Анализи

Државниот испит е напад врз интелигенцијата и правдата

Докторанти и студенти на познати светски универзитети велат дека никаде во светот не постои сличен систем на државен испит каков што предлага македонската власт. Најавената реформа која ги предизвика најмасовните протести од осамостојувањето на Македонија, тие ја коментираат како обид за контрола и „своевидна пародија на Орвеловото Министерство за вистина“.

Елена Б. Ставревска, Горан Лазаревски и Даниела Ременска | Фото колаж: Г.Ризаов

Елена Б. Ставревска, Горан Лазаревски и Даниела Ременска | Фото колаж: Г.Ризаов

Концептот на државен испит во високото образование каков што сака да воведе македонското Министерство за образование и наука не постои никаде во светот. Повеќемина Македонци со искуство на врвните светски универзитети, ги анализираат најавените реформи кои предизвикаа експлозија од незадоволство кај домашните студенти, иницирајќи ги најмасовните студентски протести во историјата на независна Македонија.

Горан Лазаревски, кој моментално е на докторски студии по економија на Универзитетот Колумбија во Њујорк, а има дипломирано физика и економија на Универзитетот Харвард, вели дека концептот за државен испит е без преседан насекаде во светот.

„Постојат т.н. професионални државни испити за лиценцирање на еден тесен круг технички занимања (право, медицина итн.), но никаде нема да најдете земји во кои државата спроведува испити на додипломско ниво за сите струки”, вели Лазаревски.

Горан Лазаревски, докторант на Универзитетот Колумбија | Фото: Г. Лазарев

Горан Лазаревски, докторант на Универзитетот Колумбија | Фото: Г. Лазарев

Според него, знаењето не е мерливо со прашања со абвг-одговори и тоа може да го помисли само некој што фундаментално погрешно го разбира концептот на високо образование. „Така не се создаваат мислечки индивидуи туку бубаторски машини. Веројатно на ист начин се има и стекнато со диплома мозокот кој стои зад оваа идеја“, вели Лазаревски.

Тој се сомнева дека со предлогот да се воведе Комисија која ќе работи на сите области по сите предмети, се задушува плурализмот во научната мисла, а особено на удар се општествените науки, „бидејќи се наметнува потребата сите професори да предаваат по истата програма, онаа одобрена од сезнајната 9-члена владина комисија, своевидна пародија на Орвеловото Министерство за вистина“.

Проблемот, според Лазаров, е во тоталната партизираност на општеството, кое им дава шанса на најпослушните наместо на најуспешните. „Време е да прифатиме дека оваа Влада е во отворена војна со интелигенцијата во својата сопствена земја. Тоа е војна помеѓу Глупоста и Моќта од една и Интелигенцијата и Правдата од друга страна, и постои само една алтернатива за победник“, заклучува тој.

Со Лазаревски се согласува и Елена Б. Ставревска, која е докторант на политички науки и истражувач во областа на мировни студии на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Таа има искуство и како научен соработник на Универзитетот во Торонто и во Институтот за европска политика во Берлин. Истовремено, таа е и еден од основачите и член на Извршниот одбор на Институтот за истражување и општествени иновации – Импакт.

Нејзиното искуство говори дека ваква практика не постои, особено не во образовните системи кои ги земаме како позитивен пример. „Во Северна Америка, на пример, постојат стандардизирани испити за прием на универзитет и на постдипломски, но во никој случај не се администрирани од државата, со нивното полагање студентот не губи ништо и што е најважно годините на школувањето не се сведени на пет прашања“, вели Ставревска.

Елена Б. Ставревска, докторант на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта | Фото: Е. Б. Ставревска

Елена Б. Ставревска, докторант на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта | Фото: Е. Б. Ставревска

Со државниот испит, според неа, се промовира кампањско учење, се девалвираат професорите и целиот образовен систем и на никој начин не се подобрува квалитетот на образованието.

„Квалитетот зависи од периодот што му претходи на тестирањето, а не гледам како вака замислениот испит поттикнува подобрување во тој поглед. Да не заборавиме, во оваа замисла целосно е изземен човечкиот фактор, односно можното влијание на притисокот од таков ‘се’ или ништо’ испит врз резултатите од него. Севкупно, не гледам ниту една позитивна страна од воведувањето државен испит, особено не во општество кое со самиот Устав ја има заштитено слободата на мислата, автономијата на универзитетот и академската слобода“, вели Ставревска.

Елена Б. Ставревска и Горан Лазаревски се двајца од четворицата основачи на „Прекуграничниот комитет“, или заседанието на млади истражувач(к)и од Македонија. Станува збор за веб платформа на која „одлеаните мозоци“ од Македонија ги насочуваат своите знаења, вештини и искуства кон македонската јавна дебата.

Младите македонски научници во нашето општество гледаат криза на легитимитетот, институционализирање на авторитарни тенденции, корупција и клиентелизам, драматично нарушување на медиумските слободи, пролонгиран екомонски пад и меѓународна изолација.

 

Даниела Ременска, пак, која е на докторски студии на Универзитетот во Амстердам, а има дипломирано на Универзитетот за технологија во Ајндховен, и чиј научен труд неодамна објави НАСА, а редовно соработува со ЦЕРН во Швајцарија, се согласува дека треба да постои некој начин на проверка, меѓутоа неприфатливо е Владата да бира кој ќе ја врши таа евалуација.

„Во Холандија не постојат такви државни испити на универзитетско ниво (освен политехнички струки), но она што постои се таканаречени екстерни евалуации, или ‘посети’. Тие најмалку се насочени кон ‘коригирање’ на работата на студентите. Напротив, обично тоа се прави со цел факултетските оддели да имаат надворешна контрола на квалитетот на работата“, вели Ременска.

Даниела Ременска, докторант на Универзитетот во Амстердам | Фото: Д.Ременска

Даниела Ременска, докторант на Универзитетот во Амстердам | Фото: Д.Ременска

Таа додава дека обично прво се прави самоевалуација, а потоа група надворешни соработници, обично од други земји, го посетуваат одделот, разговараат со студентите, прават преглед на дотогашните испити и резултати итн . и конечно, тие пишуваат извештај за тоа.

„Искрено, не знам дали и колку во Македонија таквата екстерна евалуација воопшто постои. Секоја сериозна академска установа би требало да сака да добива (експертска и објективна, не паушална) конструктивна критика, за да биде во чекор со квалитетот на образованието што го нуди. Ако Министерството за образование индицира дека квалитетот на работата на универзитетите е на незадоволително ниво, тогаш тоа треба експлицитно да го поткрепи со анализи. Да видам – да не верувам дека во суштината на проблемот се навистина ’мрзливите и неспособни’ студенти“, заклучува Ременска.

Реформата на македонското Mинистерство за образование предвидува да се полага државен испит најмалку два пати во текот на студирањето, еднаш во втора и еднаш во четврта година. Првите две полагања се бесплатни, а потоа ќе се наплаќа. За третото 1.000 денари, за четвртото 6. 000, за петтото и натаму 12.000 денари. Испитот ќе се снима и ќе се пренесува во живо на интернет, ќе содржи пет прашања од секој предмет поединечно со четири понудени решенија од кои едно е точно.