Регион

Досие што ја документира инволвираноста на Србија во иселувањето на Хрватите

Филип Рудиќ, Белград

Од презентацијата на досието во Белград. Фото: Медиа центар Белград

Весна Абјановиќ имала 11 години, кога на 23 октомври 1991 година, четворица вооружени и униформирани мажи, дошле во нејзината семејна куќа, во северозападното српско село Моровиќ.

Според досието, кое денеска ФХП го презентираше во Белград, вооружените мажи пристигнале со два сиви автомобили со регистарски таблички на Југословенската народна армија (ЈНА), и го одвеле нејзиниот татко, Мате Aбјановиќ, во локалната полициска станица „на сослушување”. Неговиот брат Ивица, заминал со него.

„Татко ми и чичко ми повеќе не се вратија; оттогаш им се губи секоја трага“, изјави Весна Абјановиќ, на прес-конференцијата на која беше презентирано досието, во кое се наведува дека српски војници и полицајци биле соучесници во злосторствата над Хрватите во Војводина, за време на војната.

ФХП објави дека ќе поднесе кривична пријава до Обвинителството за воени злосторства, поради исчезнувањето на Мате и Ивица Абјановиќ.

Киднапирањето на браќата Абјановиќ е само еден од 11-те случаи документирани од страна на ФХП во досието. Вкупно 17 лица исчезнале или биле убиени во инцидентите кои се документирани од страна на ФХП.

Досието ја истражува „кампањата на заплашување и притисок” врз хрватските цивили во Војводина, спроведена со цел тие да ја напуштат Србија.

„Доказите презентирани во ова досие покажуваат дека во одредени акти на насилство врз Хрватите, биле вклучени и членови на српската полиција и војска”, вели авторот на извештајот, Јована Колариќ од ФХП.

Колариќ додаде дека ФХП дошол до два документи на РДБ на Србија, кои покажуваат дека службата „имала информации за убиствата на Хрватите од Војводина” и дека учествувала во нивните присилни иселувања.

Документите содржани во досието се пронајдени во архивата на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Колариќ истакна дека на судењето на Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, заштитен сведок, означен како Ц-048, сведочел дека РДБ ги следел и прислушувал Хрватите од Војводина, како и дека учествувал во нападите врз нив.

Според досието, прогонот на Хрватите и на несрпското население ширум Војводина, бил вршен по иста или слична шема.

Лица непознати за локалното население, ги посетувале хрватските домови и ги прашувале сопствениците дали се заинтересирани за размена на имотот.

Потоа следеле телефонски закани, писма, летоци, заканувачки графити, па дури и поставување на експлозиви и бомби. Имало и случаи на физичко насилство, но и убиства на Хрвати од Војводина.

На јавни собири, главно организирани од страна на ултранационалистичката Српска радикална партија (СРП), на Хрватите им биле упатувани закани, но и поставуван ултиматум за иселување.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) го осуди водачот на СРП, Воислав Шешељ, на десет години затвор, поради националистички говор одржан во селото Хртковци во Војводина, но тој не замина во затвор, бидејќи казната ја отслужи за време на притворот.

Во досието на ФХП, се вели дека некои личности на владејачката Српска напредна партија, кои се одвоиле од радикалите во 2008 година, биле поврзани со антихрватската политика на оваа ултранационалистичка партија.

Заштитен сведок, пред Хашкиот трибунал, изјави оти сегашната претседателка на српскиот парламентот, Маја Гојковиќ, поранешен функционер на СРП, присуствувала на состанокот на кој Шешељ и локалното раководство на партијата, разговарале за протерување на Хрватите, се наведува во досието.

Во него се додава дека Милан Бачевиќ, поранешен министер во владата и сегашен српски амбасадор во Кина, во една статија во весникот „Вечерње новости“ од 1992 година, напишал дека Србија треба да исели онолку Хрвати, колку што биле раселени Срби од Хрватска.