Вести

Дивоградбата на „Скопски пазар“ стигна до Обвинителството

Кривична пријава за дивоградбите во Драчево

Скопското обвинителство ја потврди информацијата што на Фејсбук ја објави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека има кривична пријава за дивоградбите во Драчево, помеѓу кои и за новиот пазар во населбата, што го градеше „Скопски пазар“.

Минатата недела БИРН објави анализа која открива дека дел од новиот пазар во Драчево што го градеше Скопски пазар е дивоградба, односно дека има решение од општински инспектор за уривање на делот што излегува од границите на градежните линии во деталниот урбанистички план.

Анализата покажа дека на парцелите каде што денес е пазарот постоеле постари објекти. Кога биле урнати, „Скопски пазар“ почнал да гради, но градбите го надминале дозволениот габарит предвиден со градежната маркичка предвидена во Деталниот урбанистички план.

Еден месец по нашата првична посета и по настојувањето да добиеме одговори од Општината со која раководи Орце Ѓорѓиевски, кога повторно излеговме на терен во мај беше урнат бетонот и оштетена арматурата на два носечки столба, во делот од пазарот што не е доизграден.

Но, тоа е само во еден дел, бидејќи проценката на БИРН покажа дека надминувањето е за околу 1.000 квадрати.

Во одговорот од Обвинителството пишува дека до „Основното јавно обвинителство Скопје на почетокот на јуни е поднесена пријава од физичко лице со такви наводи“. Појаснуваат дека со пријавата се опфатени една фирма и тројца луѓе.

Од Обвинителството велат дека пријавата е распоредена кај јавен обвинител кој „ќе преземе дејствија за проверка на наводите“.