Годинава, според буџетот, ќе се потрошат 1,68 милиони евра за привремени вработувања. Само од јануари се распишани над 25 тендери. Брисел забележува за „наменски, политички и арбитрарни вработувања“.
Вкупно 25 државни институции и претпријатија само изминатиов месец и половина имаат распишано оглас за јавни набавки за привремени вработувања. Собранието, Mинистерството за финансии, Агенцијата за медиуми, повеќе општини (Карпош, Босилево, Илинден, Чаир…) и јавни претпријатија бараат да ангажираат Агенции за привремени вработувања кои ќе им обезбедат нови вработени.
Владата, според буџетот, предвидува годинава да се потрошат 1,68 милиони евра за ангажирање привремени работници. Во споредба со податоците за последните четири години станува збор за највисока сума предвидена за таков тип вработувања.
Дилемата што се отвора е дали привремените вработувања се канал за партиски вработувања, особено во период пред избори?
Брисел и во последниот извештај за напредокот на Македонија ѝ забележува за „наменски, политички и арбитрарни вработувања“. Од Европската комисија отворено наведуваат дека преку Законот за трансформација на илјадници привремени во трајни вработувања се прескокнува начелото на вработување според заслуги.
Нема податок за бројка на привремено вработени
Додека огласите за привремени вработувања се во тек, податоците од буџетот за 2015 година говорат дека најмногу пари за привремени вработувања лани потрошиле Министерството за образование, Управата за јавни приходи (УЈП), Министерството за финансии и МАНУ.
Од вкупно 1,3 милиони евра потрошени за привремени вработувања лани, половина милион евра се одлеале од Министерството за образование. Од државните институции, најмногу потрошила УЈП, околу 162.000 евра.
Според податоците од Министерството за информатичко општество, вкупниот број на вработени во јавниот сектор изнесува 127.139, но не се знае колкав е точниот број на привремено вработени.
Законот предвидува вработување преку Агенции за привремено вработување на работници како замена за привремено отсутен работник, зголемен обем на работа, сезонска работа, работа на проект, специфични неконтинуирани работи кои не се дел од претежната дејност на работодавачот, како и непредвидени краткотрајни активности. Ангажираните работници можaт да работат на овој начин максимум една година.
Агенциите добиваат спремни списоци од државните институции
Според Законот за трансформација во редовен работен однос што беше донесен лани, државните институции и јавните претпријатија треба да им понудат редовен работен однос на неопределено време на волонтерите, хонорарците, ангажираните со договори на дело и вработените само на одреден период.
Решенија за трајно вработување треба да добијат сите кои биле ангажирани најмалку три месеци, заклучно со 30 ноември 2014 година, а во моментот на стапување во сила на законот сè уште се на своите позиции.
Според законот, постапката ќе се одвива во три фази – 35 отсто требаше да веднаш вработени, 35 отсто требаше да се вработат на 1 декември лани и 30 отсто на 1 септември годинава. Вицепремиерот Владимир Пешевски минатата година кажа оти се проценува дека преку законот ќе бидат опфатени околу 3.000 луѓе.
Од Европската комисија сметаат дека на овој начин се отвора можност за вработување без јавен конкурс.
„Законот за трансформација во редовен работен однос беше донесен во скратена постапка и без претходна консултација со јавноста на национално ниво, а со партнерите од ЕУ само неколку дена пред денот на влегувањето во сила на рамковните закони. Овој закон ги заобиколува начелата на вработување засновано на заслуги со конвертирање на илјадници привремено вработени во државни службеници со постојано вработување, или вработени во јавниот сектор без јавен конкурс“, се вели во извештајот од Европската комисија.
Овој закон ги заобиколува начелата на вработување засновано на заслуги со конвертирање на илјадници привремено вработени во државни службеници со постојано вработување, или вработени во јавниот сектор без јавен конкурс, стои во извештајот на ЕК
Брисел забележува дека „декларираната заложба за транспарентност, отчетност и заслуги во јавната администрација е загрозена од ад-хок мерките кои овозможуваат вработување во јавна служба како социјална мерка, или масовното претворање на привремените вработувања во постојани вработувања“.
Практиката која ни ја објаснија дел од агенциите за привремени вработувања, ги потврдува забелешките од Брисел.
Раде Ненадиќ, сопственик на Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, која лани има добиено шест тендери за ангажирање привремено вработени вели дека постои практика и државните и јавните претпријатија да им дадат списоци на луѓе кои треба да се вработат.
„Има случаи кога од нас бараат да им понудиме работници, но има и случаи кога ни даваат кандидати кои треба да се вработат и тоа не е спорно. Тоа се случува и во приватниот бизнис, зошто би било ерес ако го прави државата?“, вели тој.
Истото го потврдува и Илчо Капкоски од Агенцијата за привремени вработувања „Проспект“ од Прилеп кој веќе излегол од бизнисот.
„Агенциите практично ништо не работат, затоа што институциите им доставуваат списоци со име, презиме и матичен број. И ние кога работевме така ни даваа однапред подготвени листи со имињата на оние кои треба да се вработат. Ни велеа, ова се луѓето кои треба да се вработат и толку“, објаснува Капкоски преку кого се вработуваа кадри во Министерството за одбрана.
Тендерите за привремени вработувања тежат над 3,7 милиони евра
Десетина агенции го имаат приматот во бизнисот со ангажирање привремени работници, покажуваат податоците на Бирото за јавни набавки.
Додека буџетските пресметки говорат дека во 2015 година за привремени вработувања се потрошиле околу 1,3 милион евра, информациите од јавните набавки покажуваат дека сумата е многу повисока и достигнува над 3,7 милиони евра.
Разликата меѓу сумите, според познавачите, се јавува поради тоа што јавните претпријатија и установи, освен од државниот буџет, имаат и други извори на финансирање, а се пресметува и процентот на заработка на агенциите за привремени вработувања.
Информациите од јавните набавки покажуваат дека од четириесетина тендери за привремени вработувања, распишани лани, најголем дел од „колачот“ добила агенцијата за привремени вработувања „Мотиви“ од Скопје чии тендери достигнуваат над 1,1 милион евра.
Неколку тендери во вкупна вредност од 100 до 200 илјади евра имаат добиено агенциите „Контакт бизнис“, „Реалност 06“, „Контакт бизнис Скопје“, „Еси времено вработување“, „Џоб 2011“, „Анторис“ и „Арбеит“.