регистрирана во сојузната американска држава Делавер, каде што е загарантирана анонимноста на сопствениците. Документите од Централниот регистар покажуваат дека лани во неколку наврати се зголемувал капиталот на компанијата, а до март годинава, основната главнина на НЈСК Холдинг надминува 900 илјади долари.

„Вкупно девет компании стојат зад Фаланкс Холдингс ЛЛЦ“, ни објасни управителот на НЈСК Холдинг, Златко Кесковски, и додаде дека меѓу останатите американски инвеститори, има познати компании од Колорадо со големо искуство во овој бизнис.

Меѓутоа, имајќи предвид дека државата Делавер им овозможува на инвеститорите тајност на идентитетот, сепак, за сопственоста на оваа компанија во Македонија се шпекулира од нејзиното основање до денес.

„Ниту еден поранешен или сегашен функционер не е меѓу сопствениците. Газдите се Американци, а компанијата е регистрирана во Делавер не поради тајност на инвеститорите, туку поради пониските даноци“, одговори Кесковски.

НЈСК Холдинг има посадено канабис на површина од илјада квадрати, но билката се одгледува во затворени простории или според таканаречената in door технологија. Оваа компанија е засега единствена што инвестира и во сопствен капацитет за екстракција на масло од канабис, а целата инвестиција Кесковски ја проценува на околу 5,5 милиони долари.

Роднини на премиерот Заев меѓу најголемите инвеститори

Според премиерот, етички и со закон е дозволено да се произведува лек од канабис, независно дали станува збор за член на семејството Заеви

Во април лани, издадено е второто одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на компанијата МАМ од Свети Николе.

Оваа компанија е основана во 2011 година, со дејност за одгледување на зеленчук, а како прв сопственик е запишан Зоран Додевски и трговското друштво Фитохемија. Но откако добива дозвола за одгледување на канабис, во сопствеништвото на компанијата влегува и словенечката Фрејхер со седиште во Љубљана.

Подоцна, во сопствеништвото влегува и струмичката компанија Еленица, а за управители се назначени Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев и Словенецот Томаж Фрелих.

Во март годинава, во сопствеништвото влегуваат и компаниите Зора од Охрид и Урбан План Конструктион од Тетово.

МАМ од Свети Николе има посадено канабис на површина од 20 илјади квадрати во стакленик.

За инвестицијата на неговиот братучед, на пратеничко прашање од опозицијата неодамна одговараше и премиерот Зоран Заев, кој рече дека „вкупната инвестиција ќе достигне повеќе од 10 милиони евра, а во моментов се вработени скоро 30 граѓани од Свети Николе“.

Според премиерот, етички и со закон е дозволено да се произведува лек од канабис, независно дали станува збор за член на семејството Заеви.

„Не треба да има никакво фаворизирање во однос на издавање на одобрение за одгледување на канабисот“, вели Бобан Заев, еден од сопствениците на Фарма Медика Канабис и братучед на Зоран Заев

„Не е етички да го ставиме Трајче Заев министер или да го вработиме, него или некој од неговата фамилија, но и тоа како е етички членови на семејството Заеви да се занимаваат со ваков вид производство. Тоа е дозволено со закон, не само во Македонија, туку и во голем број од земјите во светот“, истакна премиерот на собраниската говорница.

Трајче Заев, за БИРН вели дека во јавноста се создава лоша слика за индустрија што има капацитет да биде мотор на домашната економија.

„Јас сум оптимист дека ова е една од индустриите што може најмногу да ја поттикне домашната економија. Сметам дека ваквите економски глобални трендови треба да бидат прифатени и кај нас. Регулирањето на оваа млада индустрија треба да биде синхронизирано со земји што имаат долгогодишно искуство и на тој начин и ние како производители ќе бидеме стимулирани да се држиме до глобалните стандарди и норми“, вели тој и додава дека заедно со останатите инвеститори формирале здружение што ќе соработува со владините институции во насока на подобрување на законското решение од 2016 година.

Тој вели дека првата берба на цвет од канабис се планира кон крајот на јуни, а во меѓувреме преговара со други странски инвеститори за отворање на капацитет за екстракција на масло.

Бобан Заев, еден од сопствениците на „Фарма медика канабис“

Заедно со Катерина Бојовиќ Заева, Бобан Заев, исто така братучед на премиерот Заев, е ко – сопственик е на уште една компанија основана за одгледување на канабис за медицински цели, Фарма Медика Канабис, во Валандово. Меѓутоа, оваа компанија уште нема добиено одобрение за да може да ги посади со оваа билка планираните шест хектари во валандовско.

„Не треба да има никакво фаворизирање во однос на издавање на одобрение за одгледување на канабисот“, вели Бобан Заев, еден од сопствениците.

Тој вели дека доколку државата даде согласност за одгледување на канабис за медицински цели во валандовско, има големи планови за инвестиција што ќе отвори над 500 работни места.

Освен Заеви, други сопственици на Фарма Медика Канабис се и штипската компанија Монолит Груп, Славе Ивановски и албанскиот државјанин Џулијано Куллау.

Ивановски, пак, се јавува како сопственик на уште една компанија што има одобрение за одгледување на канабис, Оаза Алкалоиди од Штип. Одобрението го издал министерот Арбен Таравари, а освен Ивановски, како сопственици на оваа компанија се запишани и бугарската фирма со седиште во Софија, Кан – А Консулт и шест други лица.

Меѓу останатите компании кои според последните податоци што ги доби БИРН, имаат одобрение за одгледување канабис се и Каба Хербал од Скопје, основана лани во јануари со странски капитал, чиј сопственик е Емилиа Котевска Аврамчева со адреса во Полска; 5 Летерс основана во јуни лани во Ресен, со домашен и странски капитал и битолската компанија Медицал 420 исто така основана со мешовит капитал.

Секојдневно се отвораат нови компании за канабис

Фирми кои се занимаваат со оваа дејност во последните неколку недели се отворени и во Кочани, Скопје, Могила, Арачиново и други | Фото: Wikimedia.org

Во меѓувреме, речиси секој ден се отвора по некоја компанија во оваа дејност со називи што го содржат зборот канабис и што упатува на тоа дека постои голем интерес за овој бизнис.

Всушност, и премиерот Заев ги повика „сите инвеститори што имаат ресурси да вложат во оваа дејност зашто е профитабилна“. Тој истакна дека државата очекува отворање на нови работни места и 100 милиони евра девизен прилив. Некои проценки пак, на дел од инволвираните во бизнисот, одат и до милијарди евра приходи.

Една од компаниите што е основана неодамна во Струмица, Канабис – Про, е во сопственост на поранешниот пратеник на СДСМ во мандатот од 2002 до 2006 година, Драган Ѓоргиев. Тој заедно со уште еден сопственик, Атанас Јанушев, е во фазa на подготовкa на теренот од околу три хектари пред да поднесе барање до Министерството за здравство.

„Планираме да поднесеме барање за одобрение најдоцна за три недели. Во завршна фаза се подготовките на парцелата за одгледување на канабис“, изјави за БИРН Ѓоргиев, но иако го слушнал говорот на премиерот Заев, вели дека не зборувал досега со него за неговата идеја да влезе во овој бизнис.

Во југоисточниот регион, поточно во Валандово, се подготвуваат и други парцели за одгледување на канабис. Една од нив е на компанијата Кан фарм каде како сопственик е запишан Киро Стојаноски. Вакви фирми во последните неколку недели се отворени и во Кочани,  Скопје, Могила, Арачиново и други.  

Измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со коишто се дозволи одгледување на канабис за медицински или научни цели и екстракција на масло од цветот од билката се донесени во март 2016 година.

Одгледувањето на коноп е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на коноп издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата.

Компаниите се должни да имаат обезбедено соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, за сушење и складирање.

Канабисот во Македонија може да се обработува само во земјата, а не е дозволено да се извезува како суровина.